Светски познати уметници изложуваат на „Сè што ни е заедничко“ во МСУ

21.12.2019 00:08
Познати светски автори излоажуваат на „Сѐ што ни е заедничко“ во МСУ

Вечерва (сабота, 21 декември), во 20 часот во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова. Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк...

Па така, ќе бидат претставени дела од Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адриан Паци (Албаниjа), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот Что Делат (Русија), Антон Видокле (Русија и САД), како и македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

„Ние сме Mузеј на современа уметност и сакаме да ja прикажеме актуелната уметничка сцена преку автори, кои денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот. Поставката има идеолошка позадина и се занимава со теми кои пропагираат актуелни прашања кои се спротиставуваат на десничарските глобални наративи во светот денес. Ретко имаме можност да донесеме автори кои изложуваат во Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк... и кои се предводници на светската сцена по прашања кои отвараат ангажирани тематики. Со колешката Јованка Попова на уметниците им пристапивме непосредно и на наше големо задоволство добивме позитивни реакции. Освен што прифатија да учествуваат на изложбата, дел од нив ќе бидат и наши драги гости во Скопје, а уметницата Тања Бругуера ни подари и нејзино дело за колекцијата на музејот“, вели директорката на МСУ и кокуратор на поставката Мира Гаќина.

Во Скопје на отворањето на изложбата ќе присуствуваат уметниците Антон Видокле, Дмитри Виленски и Николај Олеиников од уметничкиот колектив „Что делат“, кои нивниот престој во Скопје ќе го искористат за продукција на ново уметничко дело, претставено во рамки на изложбата. Уметниците Џулиета Аранда, Артур Жмијевски, Даниел Гарсиа Андухар заедно со останатите присутни уметници ќе зборуваат за своите дела во рамки на организирана прошетка низ изложбата пред поширока публика.

Од македонските автори на изложбата ќе бидат претставени делата на Нада Прља, годинешната македонска претставничка на Венециското биенале, Христина Иваноска и Ѓорѓе Јовановиќ. 

Нада Прља со проектот „Субверзија во црвено“, кој годинава беше прикажан на 68-то Биенале во Венеција, поттикнува враќање кон „заборавените“ идеи за идеализмот и идеологијата, како вид мотивација за современото општество. Таа предлага повторното читање и де/ре-конструкција на постулатите на марксистичката теорија и левичарската мисла, со цел да се пронајде нивната компатибилност со денешното општество, преку воведување на суштински субверзивни квалитети и игривост од уметничката практика како начин за индиректно да се влијае врз реалноста.

Христина Иваноска ќе го изработи истражувачкиот перформанс „Лесна акумулација на капитал“, чиј наслов е делумно превземен од книгата „Акумулацијата на капиталот“ на Роза Луксембург, ќе го изведува во МСУ во текот на шест работни дена по осум часа дневно. Таа во него го преиспитува местото на жената во македонската текстилна индустрија. За да ја почувствува на своја кожа неправдата на овие жени и што значи да се работи под такви услови, кое е количеството на труд што се создава и кој е ефектот врз психо-физичката состојба, со институцијата ќе потпише „Договор за дело“ во кој Музејот ќе се појави како нарачател, а уметницата како извршител на услугата. Ќе има право на еден сендвич и шише од 1 литар вода дневно и право на користење на тоалетот само еднаш во текот на работниот ден. На нејзина сметка ќе биде исплатена четвртина од износот на минимална плата, средствата кои ќе се акумулираат на оваа сметка преку доброволни прилози на граѓани, институции и фирми, ќе бидат искористени за поддршка на социјално-ангажирани уметнички проекти и истражувања на авторки од земјава.

Ѓорѓе Јовановиќ ќе се претстави со скулптурата „Протестен споменик“, преку која ја преиспитува улогата на уметноста во јавните простори и предлага различно читање и потенцијали на спомениците, нивно реконтекстуализирање, како од потсетници на историјата, често од националистички аспект, тие да се претворат во јавни акции.  Јовановиќ,соова дело отвора и неколку прашања како „Што би се случило кога спомениците не би биле само манифестација на моќ, туку би станале нераскинлив дел на нашите континурани борби?“. „Што би се случило кога на спомениците наместо нивната „фиксирана“ позиција би им се овозможило да бидат динамични во нивната употреба?“ и „Како еден споменик може да стане субверзивен и застапувачки?“.

Изложбата „Сè што ни е заедничко“ се однесува на состојбите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст и има намера преку анализа на конкретни уметнички дела и практики да го истражи прекаријатскиот општествено-критички произведен дискурс и неговите манифестации.

Капитализмот со неговите авторитативни политики создава свет во кој структурите на моќ непоколебливо ги поддржуваат богатите, игнорирајќи ги потребите на обесправените и маргинализираните. Неолибералната култура изобилува со јазик на иновации и новини, но културата никогаш не била подеградирана. Ако општата несигурност, која се одразува врз работата, образованието, популарната култура и менталните состојби во современото општество, произведува конзервативизам во културата, тогаш прашањата се: „Кои форми на делување и организирање може да дозволат уметноста повторно да стане возбудлива и корисна во исто време? Дали таа треба да е додаток на политиката, во смисла дека политиката може да има корист со инкорпорирање на елементи специфични за уметноста или треба да ја политизираме уметноста? Можни ли се начини за да се врати модерноста на социјални форми на акција и здружување и кои се начините на кои уметноста и културата ќе имаат удел во ова.