Тимјаник: Соседите не нè сакаа, а сега ни доаѓаат на гости

23.12.2019 14:10
Тимјаник: Соседите не нè сакаа, а сега ни доаѓаат на гости

Жителите на Тимјаник, кои пред околу една и пол година протестираа против сместувањето на деца со попреченост во групен дом во нивното населено место, денеска без резервираност и страв поминуваат време со нив. Некогашното негодување што овие дечиња ќе живеат близу до нив е претворен во соживот.

Тоа го потврдува и координаторката на малите групи во Корешница, Тимјаник и Неготино, Душица Буриќ Димова, која вели дека децата се прифатени и дека ги нема повеќе забелешките и неубавите коментари кои ги имаше во минатото.

„Соседите ни доаѓаат на гости, организираме детски родендени, покануваме гости од локалното население и секогаш се одзиваат на поканите. Ни носат подароци, се фотографираме и се дружиме. Ни носат „смоки“ и сокчиња. После повеќе од една година од протестот, сега можам да кажам дека граѓаните комплетно ги надминаа сите предрасуди. Сметам дека повеќето од тие предрасуди ги имаа заради неинфирмираноста. Веројатно некои од нив воопшто дотогаш немале никакви контакти со лица со попречености, но сега, најважно е дека сме прифатени и не постојат никакви пречки во нашата социјализација и нашето живеење овде“, вели Буриќ Димова.

Во овој дом живеат четири дечиња со интелектуална и физичка попреченост. За нив секојдневно се грижат негователи.

„Денот ни започнува со хигиенските навики, по што појадуваме, а потоа имаме работа со дефектолог односно рехабилитационо-корективен третман и физиотеравпевтски третман. Ги почитуваме желбите и интересите на децата, нивните потреби, а потоа и стручниот третман го организираме согласно со сето тоа што тие го сакаат. Настојуваме да се одржуваат роднинските врски, врските со старателите“, додава координаторката.

Таа пред да работи овде, работела во специјалниот завод во Демир Капија.

„Разликата е голема во однос на тоа дека тука имаме многу мал број на деца кои се сместени. Со самото тоа многу полесно и побрзо се прилагодуваме на сите нивни потреби, се гледа побрзо напредокот кај нив, олеснет е и начинот на работа. Децата имаат стимулативна средина за живот, а секако тоа е најважно за сè друго да функционира“, информира Буриќ Димова.

Овој дом е комплетно реновиран и уреден со сите потребни услови за живот на овие дечиња, кои се на возраст од пет до 11 години. Во куќата има пет големи простории опремени со она што им е потребно на децата.

Жителите на Тимјаник, на 10 јуни лани, бурно реагираа по одлуката на надлежните да сместат четири деца од специјалниот завод Демир Капија во селото Тимјаник. Министерката Мила Царовска се среќаваше со локалното население, по што конечно беше постигната согласност да се надминат недоразбирањата и жителите на селото повеќе не се спротивставуваат на отворање мал групен дом за деца со попреченост.

 Извор: Мета.мк

ОкоБоли главаВицФото