1030 hPa
32 %

12 °C
Скопје - Сре, 19.03.2025 13:59
Под мотото „Стоп за насилството врз сексуалните работници“, во Скопје се одржа Маршот на црвените чадори по повод 17 декември - Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници.
Маршот на црвените чадори кој се одржа во центарот на Скопје, беше организиран од Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР.
Сексуалните работнички и работници со црвени чадори порачаа да престане насилството врз нив, нагласувајќи дека сѐ уште нема никакви промени во општеството во однос на нивните права.
„Имаме право да работиме ослободени од страв и да бидеме заштитени од насилство, малтретирање, принудување и експлоатација. Заслужуваме безбедни работни услови и уживање на своите работнички права“, истакна сексуална работничка од маршот.
Од Граѓанската иницијатива информраа дека во 2018 година документирани се 100 случаи на насилство врз сексуалните работници, од кои 34 случаи на семејно насилство, што значи сексуалните работнички не се безбедни ниту дома.
Исто така, според нив, во 2019 година документираните случаи се помали, но тоа не се должи на позитивните промени во општеството, туку на тоа што сексуалните работници се обесхрабрени и немаат доверба во институциите.
Инаку, ова е дванаесетти Марш на црвените чадори одржан во Скопје, со кој сексуалните работници бараат да не бидат маргинализирани.
Фотографии: Ванчо Џамбаски