Меѓник на иновативноста

14.12.2019 01:49
Меѓник на иновативноста

Во 1996 година Националното друштво на филмските критичари на САД му ја додели наградата за „Архивски заслуги“ на филмот „Јас сум Куба“ на грузискиот режисер Михаил Калатозов. Во 2007 година, од светската асоцијација на филмски сниматели, истиот филм го доби признанието за „Историско снимање“ (главни сниматели беа Сергеј Урусевски и Александар Калцати). Не би било ништо чудно доколку не се работи за филм снимен пред 55 години, односно во 1964 година. Филм кој дури по неколку децении од неговото снимање добива признанија и влегува на листите на најзначајните филмски остварувања кога и да е. Дузина познати режисери и еминентни филмски критичари, „Јас сум Куба“ го рангираат во 10-те најзначајни остварувања во историјата на филмот. Меѓу нив и режисероте Мајк Ли, Гаспар Ное, Мартин Скорсезе како и критичарите Питер Бредшоу и Џејми Расел.

Филмот е снимен по кубанската револуција кога комунистичкиот режим на Фидел Кастро се врти кон Советскиот Сојуз барајќи не само економска и воена помош туку и поткрепа во развојот на кубанската кинематографија. Така, на Куба е испратен режисерот Михаил Калатозов кој за потребите на снимањето добива речиси неограничени човечки, материјални и технички ресурси, но и огромна креативна слобода. Инаку, довербата што „Мосфилм“ му ја укажа на Калатозов и што му даде одврзани раце, се должи на успехот на неговиот филм „Жеравите летаат“ од 1957 година и Златната палма на фестивалот во Кан наредната година.

Омнибус според својата структура, „Јас Куба“ содржи четири одвоени приказни кои според дејствието се сместени непосредно пред и за време на револуцијата...

Михаил Калатозов

Во што е значењето на „Јас сум Куба“? Во снимателската и режисерската постапка. Со сигурност еден од визуелно најспектакуларните филмови, со зачудувачки кадри, агли на снимање и движења на камерата, во време далеку пред појавувањето на лесните камери и „стедикем“ техниката, па така снимањето на некои сцени е речиси невозможно да се објасни. Уште првите две долги сцени најавуваат снимателска сензација. Воздушната панорамска разгледница од кубански пејсажи и движењето на кубанскиот селанец со својата лотка по локалниот канал. Две долги и беспрекорно снимени сцени во еден здив. А потоа следува вистински шок со сцена која трае 4 минути и која е еден од најпедантно организираните мизансцени дотогаш видени. Имено, камерата на чудесен начин се спушта од покривот на хотелот „Кастро“ во Хавана постојано во ротација по работ на висококатницата, се до подножјето и хотелскиот базен полн со капачи, за да заврши со подводна прошетка со нурнатите туристи. Потоа следи една „Бела таровска“ долга сцена (во еден кадар, 5 мин.) во хотелскиот бар со кубанска верзија на мелодијата „Crazy love“ од 1958 год. на Пол Енка. Не можам а да не ја споредам со сцената од филмот „Проклетство“ на Бела Тар (1988 година), за кого несомнено инспирација била спомнатата сцена од „Јас сум Куба“...

А ова е само почетокот на филмот, неговата 20-та минута! Луда кубанска музика и барем ито толку луда камера помеѓу разиграните гости во барот. Но, за да нема недоарзбирања... филмот во оваа прва четвртина има своја приказна... за развратот на американските морнари по улиците на Хавана, за изнудена проституција на младите кубанки и за империјалистичката пракса на американците, да се одземе од кубанскиот селанец се што носи профит...

Во дидактичка смисла филмот е во најдобрата традиција на социјалистичкиот реализам. Отпор на угнетените и револуционерен дух на студентите. Треба да се спомне и тоа дека не случајно филмот е работен според текстови на рускиот бунтовник и конформист Евгениј Јевтушенко. „Јас сум Куба“ е антиамерикански пропаганден филм, снимен како кубанско-советска копродукција, кој жанровски денес се чини и наивен. Но, од друга страна, сите други „филмски“ елементи го ставаат во супериорна креативна позиција, во самиот врв на светската филмска продукција. И не случајно Мартин Скорсезе и Френсис Копола се нафатија на реставрирање на филмот и спас од заборав.

...Втората четвртина од филмот носи поинаква визуелна магија, овојпат од плантажите на шеќерна трска, пасторални секвенци зајдисонца, прошетка со камерата по бујната вегетација со долги (но никако здодевни) кадри, крупни планови на ликовите...за да кулминира со жестока реакција на „гневната“ камера и гневниот земјоделец кој ја пали сопствената плантажа.

...Се селиме во револуционерната Хавана, предвечерие на падот на диктатурата на Фулгенцио Батиста. Студентските немири низ објективот на камерата со извонредни секвенци на урбаната Хавана. И тука снимателите користст широки крански перспективи, различни филтри и речиси бизарно експериментални агли на камерата. Како сите од екипата да заборавиле на пропагандната функција на филмот и се преселиле во чиста естетика. Сцените на судирот на полицијата со студентите се во најдобриот манир на ејзенштајновиот „Крстосувачот Потемкин“. Во епската погребна сцена, камерата која од улицата се искачува по балконите, влегува во работилницата за пури и ненадејно „полетува“ во меко „возење“ над процесијата... А тогаш сеуште не постоеше стедикем и дронови!

Факт е дека политиката и пропагандата во филмот не се ни половина од радикалноста на неговата уметност. Калатозов очигледно е далеку по вљубен во филмската естетика. Дури и последната приказна од филмот, која се занимава со новата Куба, со Куба на Кастро, го изневерува пропагандниот елемент. И тука визуелното е над идеолошкото. „Јас сум Куба“ всушност претставува високо стилизиран историски документ, серија од врвно кореографирани единечни секвенци со ефект на драма-doc vérité.

На овој запоставен класик со полно право местото му е во друштво на ремек-делата на Фелини, Куросава, Бергман, Тарковски, Ејзенштајн, Жак Тати и Жан Виго.

Можеби ќе звучи чудно, но на иновативно-естетски план „Јас Куба“ го доживувам како кубански „Dolce vita“.

Извор: Филм+

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото