ЕУ река (4): Фашизам, комунизам

20.12.2019 12:29
ЕУ река (4): Фашизам, комунизам

Зошто, тогаш, европските држави го присвојуваат правото да ги шират цивилизацијата и нормите на однесување по други континенти? Зошто не во самата Европа?
Јозеф Рот, 1937 (Juden auf Wanderschaft)

 

(...) Најпосле, демократијата која надмоќно владееше со Европа по крајот на Првата светска војна, речиси исчезна две децении подоцна. А ако 1989-та година ја означи победата на демократијата над комунизмот, таа не можеше да биде извојувана ако комунизмот претходно сеопфатно и силовито не го победеше националсоцијализмот, во војна. Затоа, значи, не било судено демократијата да ги победи фашизмот и комунизмот, та останува да се види каков вид демократија Европа може и сака да изгради.

Идеологиите се битни не толку како водичи низ историјата колку како придвижувачи на верувања и на политички делувања. Ако догмите од минатите времиња веќе не нè држат во својот снажен стисок, тоа не значи дека тие од почетокот биле само обични измами. Крајот на комунизмот е опишан како „заминување на една голема илузија“, но говорот пред гробот не е исто што и историската анализа. По 1945-та и за фашизмот беше изнесено слично објаснување - политичка патологија со помош на која луди диктатори ги повеле во пропаст заведените, маѓепсани народи. Сепак, раните на Континентот не можат да се припишат на делувањето на неколку безумни луѓе, а причината за доживеаните трауми не може да се бара во менталната состојба на Хитлер или Сталин.

Ни со допаѓало нам тоа или не, и на фашизмот и на комунизмот својствени им се големите напори во решавањето на проблемите на политиките на масите, индустријализацијата и општествениот поредок; либералната демократија не секогаш ги имала сите одговори. Хана Арент запиша: „Веќе не можеме да дозволиме да го земеме она што било добро во минатото и едноставно тоа да го прогласиме за наше наследство, да го отфрлиме лошото и напросто да мислиме за тоа како за мртов товар којшто самото време ќе го покопа во заборав“.

Марк Мазовер, Мрачниот континент; Европа во 20-иот век

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот „Казабланка“ (1941)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото