„Бесмртност за сите“ - предавање на Антон Видокле во МСУ

20.12.2019 15:15
„Бесмртност за сите“ - предавање на Антон Видокле во МСУ

Познатиот руски уметник Антон Видокле и главен уредник на списанието e-flux, вечерва (20 декември), во 20 часот ќе одржи предавање, во Музејот на современата уметност. Насловот на предавањето е: „Бесмртност за сите: Филмска трилогија за Рускиот Космизам“.

Руската филозофија позната како ‘Космизам’ денес е речиси заборавена во целост. Нејзините утописки начела кои го комбинираат Просветителството со Источната филозофија, како и Руската ортодоксна традиција со Марксизмот, инспирирале повеќе значајни советски мислители кои подоцна стануваат неподобни и жртви за време на Сталиновата репресија. Во трите дела на овој филмски проект, уметникот го проследува влијанието на ‘Космизмот’ во дваесетиот век препознавајќи ја неговата важност и денес. Во првиот дел, Видокле се враќа на основните размисли на Космизмот (Ова е Космос 2014). Вториот дел ја истражува поврзаноста помеѓу космологијата и политиката (Комунистичката Револуција беше Предодредена од Сонцето 2015) и делот број три го воспоставува музејот како место за повторно оживување, што всушност е основната идеја на Космизмот (Бесмртност и Воскреснување за Сите 2017).

Антон Видокле е уметник како и главен уредник на списанието e-flux. Видокле е роден во Москва, денес живее и работи во Њујорк и Берлин. Неговите дела се претставени на многу меѓународни манифестации како Документа 13 и 56 Биенале во Венеција. Филмовите на Видокле се прикажании на фестивалот во Берген, Шангајското биенале, 65 и 66 Берлинале, Центарот Помпиду, Тејт, Музејот Гараж, Биеналето во Истанбул, Стеделик Музејот и многу други.