1022 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 12:59
Кон изложбата на Анета Попова, „Квадрати на постоењето“; галерија Акантус, 12‒14 декември 019 година.
Анета Попова пред неколку дена (од 12 до 14 декември во галеријата Акантус) ја направи една од најдобрите изложби во 2019 година во Скопје. Нејзиниот основен медиум за изразување е керамиката, т.е., во случајов, „концептуалната керамика“, како што вели самата. На изложбата насловена „Квадрати на постоењето“ таа претстави 23 керамички парчиња (25-сантиметарски квадрати), пет принта со истата димензија, видео запис во кој зборува за своето дело, и една аморфна глинена квази скулптура (насловена „Допри ме!“) која ние посетителите можевме да ја допираме и гмечиме.
Да, мултидимензионалноста и преплетот на различни „писма“ ја прават изложбата концептуална. Дури и самите керамички дела можат да се третираат истовремено како цртежи, дневнички записи, скулптури, објекти... Квадратите закачени на ѕид можат да бидат цртежи зашто се речиси плошни; во секој од нив се врежани засеци / траги / пукнатини / отисоци ‒ своевидна мистериозна и нежна азбука. „Азбука“ која можат да ја читаат и слепи, преку допир. Но, врз секој квадрат има и конвенционален текст, во ракопис, на авторката, кој внесува нови слоеви и дополнително ја поетизира целата слика. Релациите меѓу материјалот (глината), површината и различните „писма“ се фасцинантни и создаваат „бранувања“, емотивни и интелектуални, кај гледачот (во текстот за изложбата Анета вели: „Би сакала квадратите да се видат, почувствуваат, слушнат, како мали внатрешни катарзи, кои ќе поттикнат бранување“).
Зошто мислам дека изложбата е важна? Отвора важни прашања за односот меѓу уметноста и природата, случајноста и намерата, мигот и сеќавањето, сонот и јавето, допирот и сликата, изреченето и неизреченото, јазикот и телото, јазикот и текстот... Притоа Анета тоа го прави ненаметливо, суптилно, лирично, а сепак, истовремено, прилично снажно, прецизно и доследно. Диво, во некоја рака („вештерски“), а умно и нежно.
Анета Попова е на трагата на она што го вели В. Џ. Т. Мичел во исклучителната книга „Што сакаат сликите?“: „ Поезијата (како ’создавање’, или poiesis) е основата на ликовната претстава. Самите слики се производи на поезијата, а слико-поетиката им се обраќа на сликите, како што тоа го предложи Аристотел, како да се живи суштества, друга природа која луѓето ја создале околу себе.“ Мичел тргнува од констатацијата на филозофот Нелсон Гудмен: „Сликите се начини за создавање на светот, а не само начини на огледување на светот“. И потсетува на зборовите на Даглас Кримп во текстот „Pictures“: „Ликовното не е ограничено на некој посебен медиум: наместо тоа, ликовното ги користи фотографијата, филмот, перформансот, како и традиционалните форми на сликите, цртежите и скулптурите... Подеднакво е важно (...) сликата во својата вербална форма може да реферира на ментален процес како и на произведувањето на некој естетски предмет.“
Освен поетичноста, значи, како средишна особина на квадратите на Попова, ми се свиѓа неомеѓеноста на нејзиниот ликовен израз, нежното разбивање на јасните жанровски форми; квадратите, од една страна, се јасни апстрактни слики, а од друга речиси можат да се третираат како дводимензионални песни. „Писмата“ притоа се испреплетуваат ‒ а работата совршено функционира! (На едно место Дерида го споредува Фројд со Шамполион, оној што го дешифрира односот меѓу сликите и писмото. „Во сон говорот ги менува целта и статусот како текстот во стриповите, оние пиктохиероглифски комбинации во кои фонетскиот текст е секундарен во раскажувањето на приказната“, вели Сузана Милевска во книгата „Мамузи; стиловите на Ниче“,1994.) „Квадратите на постоењето“ наредени во фризови/стрипови ја привикуваат и сликата/метафората на восочна табла, која Фројд ја користи за да го опише механизмот на несвесното. Иако квадратите се испечени и цврсти и наизглед неуништиви тие сепак, во ракописот на Анета, ја чуваат трагата на кревкоста, непостојаноста, и затоа асоцираат и на восочна плоча, нивната претходна инкарнација. Трагата станува видлива со сопственото бришење. Всушност, не е ни видлива ни невидлива; избришана од површината, трагата останува во внатрешниот восочен слој.
Изложбата на Анета ми се свиѓа и зашто ме натера одново да го читнам Жак Дерида, врвниот форензичар, експертот за траги. Штом влегов во галеријата и ги видов квадратите на памет ми падна Дерида кој еднаш рече: „Сликарството е сеќавање на слепите“, опишувајќи го концептот на изложбата која самиот ја уреди во Лувр кон крајот на 1990 година, под наслов „Сеќавањето на слепиот (автопортрет и други руини)“. Надоврзувајќи се на некои идеи на Хајдегер, за потеклото на уметничката работа, Сузана Милевска (посветена и прецизна преведувачка и коментаторка на Дерида) пишува за засекувачките (калемарски) стратегии на славниот деконструктивист: „Дерида ги употребува сите можни трикови, автопластично, хомеопластично или хетеропластично накалемува зборови на други зборови, букви на други букви, цртежи на текстови и слично. Зборовите и текстовите за него кријат пукнатина во срцето на сопствениот идентитет, еден расцеп, пресек, ’единствена спрега меѓу нацртот и тлоцртот, процртот и отцртот’“.
Концептот на Анета Попова, трагите, отисоците, пукнатините, засеците, лузните (трагилузните, врисотисоците...), нацртите, тлоцртите, процртите, отцртите ‒ водат кон Дерида, несомнено, но и кон Делез (или кон Кафка, кон расказот „Казненичката колонија“, да речеме). На пример, ми се чини дека Анета паметно и осетливо, во својот израз, ја допира разликата меѓу јазикот и текстот, еминентната тема на Делез и Дерида. Гестовите, засеците, предвербалната структура, тие не се атекстуални или непроѕирни ‒ тие се друг текст. Тие се предвербална структура на некој психички текст, вели Дерида. Тој вели дека предвербалното постои, но тоа не е атекстуално, ниту е просто осет или афект... Структурата на јазикот е напуштање на телото. Јазикот секогаш на некој начин го напушта телото, истекува од него, се одвојува... Но, вели Дерида, постојат толку начини да се „напушти телото“. Немаме избор помеѓу напуштањето и останувањето, туку само помеѓу различните искуства на „напуштање на телото“.
„Трагата е еден начин на исклучување од телото, на напуштање. Трагата останува, иако не перманентно, веќе со тоа што се одвојува од телото. Таа му припаѓа на телото, таа е тело, но таа е делот кој се одвојува од телото. А искуството всушност е искуството на тој ’остаток’ кој се одвоил за да... ‒ парче од вашата кожа, дел што станува текст.“ (Дерида во книгата „За Москва во обата правци“, во разговор со неколку руски филозофи; од таа книга се земени и другите цитати на Дерида во текстов.)
Анета Попова засекува, отиснува, но и лови траги, туѓи засеци, други тела и структури... Во малиот каталог за изложбата самата вели: „Отсекогаш сум се обидувала да се доближам доволно блиску до точката каде што се допираат човекот како општествено битие и човекот, едноставно, како живо битие. Да го осетам вистинскиот пулс на тој човек сплотен во единство. И покрај сите обиди и самата да се поврзам во едно, сепак, најчесто сум се доживувала одделено, расцепкано на фрагменти од различни и раздвоени реалности. Тоа ќе ѝ го препишам на својата аспергерова природа, но секој од нас, и Вие што во моментов го читате овој текст, е во константен судир со двете човечки реалности, во обид да (ре)конструира стварност која ќе се смета за своја. Притоа, обединувајќи ги и сите напластени трагови во истиот комплексен колаж. “
„Квадратите на постоењето“ можат дури да се наречат и скарификации (темата на „Казненичката колонија“), заради снажната присутност на телото, нагласена и од Анета: „Квадратите се сегменти од нашето човечко ткиво со сета своја несовршеност и сите отисоци што движењето низ времето ни ги расфрла по кожата.“ Во речникот Ларус се наведени три значења на поимот „скарификација“. Првото се однесува на дрвјата, кога се засекување на кората на дрвото со цел да се спречи/пресече кружењето на соковите во близина на плодовите. Медицинското значење се однесува на засекувањето со кое се овозможува истекување крв или серум. Во антропологијата скарификација е обредно жигосување на телото во одредени традиционални општества. Денес терминот скарификација често се применува за случаите на адолесценти со невротичен ментален склоп, кои себеси се засекуваат по кожата, а психијатрите го претпочитаат терминот „самоповредување“.
Најпосле, керамичките плочи на Анета Попова се ваби, една мошне посебна убавина за која Јапонците смислиле посебен збор. „Зборот значи многу нешта, но најголемиот број Јапонци знаат што е ваби кога ќе го видат“, вели Џереми Тарчер. „Општо, зборот означува вид груба спонтаност, онаква каква што може да се види во еден рустичен раку сад или некаква минималистичка калиграфија на стар мајстор.“ Ми се чини дека ваби истовремено е и убавина и негација на убавината како канон. Нешто како невидлива убавина. Нешто неизречено (да му се вратиме на Дерида) кое е во релација со изреченето или попреченото; тоа не е ништовно, не е неутрална празнина или не-јазик, не е надвор од реченото или напишаното... Станува видливо само во својата невидливост, и дотолку станува речиси застрашувачки убаво. „Оти, што е убавината ако не токму почеток на страшното, кому толку му се восхитуваме само зашто левтерно нејќе да нè уништи...“
На фотографиите: „Квадрати на постоењето“, концептуална керамика; Анета Попова, 2019