Контраспин: Османи со различен аршин за Венцијанската комисија сега и пред две години

14.12.2019 00:37
КОНТРАСПИН: Османи со различен аршин за Венцијанската комисија сега и пред две години

Забелешките на Венецијанската комисија околу Законот за употреба на јазиците деновивe подигнува доста прав во политичкиот живот кај нас. Ситуацијата, пред сè заради фактот што за чeтири месеци веројатно ќе имаме предвремени парламентарни избори, дава сериозна тежина и на меѓунационалните односи во земјава. Дали таа состојба можеше да не се предвиди во мигот кога се пристапи кон носење на Законот и дали при тоа носење на правниот акт немаше априорна согласност дека идната одлука на Комисијата ќе има „хипотекарна“ тежина, која сега се негира или апстрахира?

Вицепремиерот Бујар Османи по повод последната одлука на Венецијанската комисија за Законот за јазици и најавите на премиерот Зоран Заев дека ќе има измени на Законот, го изнесе следниот заклучок:

СПИН: Секое надгласување на македонските судии на албанските во Уставниот суд за Законот за јазици, секој обид на Министерството за правда да направи измени без усогласеност на целата влада и без консензус во Собранието е поместување на македонско албанскиот баланс кој се воспоставува со Законот за јазици и ќе отвори маѓепсан круг и спирала што ќе не помести од патот по кој сме тргнале.

Според вицепремиерот „секое отворање на Законот за јазици со кој се затвориле прашањата од Рамковниот договор ќе не врати пред 2001 година“.

На 5 декември Османи замина во Венеција (според неговиот напис на Фејсбук), за да ги брани ставовите на Владата:

во име на Владата ќе го претставам ставот дека законот е автентична рефлексија на Рамковниот договор но и на потребата за создавање Европска мултиетничка и функционална држава

[Извори: Сител; 360 степени; Либертас; датум: 21.11.2019]


КОНТРАСПИН: Иако последните денови има обиди изјавите на одговорнитe политичари да бидат симнати за некоја октава, факт е дека оценката на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците не е ниту сосема наивна и не е без тежина за натамошно функционирање на правната држава. Главната опозициска партија ВМРО ДПМНЕ најави поднесување на амандмани за менување на споменатиот Закон врз основа на официјалниот документ што треба да дојде од Венецијанската комисијата. Партијата ДУИ во мигот инсистира на фактот дека Закон за употреба на јазиците е еднаш донесен и дека нема процедурални можности истиот да се редефинира или да се менуваат некои детали во неговата содржина, при што, на истиот му се дава меѓународно правен карактер (Османи), или има повикувања на Бадинтер (Џафери) за да нема промени во таа насока.

Што покажува хронологијата на донесување на Законот за користење на јазиците? Дали тука има јасни недоследности во однос на проценката и моќта на Венецијанската комисија? Акцентот го ставаме на изјавите на Бујар Османи, потпретседател на Владата на РМ, како највисок владин функционер од редовите на ДУИ, потоа како надлежен за евроинтеграциите, а конечно и како лично присутен на последната сeдница на Комисијата, како што видовме од тв екраните.

Најнапред, Владата кога го усвоила Предлог законот за јазици ја отворила можноста за влијание на Венецијанската комисија и во записникот од таа седница не стои дека имало отпор при носењето на ваква таодлука:

Владата на Република Македонија вечерва ја одржа својата 20-та седница, со која претседаваше Заменичката претседателка на владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

На седницата владата го усвои текстот на Законот за употреба на јазиците кој произлегува од усогласувањето на националната програма за усвојување на правото на Европската Унија. Откако законот ќе биде усвоен во Собранието на Република Македонија, Министерството за правда, преку Министерството за надворешни работи, ќе го достави законот и отворените прашања кои не се дел од овој закон, до Венецијанската комисија и ќе побара мислење за пакетот законски решенија.

За таа одлука е информирана и Eвропската комисија, при усвојувањето на Предлог-законот за употреба на јазици од Владата во септември 2017 година, кога се соопшти дека „законското решение треба да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија“.

ЕК е информирана дека Владата го усвои предлог-законот за употреба на јазиците и дека планира да го достави до Собранието. Го поздравуваме фактот што Владата во својот план „3-6-9“ се обврза да се консултира со Венецијанската комисија за нацрт-законот и очекуваме дека ќе се разгледаат препораките на таа комисија, изјави тогаш за „Мета“, Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија

На таа тема имаше и многу други написи. Така, на пример, порталот МКД.мк информираше:

На прашање дали Европската Унија инсистира да се усвои и да се имплементира ваквиот закон, Коцијанчич вели дека законското решение треба да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија.

Го поздравуваме фактот што Владата во својот план „3-6-9“се обврза да се консултира со Венецијанската комисија за нацрт-законот и очекуваме дека ќе се разгледаат препораките на таа комисија, вели Коцијанчич.

Од изнесеното се гледа најпрвин дека Владата го усвоила Законот со резерва во однос на некои одредби (!). Потоа дека немало резерви за таквиот став на Владата кај ниту еден функционер во нејзините редови и конечно дека ставот на Венецијанската комисија не е неусловен! Како таков го смета и Европската комисија!

Дали во тоа време вицепремиерот Османи искажал свој став? Па, во интервјуто дадено за „Макфакс“ во јули 2017 година, вицепремиерот Османи вели дека:

препораката на комесарот Јоханес Хан била законот за употреба на јазиците да биде претходно оценет од Венецијанската комисија, па потоа да оди на усвојување, со цел да се спречи можноста законот во иднина да биде оспорен пред Уставниот суд.

Ова секако јасно укажува .дека со носењето на Законот за јазици се избрзало – неговиот текст требало целосно да оди најпрвин пред Комисијата, а на Османи уште тогаш му било јасно и зошто, факт кој денес се пренебрегнува, односно се говори само за опасност од надглсување на „македонските уставни судии врз албанските“.

Од изложеното јасно произлегува дека вицепремиерот Бујар Османи се обидува да ги изврти ставовите изнесени пред две години, односно да ја спинува вистината и денес да говори од позиции што го прават недоследен и непринципиелен.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер