За задолжувањата на државата не се расправа како пред гранапче

16.12.2019 00:15
За задолжувањата на државата не се расправа како пред гранапче

ВМРО-ДПМНЕ излезе со став за задлжувањата на актуелната влада, во кој има очигледен спин:

Спин: Расипништвото на Зоран Заев и Нина Ангеловска ги чини граѓаните 914 милиони евра за три години. Зоран Заев и Нина Ангеловска во само еден ден ја задолжија државата за нови 300 милиони евра. Со што вкупната сума за која ја задолжиле државата скокна на 914 милиони евра. Долгот порасна, а инвестиции нула. За цели 10 месеци од годинава власта реализирала само 40% од предвидените капитални инвестиции, односно 36% да не го направеа ребалансот…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – соопштение/веб страна – датум: 13.12.2019]

Контраспин:

ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение/став/изјава, спинува, т.е. ја извртува вистината по прашањето на „расипништвото“ на Зоран Заев и Нина Ангеловска преку прашањето на задолжувањето и вкупниот долг на државата, истакнувајќи еднострани податоци.

Прво и основно, кога се расправа за долгот што го има државата, тој не може да се преставува во апсолутни бројки, на пример „се задолжиле за толку и толку“ или во случајов за 914 милиони евра. Второ, најдобро е да се гледа јавниот долг, а да не зборуваме за сегементираните делови какви што се гарантиран, негарантиран долг, колку е и во која валута, колку е на домашниот пазар, колку на странскиот, па од кој извори е земен, за што е земен долгот, итн, итн.

Државите, се разбира, се задолжуваат за разни работи, но нивото на задолжувањето се гледа не само во бројки на позајмени пари, туку и во бројки на вратени пари. Тука најважни се процентите, односно колку државата се задолжува во однос на бруто-домашниот производ, односно БДП и по таа основа се категоризира состојбата со долгот – малку задолжена, средно задолжена или високо задолжена земја.

Во Северна Македонија состојбата одамна се карактеризира како средно задолжена земја, а процентот се внимава да не порасе над 50 отсто од БДП. Таква е состојбата и во изминатите не три, туку 2,5 години откако е на власт коалицијата на СДСМ и ДУИ, т.е. владата на Зоран Заев.

Тоа многу добро може да се види од податоците на сајтот на Министерството за финансии, односно од графиконот со состојбата на јавниот и државниот долг во изминатите години за кои спинува ВМРО-ДПМНЕ, но, исто така, може да се види и колку тој драматично растел особено од 2013 до 2016 година.

Состојба на долг. Извор Миинистерство .за финансии

Според овие податоци се гледа дека од 2017 до третиот квартал 2019 година задолжувањето се движи помеѓу 47 и 48 отсто од БДП (јавен долг), а било и 46 отсто и вистина е дека има сосема благ пораст кој е вкалкулиран и во плановите на владата. Но, се гледа и дека и во 2017 било 47,7 и со последните податоци е 47,7 отсто.

Гледано според апсолутни бројки можеби е точно дека вкупно се задолжиле околу 900 милиони евра, но таа бројка ништо не значи, зашто не е појаснето колку од тие пари државата се раздолжила или непосредно во наредните месец, два… треба да се раздолжи, ниту, пак, за што се земени задолжувањата (како она на пример од близу 200 милиони евра од Кина за довршување на автопатот од Кичево до Охрид, кој нели требаше да чини нецели 400 милиони додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ).

Впрочем, задолжувањето на домашниот пазар преку хартии од вредност или обврзници е редовна и тековна состојба според календар и државата дента кога се задолжува, веќе утредента со најголем процент од задолжувањето се раздолжува за доспеаните обврски.

Што се однесува до задолжувањето на странските пазари, на пример, со последната евробврзница од околу 500 милиони евра, веќе беше појаснето уште од претходниот министер за финансии, дека таа е издадена по проценка дека каматите за задолжувањето се најповолни, а со добиените пари, дел од нив, ќе се враќаат старите задолжувања кои се земени со многу повисоки камати и чии рок за доспеавање следи во иднина.

Без долнително да го оптоваруваме читателот со детали, ако се погледнат сите релевантни документи од Министерство за финансии, како што е Состојбата со долгот, Годишните извештаи, Фискалната стратегија за задолжување или пак извештаите и проценките на Народна банка, тогаш е сосема јасно дека ставот/изјавата од ВМРО-ДПМНЕ околу расипништво поради задолжување на актуелната влада, е извртена вистина, т.е. спин.

________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: https://vistinomer.mk