,,Not your toy!“ - групна изложба на тема трговија со луѓе

17.12.2019 01:06
,,Not your toy!“ - групна изложба на тема трговија со луѓе

На 17 декември (вторник) во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, со почеток од 20 часот, биде отворена групната изложба насловена ,,Not your toy!“, на тема трговија со луѓе.

Се работи за истражувачко- уметнички проект, чија основна цел е подигање на свесноста кај сите генерации, со посебен акцент на помладите, не само за значењето, туку и за начините на трговија со луѓе, како и разните видови кои постојат, сé со цел да дојде до навремено спречување.

Преку оваа групна изложба, своите размислувања, ставови и гледишта на оваа тема, симболично претставени преку насловот ,, Not your toy!“, ќе ги претстави група од вкупно деветмина млади автори, секој разработувајќи ја оваа сериозна тематика на свој индивидуален, уникатен и само нему својствен начин, онака како што ја доживува. Со други зборови, селектираните уметници во својот творечки вокабулар користат елементи што одговараат на главниот дискурс на замислениот и однапред зададен концепт, притоа, секој од нив, разработувајќи ја темата на различни начини и од различни перспективи, експериментирајќи со различни медиуми, за кои не постои зададено ограничување, со цел што подобро да се долови експресијата и индивидуалната критика кон суровоста на самиот чин од кој на еден или друг начин сме опкружени секојдневно. Така, изложбениот простор ќе биде исполнет со слики, цртежи, колажи, фотографии, инсталации и реди- мејд објекти, дела кои целосно соодветствуваат со самата тема.

„Се одлучивме да реализираме една групна изложба со ваква тематика, првенствено со цел не само да ја подигнеме свесноста помеѓу младите, туку и да помогнеме што повеќе во процесот на спречување на овој вид криминалитет, во чија замка, со желба за авантура и подобар опстанок, паѓаат сѐ поголем и поголем дел од младите, наивни индивидуи“, се вели во воведниот текст за изложбата.

Оваа изложба е замислена како една почетна фаза од поголем и покомплексен проект кој подробно ќе ја третира оваа проблематика во текот на следните неколку години.

Куратор и автор на проектот е Ангела Витановска, историчар на уметност, а учествуваат:
Кристијан Тодоров, Ана Јовановска, Давид Атанасоски, Ивана Самандова, Јана Николовска, Марија Трајаноска, Тамара Антевска, Ангела Савевска, Христина Мазнеска

Проектот се реализира со поддршка од Ј.У. Дом на култура ,, Кочо Рацин"- Скопје и Град Скопје.

 

 

ОкоБоли главаВицФото