1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Отпорот кон Брегзитот сосема исчезна, исто како и опозицијата во британскиот парламент. Изминатово лето движењето против Брегзит собра милион луѓе на улиците на Лондон. Но после убедливата победа на изборите, за премиерот Борис Џонсон гласањето во парламентот беше мачкина кашлица. Шокантно е како без трага исчезнаа сите аргументи, не само против Брегзитот, туку и во прилог на идните тесни врски со ЕУ.
Премиерот сега може да владее како што сака, а тој оди кон најтврд можен Брегзит. Нагласува дека веќе нема да ги почитува правилата и законите на ЕУ, а тоа значи дека Џонсон во најдобар случај ќе тежнее кон минимален договор за слободна трговија со Брисел. Зад тоа е познатиот проект на десните Ториевци дополнително да ја дерегулираат Велика Британија и да ја претворат во еден вид меѓународен пазар за грабливци.
Во тоа се вклопува фактот дека премиерот од законот за напуштање на ЕУ ги отстрани сите отстапки од времето на Тереза Меј. На пример, британскиот парламент нема да има контрола над договорот за слободна трговија со ЕУ. Тоа е ироничен пресврт зашто токму заговорниците на Брегзитот секогаш зборуваа дека сакаат да ја вратат контролата на „мајката на сите парламенти“. Тоа беше лага, како и сѐ останато што водеше кон разидување со Европа.
Укинати се и правата на вработените според европски стандард, правото на бегалските деца да бидат со своите семејства... ова е тотална победа на тврдите брегзитовци кои бараат нивниот остров да биде сосема отсечен од континентот. Не можат да се слушнат триумфалните извици од нивните редови, а Борис Џонсон е нивен човек, нивен шеф. Тој не е умерен конзервативец од политичкиот центар како што се претставуваше за време на кампањата.
Патот до тврдиот Брегзит е отворен, па премиерот се посвети на перфидно перење мозоци: сака едноставно да го елиминира зборот „Брегзит“ од политичкото секојдневие. Се укинува Министерството за Брегзит и за одвојувањето од ЕУ веќе не треба да се зборува. Земјата е поделена и Џонсон сака да ги укине поделбите така што едноставно ќе спречи да се зборува за причината.
Сѐ што прави премиерот потекнува од прирачникот за десничарски популисти. Бескрајно повторување лаги, свесно негирање на реалноста, постојано претерување и пропаганда - сето тоа ни е познато од популистичките режими ширум светот. Во тоа се вклопува и намерата да го прекине финансирањето на јавниот сервис БиБиСи. Иако тамошните новинари премногу малку (а не премногу) го доведуваа во прашање Брегзитот тоа за Џонсон претставува преголема независност.
Шефовите на држави и влади на ЕУ и нивните преговарачи мораат да бидат внимателни. Ангела Меркел беше во право кога уште пред неколку месеци рече дека Британците наместо добри соседи би можеле да станат жестоки конкуренти. Никој не треба да биде успиен од приспивната на Џонсон за „добрите пријатели и партнерите на континентот“. Тоа е лицемерно, тоа е само дел од неговата фасада исто како и неговата нескротена коса.
Горчелива е вистината дека на новата британска влада треба да ѝ се пријде внимателно, дека мора да се биде подготвен на трикови и игри од секаков вид. Не треба да му се верува на Џонсон ни кога вели дека надвор е убаво времето, а истото важи и за неговиот преговарач Мајкл Гоув. Двајцата ќе направат сѐ за да ги насамарат Европејците. На сите идни преговори, ЕУ кон Британците мора да се однесува како кон противници. Тоа е чемерен крај за едно соседство кое се градеше со децении.
Извор: https://www.dw.com