1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Преземено од Дојче Веле
Младите во Северна Македонија на возраст од 15 до 35 години се некаде меѓу апатија, оптимизам и разочарување, како што укажува и насловот на студијата на Вестминстер фондацијата објавена денеска. Просечниот млад Македонец не е многу среќен од тоа каде живее, очекува поголеми промени, но истовремено не знае што тој може да преземе за тие да се случат, ниту пак колку време ќе биде потребно за нив; ги сублимира резултатите Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум која е партнерска организација во спроведување на истражувањето.
Во обемната студија „боде очи“ изразениот конзервативизам на младите луѓе во земјата. Со исклучок на групата меѓу 15 и 18 години, сите останати старосни групи изразуваат ставови од кои произлегуваат силна авторитарна свест, хомофобија и непочитување кон жените.
Рекордни 84 проценти од анкетираните млади луѓе во Северна Македонија сметаат дека на државата ѝ е потребен лидер со „цврста рака“. Но што точно подразбираат под „лидер со цврста рака“ е нејасно. „Можеби на некое ниво се мисли на стабилни институции и заедница во која општеството ќе функционира непречено", толкува Спировска од МОФ. „Можеби младите не бараат цврста рака, туку функционален систем“, вели таа.
Студијата низ бројки:
84% сметаат дека на државата ѝ е потребен лидер со „цврста рака“;
59% сметаат дека за припадниците на ЛГБТ заедницата не треба да има место во политиката;
64% гласаат на избори;
90% никогаш не биле дел од граѓанска или невладина организација;
70% очекуваат земјата да стане членка на ЕУ до 2025;
7% велат дека се членови на политичка партија, а 20% се симпатизери;
Помалку од една третина (31%) сметаат дека државата оди во вистинска насока;
36% сметаат дека земјата за пет години ќе биде подобро место за живеење;
63% сметаат дека сите политички партии се исти;
84% најчесто го користат Фејсбук;
35% од младите се информираат за политичките случувања на социјалните мрежи, а нешто помалку од 33% од телевизија;
Преку весник се информираат 0,5%, а преку радио 0,1% од анкетираните млади луѓе;
29% би се ангажирале општествено или политички поради невработеност и сиромаштија, а 17% би го сториле тоа борејќи се за правда. Од патриотски причини - 2,8%;
59% проценти би си заминале од државата, во најголем дел оние на возраст од 25 до 29 години, со ниски семејни примања и кои не изразуваат припадност кон ниту една партија.
Високи 59 проценти од испитаниците сметаат дека за припадниците на ЛГБТ заедницата не треба да има место во политиката. На овој став му противречат ситни 23 отсто од анкетираните млади луѓе. Овие бројки, во комбинација со ставот на 35 отсто од испитаниците дека мажите се подобри политичари од жените, ја отвораат дилемата: на што се должи ваквото размислување на младите луѓе?
„Мојот став е дека образованието тука игра клучна улога. Иако постојат одредени подобрувања од пред 10 или 15 години, тоа очигледно не е доволно. Во голем дел од учебниците сѐ уште постојат длабоко проблематични гледишта во однос на поимањето на државата, авторитетот, семејството, родот, општествениот активизам итн.“, објаснува за ДВ, авторот на студијата Мартин Галевски. Притоа, тој наведува и други фактори: начинот на социјализација и фамилијарните вредности со кои се соочени младите во секојдневието, како и конзервативниот наратив кој се провлекува во јавниот дискурс, се исто така сериозни причинители.
Во прилог на тоа, огромни 90 проценти од младите испитаници признаваат дека никогаш не биле дел од граѓанска, или невладина организација во земјата.
Спировска смета дека оваа неактивност, односно невклученост на младите во било какви општествени процеси, исто така придонесува кон конзервативниот светоглед. „Тие никогаш немале можност да се запознаат со нешто различно. А тоа многу придонесува за градење политички ставови", вели Спировска.
Во овој дел охрабрува податокот дека со најлиберални погледи се младите на возраст помеѓу 15 и 18 години.
Гласаат, а не веруваат во промени
Контрадикторности во размислувањата и ставовите на младите испитаници има повеќе. Од една страна, 64 проценти од испитаниците велат дека гласаат на избори, а секој втор смета дека гласањето на избори нема влијание врз состојбата во државата. Парадоксот го потврдува и Галевски, кој забележува дека во споредба со младите од Западна Европа и во регионот, младите во Северна Македонија гласаат во повисок процент. „Она што е можеби уште попарадоксално е дека младите имаат тенденција да гласаат, а во исто време голем дел од нив не веруваат во моќта на својот глас“, вели Галевски.
Понатаму, 85 отсто од младите се жалат дека никогаш не биле консултирани од централната или локалната власт; осум од десет млади луѓе сметаат дека на државата не ѝ е гајле за нив, а во истовреме дури 71 отсто признаваат дека никогаш не биле општествено активни, односно само 7 отсто преземале нешто за да решат некој специфичен општествен проблем.
(Пре)големи очекувања за ЕУ
Конечно, младите во земјата имаат големи, според аналитичарите и преголеми, очекувања за влезот на земјата во ЕУ. Нивните размислувања на оваа тема, за кои и Галевски и Спировска се согласни дека се нереални, можат да предизвикаат идни разочарувања и дополнително да ја намалат довербата во државата. Имено, за поздравување е вербата на 60 отсто од младите дека земјата ќе стане членка на ЕУ. Но проблематично е што дури 70 проценти од нив очекуваат тоа да се случи во 2025 година.
„Ваквите резултати покажуваат дека младите имаат недоволно познавање на процесот на пристапување кон Унијата и прилично нереални очекувања", вели Галевски, но дополнува и дека анкетата била правена пред француското „Не“ на самитот во Брисел.
Спировска се согласува: „Добро е што младите ја гледаат Македонија како членка на ЕУ. Но најнегативен момент е времето кога се очекува да се случи членството.“ „Од една страна се стремиме кон нешто, а од друга имаме големи незнаења за начинот на кој се стига таму“, заклучува Спировска.
Меѓу бројките, податоци и контрадикциите, аналитичарите забележуваат еден тренд кој може да помогне во иднина. Имено, младите луѓе кои се општествено активно сметаат и дека можат да ги менуваат нештата во државата и со повеќе оптимизам гледаат на својата и иднината на државата. Но за тоа да се случи, Спировска порачува дека се потребни промени во образовниот систем.
„Младите мораат да ја научат нивната позиција во општеството. Мораат да знаат каква е нивната моќ, какви се нивните права, но и обврските на институциите. Нашиот образовен систем е сведен на учење на она што е во книга, не се охрабрува истражување, лично мислење, критичко размислување“.
Линк до целото истражување
https://www.wfd.org/wp-content/uploads/2019/12/WFD-Youth-NMK.pdf