Почина академик Ѓорѓи Филиповски

22.12.2019 15:07
Почина академик Ѓорѓи Филиповски

На возраст од 100 години, вчера почина академик Ѓорѓи Филиповски, единствениот жив од основачите на Земјоделско-шумарскиот факултет (1947), Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (1949) и единствениот од првиот состав на МАНУ (1967).

Академик Филиповски е роден е во село Сорович, Леринско во 1919 година. Основно училиште и гимназија заврши во Битола, студираше агрономија во Земун (1937-1941), а дипломира во Софија (1942) каде што остана да работи како асистент по педологија до 1944 година.

По ослободувањето беше унапреден во шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944-1947). Потоа стана и најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1947) каде и се пензионира како редовен професор.

Докторира во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Беше на шестмесечни студиски престои во Франција и во САД. Ја основа Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении беше нејзин шеф, но и продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач.

Заедно со Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ во 1967 година станаа основачи на Македонската академија на науки и уметности чиј научен секретар беше во првите осум години, а потоа и нејзин потпретседател во три мандати.

Академик Филиповски беше почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд и надворешен член на Академијата на науки на БиХ. Предаваше на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Една година беше ангажиран како визитинг-професор во Калифорнија и повеќе години држеше предавања по педологија на меѓународните постдипломски студии од областа на медитеранското земјоделство во Бари, Италија и на Крит, Грција (Крит).

Во мај годинава, во МАНУ беше одбележан стотиот роденден на академик Ѓорѓи Филиповски, како единствен жив од тројцата основачи на МАНУ во 1967 година.

Тогаш тој изрази жалење што денешните влади немаат чувство за науката. Рече дека МАНУ е независна институција и сите години, па и во еднопартискиот систем, одолевала на партиски влијанија и притисоци.

„Тоа успеавме да го направиме дури и во последните 10 години“, рече академик Ѓорѓи Филиповски.

Објавил над 200 научни трудови и 19 монографии во наши и странски списанија. Две монографии му се преведени на англиски јазик во САД. Трудовите му се од повеќе области на педологијата, областа на географијата, генезата и класификацијата на почвите, како и од областа на мелиорациите и ерозијата на почвите. Негово капитално дело е „Почвите на Република Македонија“ во 6 томови во издание на МАНУ. Во 2016 е промовирана напишаната студија од 250 страници во која се објавени резултатите од седумдецениските истражувања на почвите на Република Македонија заедно со Педолошка карта.

Комеморацијата за академик Ѓорѓи Филиповски ќе биде одржана во понеделник, 23.12.2019 година во МАНУ во 11 часот, а погребот во 13 часот.

 Фототграфија: Ако.мк

 

ОкоБоли главаВицФото