ЕУ река (1): Европа како слонот од приказната

17.12.2019 17:54
ЕУ река (1): Европа како слонот од приказната

 

„ЕУ река“ ќе биде рубрика посветена на ЕУ и на Европа. Но, бидејќи темата е мошне слоевита, ќе се обидеме да се концентрираме на некои аспекти од темата: приближувањето на Македонија до Европската унија, но првенствено во културна и вредносна смисла, со афирмирање на, според нас, клучните европски вредности: политичките слободи (кои се темел на демократските институции), личните слободи (што ја потврдува способноста на поединецот за етичка автономност), хуманизмот, еднаквоста (која изискува пред законот сите да бидат еднакви), човечкото достоинство (кое го потврдува ненарушивиот интегритет и вредностите на човечката личност и е погонска сила зад која сега стои глобалната борба за човекови права), општествена правда (која инсистира на тоа заедницата да има морална обврска да им помогне на сиромашните и унесреќените) итн. Во рубрикава ќе ги портретираме важните личности од историјата на Европа кои придонеле за воспоставувањето на овие вредности. Ќе ги следиме и новите добри европски практики и политики кои ќе ја доближуваат нашата земја до ЕУ.

Ќе се потрудиме да бидеме информативни, на моменти едукативни, ама и забавни. Текстовите ќе ги подготвуваат Никола Гелевски и Фросина Крушкаровска. Анимираните гифови, со кои ќе ги илустрираме текстовите, ќе ги прават Александар Јосифовски, Мирјана Лозановска и Димитар Грчев.

ЕУ не е река (иако е во постојани промени, и во таа смисла името на нашата рубрика потсетува на славната констатација на Хераклит: „Не можеш два пати да влезеш во иста река“). ЕУ, а и самата Европа, можеби повеќе наликуваат на слонот од индиската приказна, кога група слепи луѓе се обидувале да сфатат како изгледa слонот - допирајќи го со раце. Секој од нив допрел друг дел од слоновското тело, та така еден, кој ја допрел неговата нога, заклучил дека слонот личи на дрво; друг, допирајќи го опашот, заклучил дека слонот личи на змија, итн. Тоа, според некои верзии на приказнава, предизвикало кавга и тепачка помеѓу луѓето кои ги слушале различните мислења за изгледот на слонот.

Гиф: Димитар Грчев и Александар Јосифовски

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото