Нека ни е честит Свети Блаже Конески!

19.12.2019 12:52
Нека ни е честит Свети Блаже Конески!

За многумина од вас денеска е Свети Никола.
За мене е Свети Блаже Конески.

На денешен ден во прилепско Небрегово се има родено великанот. Џинот - а не „џуџето“, како што го нарекуваа лажните патриоти кои сега ги злоупотребуваат и извртуваат неговите пораки.

Ете, за мене Блаже Конески е светец! И тоа не само светител на македонистиката, како творец на азбуката, правописот, речникот, граматиката, историјата на македонскиот јазик... (три точки, зашто тешко се добројува).

Блаже Конески е и светител на славистиката, на прозата и поезијата, и на преведувањето, препејувањето и приредувањето, и на педагогијата, и на науката и академијата (основач и прв претседател на МАНУ), и на драматургијата и новинарството, и на просветата, културата, па и на антифашистичката пропаганда за време на НОБ.
И затоа вечер ќе си го славам Свети Блаже Конески, а не Άγιος Νικόλαος (од νίκη – победа и λαός – народ), заштитникот на морињата кој стана инспирација за „Дедо Мраз“.

Вие славете си го Свети Никола (победникот-на-народот), јас ќе си го славам нашиот народен и прероден победник Свети Блаже Конески – Џинот од Небрегово.

Свети Блаже кој пред повеќе од половина век напиша дека „Никој не избира во кој народ ќе се роди“ и „Секој е вклучен во историски контекст“.

Ќе го славам Свети Блаже Конески, зашто беше дел од „прогресивните сили, оние што сакаат да внесат свест во историскиот процес...“ водејќи се од „принципи што ги надминуваат теснонационалните рамки и што придонесуваат за послободниот растеж на човекот“.