Еп за живеењето

16.12.2019 14:39
Еп за живеењето

Невидливиот живот на Евридика Гузмао
Режија: Карим Ајнуз, улоги: Карои Дуарте, Јулија Стоклер, Фернанда Монтенегро, кинематограферка: Елен Лувар, (Бразил/Германија)

Главната програма на годинашново издание на фестивалот „Браќа Манаки“, барем што се однесува до кинематограферските остварувања, понуди сосема избалансиран квалитет. А дека филмот не е само слика, ниту само приказна, ниту само актерство, туку сплет од овие и други елементи, најдобро го покажа токму „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“. Беспрекорно филмско дело од сите аспекти.

Турбулентните социјални прилики во Рио Де Женеиро и ширум Бразил во педесетите години од минатиот век, е просторното и временско милје на филмот. Двете сестри (Евридика и Гвида) се постојано под товарот на традиционализмот, патријархалноста и семејните проблеми. Различни во амбициите и светогледот тие сепак се цврсто врзани и блиски. Евридика е талентирана пијанистка со амбиција да студира во Виена...Гвида лесно се вљубува и носи дете од човекот кој ја напуштил...
Мириса на мелодрама. Ликови, карактери и ситуации кои навестуваат полупатетичен развој на настаните, некаква банална јужноамериканска приказна за две сестри на кои соништата не им се остваруваат...

Но, уште првите 30 минути веќе ја менуваат можната погрешна перцепција. Најнапред тоа е поинквиот начин на портретирање на ликовите. Не само поради беспрекорните крупни кадри или непогрешливите широки планови, туку пред се поради сензибилитетот на сликите, поради топлите бои и суптилното осветлување. Како некоја мека варијанта на Фрида Кало која пак е во контарст со тематски темните валери, со матната социјална стварност и интимните премрежија на ликовите. Секако, заслуга на снимателката Елен Лувар.

Така, режисерот Ајнуз создава зачудувачка атмосфера во која ги комбинира портретите на ликовите и портретот на бразилското општество. Со филигранска прецизност, без ниту минута празен од (филмот трае 140 мин.) Ајнуз не води низ магичен лавиринт од судбини, емоции, копнежи... испишувајќи го епот за живеењето. Затоа и многу поетика, лиризам во неговото раскажување. Крајот на филмот пак, е вистински блесок.

„Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ е филм кој промовира еден оригинален, би се осмелиле да кажеме, и нов авторски сензибилитет толку присутен во јужноамериканската култура, особено во литературата. Тоа е раскошен филм без гламур.

Иако на фестивалот во Кан филмот ја доби главната награда во селекцијата „Извесен поглед“, се чини дека тоа како да немаше особено влијание врз жирито во Битола кое сосема заслужено Златната камера 300 за најдобра снимателска работа и ја додели на кинематограферката од Франција Елен Лувар.

 

                                                       ***** (5)

Извор: Филм+