Интимна средба со Другоста

23.12.2019 00:46
Интимна средба со Другоста

 

Малку подалеку од класичните и добро познати театри во државава, на неколку култни локации во Скопје, се забележуваат нови поставки на текстови кои внесуваат поинаков контекст и свежина на нашата театарска сцена. Може да се погледнат во Кино Култура, театар Сенки и облаци, Младинскиот културен центар, јавни површини во градот, Театар за деца и младинци, Академската сцена на ФДУ. Како специфични и важни места за македонската култура и уметност, во просториите на овие центри се зголемува продукцијата на општествено ангажирани претстави. Важноста на овие нови уметнички потфати е голема – особено кога човек расте и се развива во затруен простор во кој дневно-политичките настани се рефлектираат врз целата заедница, колективните интереси, потреби и прашања. 

Споменатиот концепт се состои од реактуализирање на потребите на една изморена заедница преку уметност, поттикнува експерименталност, повикува на разгледување на политички дискурс, иницира бунт, обнова, емоција и експресија, критичко размислување. Констатира незадоволство и дава слобода – излегува од рамките на стандардното и игра со поставувањето на текстот, давајќи фокус на непознатото и туркајќи надвор од комфорната зона. Овој свеж бран на игра од одлични, млади македонски режисери ја размрдува малата и слоевита културна сцена во Скопје, па и во државава. Впрочем, културна сцена која молежливо зависи од слепите институции на „зачмаена“ земја никогаш не може да се разгледува само на едно ниво – борбата во овој систем на вредности сѐ уште го поставува прашањето: кога егзистенцијата е во прашање, кој е воопшто заинтересиран за култура? Ние сме таму, помеѓу борбата за парче леб и перформансот, книгата, фотографијата - прашувајќи се дали се тие привилегија недостапна за нас? Појавата на вакви театарски доживувања поентираат на тоа дека непосредноста и искреноста се клучни фактори за поврзување со публиката од овие простори, за отворање кон комплексна и широка дискусија во насока на злупотребите од функционерските фотелји. Нам ни треба уметност чија вистина боли, ни треба уметност која прави да се чувстуваме поврзани со самите себе и со светот – преку разговор за заедничките болки, преку поединечните извори на светска тага во секој од нас. Нам ни треба уметност која ќе го поставува прашањето за лебот и културата.

Повод за овој текст е последната претстава на младиот македонски режисер Милош Б. Андоновски, кој со специфичен уметнички израз, полека но сигурно, го зазема својот заслужен простор на македонската културна сцена. Драматург на претставата е Ева Камчевска а актерската екипа ја сочинуваат: Jeткин Сезаир, Ангела Стојановска и Јанка Лефкова. Станува збор за претставата „Без авторски права©“ - храбар и ризичен експеримент во колективно авторство. По „Физика на тагата“ и „Семејни приказни“, Андоновски носи на сцена претстава во која не се плаши од смела игра со длабок, филозофски дискурс во она што го режира, актуелизирајќи важни прашања околу човековата егзистенција и есенција. Истиот интерес за човекот го прикажува и во ова негово најново дело. Кај Андоновски е забележлива исклучителна поетичност и свесност за врската помеѓу самото дејство и сцената, иако неговите идеи можат да делуваат како недостижни или тешки за реализација поради комплексноста на предизвиците што ги одбира.

Приказната за три навидум различни животни патеки со богатство од разни емоции од кои гледачот може да избира е стожерот на претставата. Тие како целина се врзани во нишката на човечкото, емпатичното, секојдневното, правилното и неправилното, секоја од нив содржи сопствен хумор и тага. Но, оставаат и простор за мал сомнеж кај гледачот на почетокот на претставата кој со менувањето на приказните се ослободува, пред сѐ поради стравот од недоволно брзо идентификување на заедничките точки во трите приказни. Ангела, Јеткин и Јанка ги поврзува прашањето за домот, прашањето за семејството, напуштањето и личната криза во (не)слободниот простор. Текстот им овозможува на актерите лесно и храбро да ги истражуваат своите граници и ги предизвикува на поголема храброст во однос на ваквиот тип изведби, ги повикува на директно соочување со емоцијата од публиката под запалени рефлектори и уште подлабоко допирање во себеси. Малите паузи помеѓу минувањето од еден во друг наратив сe потребно време што на гледачите им овозможува да побараат повеќе од една или од друга исповед, да креираат очекувања во однос на она што следува, а кои потоа во сооодветно време ќе бидат скршени, време за гледачите да бидат со себе одговарајќи сами на прашањата што без авторски права слободно ќе ги преземат од она што го гледаат. На креирањето на претставата ѝ претходела анкета со 11 прашања во која биле вклучени 47 испитаници, на возраст помеѓу меѓу 21 и 47 години. Дел од добиените резултати се следниве:

- На прашањето „Дали се чувстувате изолирани од нешто?” 66 % од испитаниците одговориле со Да
- На прашањето „Дали сте помислиле да ја напуштите земјата?“ 93 % од испитаниците одговориле со Да
- На прашањето „Дали ги сметате родителите за причина да се остане?“ 53 % од испитаниците одговориле со Не
- На прашањето „Дали како државјанин/државјанка на оваа држава се чувстувате помалку привилегирани од државите членки на ЕУ“ 89 % од испитаниците одговориле со Да

Од овие податоци е оформено сведоштво кое во голема мера алудира на неколку слоеви од неволјата на македонското секојдневие, преку идеи и наративи произлезени од колективното авторство: интимното разголување пред Другоста, нашите патишта кон бидувањето туѓ и странец, општествата и дефинициите за тоа кој каде припаѓа. По кој основ престануваме да одлучуваме за сопствените животи и одлуките ни се лизгаат од раце? Дали заминувањето од земјата е можеби одлуката која ги исправа грешките? Дали Другоста може да се маскира под призмата на подобар живот? И дали сакаме дома, ако дома воопшто постои? Кој е оној кој ги дава и одзема авторските права за нашите животи? Онаму каде е тешко да се дефинира домот, тешко е да се стекнат авторските права врз сопствениот живот. Онаму каде егзистенцијата е првичната борба, таму се губи и стекнува контролата врз личното. Онаму каде се поставуваат овие прашања, таму е насочено вниманието на публиката.Претставата е репрезентативна за новиот бран македонски изведувачки уметности кој е сензибилен и непосреден, едноставен и хумористичен, повремено саркастичен и исклучително длабок. Таа е израз на колективната болка и (бес)конечните заеднички битки. Таа е себична, тивка а истовремено и универзална и гласна - токму како и актерската игра на Ангела, Јеткин и Јанка.

Целокупната идеја зад „Без авторски права©” e една исклучителна нишка на поврзување меѓу публиката и нејзините потреби кои неминовно се врзани со локалниот контекст. Она што може да се забележи во последната претстава на Андоновски е желбата и волјата за создавање театар кој ќе едуцира, кој смело и отворено ќе чекори кон поставување на нашите општествени вистини на сцена. Флертот со публиката доаѓа преку блискоста со контекстот во кој оваа претстава е создадена. „Без авторски права©“ поттикнува очовечување, слободен израз на емоциите и признавање на личните порази, во таа смисла и лесно ги простува малите празнини и недостатоци кои се провлекуваат во изведбите. Таа е ослободена од комплексот на безгрешен перформанс и на своите гледачи им нуди топлина и препознавање.

Во исчекување на уште многу креативни продукти на млади театарџии, оваа претстава на Милош Б. Андоновски се запишува на листата нови уметнички продукти со позитивно влијание на македонската театарска сцена и придонесува кон важноста од афирмирање на млада македонска уметност. Во оваа смисла, потсетува и на просторот кон кој новите уметници се стремат, со цел зголемување на продукцијата на домашни квалитетни дела. Потсетува дека борбата за слободна и разновидна уметност во земјава е без авторски права. Им припаѓа на сите оние кои сакаат да ја конзумираат, нејзините создавачи и борците за нејзината достапност. И ја има насекаде околу нас.

Фотографии: Кристијан Караџовски
Дизајн на постер: Немања Трајковиќ

ОкоБоли главаВицФото