Квирот на Мадона

26.12.2019 12:02
Квирот на Мадона

 

„Vogue“ е оптимистична хаус песна што ги дефинираше трендовите во денс музиката на почетокот на последната деценија од дваесеттиот век. Композицијата е под влијание на диско звукот од седумдесеттите, но продукциски осовремена. Денес песната е позната како еден од најважните хитови на Мадона кој освоил водечки позиции на официјалните топ-листи во повеќе од триесет земји, додека на врвот на американската листа на синглови бил три недели во 1990 година. Таа година тоа бил и најпродаваниот сингл.

Песната ја напишале и продуцирале Мадона и Шеп Петибоун, додека музичкиот спот го режирал Дејвид Финчер. Тоа бил третиот спот што „кралицата на поп-музиката“ го реализирала во соработка со Финчер, а следел после неговата екранизација за хит-сингловите од албумот „Like a Prayer – Express Yourself“ и „Oh Father“. Режисерот и пејачката, нешто подоцна, во 1993 година, ја продолжиле соработката со екранизацијата на песната „Bad Girl“, третиот сингл од албумот „Erotica“.

Иако спотот за „Vogue“ бил тешко прифатен кај Ем-ти-ви цензорите – поради градите на Мадона што се наѕираат под чипканата блуза – не само што е пуштен во етер, туку и до денес останал нејзин најуспешен спот со рекордни девет номинации за Ем-ти-ви музички награди, од кои освоил признанија за режија, монтажа и камера.(28) Квир концептот е истакнат преку геј естетиката присутна во бројните елементи на спотот, од гламурот и оддавањето почести на холивудските ѕвезди, до промоцијата на танцот карактеристичен за заедницата на маргинализираната американска супкултура.

После контроверзните видео-остварувања за „Papa Don’t Preach“, „Like a Prayer“ i „Express Yourself“, Мадона станала свесна за своето влијание и глобалната популарност, така што синглот „Vogue“ отворил новo поглавjе во нејзината кариера за време на која сексуалните провокации ќе претставуваат нејзино главно „оружје“ во процесот на одржување на статусот на најславна забавувачка на светот. Таа ера го вклучувала и музички спот „Justify My Love“, турнејата „Blond Ambition“, доументарецот „Truth or Dare“, потоа книгата „Sex“, албумот „Erotica“ и музичките спотови за сингловите од истиот, турнејата „The Girlie Show“, но почетокот на трендот е означен со музичкиот спот за песната „Vogue“.

Откако Мадона влегла во умовите на консументите на поп-музиката ширум светот, супкултурните танцови форми добиле афирмација во постојаната размена со поп-културата. Иако танцот е препознатлив како главно обележје на видеографијата на Мајкл Џексон, најзначајниот конкурент на Мадона во осумдесеттите, создавањето тежиште за промоција на квир концептот и танцовите елементи засновани на истиот, се карактеристични за спотовите на Мадона и концертните перформанси.

Анализата на спотот за песната „Vogue“ бара согледување на статусот на квир заедницата и активизмот во децениите пред славата на Мадона. „Vogue“ е снимен во црно-бела техника и поттикнува производство на речиси сите дискурси што се врзуваат со Мадона како поп-ѕвезда. Од гламурот, омажот на арт деко и златната доба на Холивуд, преку танцот и модата, до сексуални провокации и квир изразување. Финчер ги цитирал некои од најславните холивудски фотографии, пред сѐ оние под кои стои потпис на модниот фотограф Хорст П. Хорст, снимени за време на четириесеттите години од дваесеттиот век. Мадона и Финчер не добиле дозвола од Хорст, што предизвикало бројни критики. Меѓутоа, давањето почест на гламурот на златниот Холивуд делувало речиси невозможно без референците на Хорстовата фотографија, затоа што пред неговиот објектив позирале холивудските икони Мерилин Монро, Бета Дејвис, Џоан Крафорд, Рита Хејворт итн. (29)

Во песната постои и говорна секција во која Мадона ги изговара славните актерски имиња од златнaтa доба на Холивуд (30):

Грета Гарбо и Монро
Дитрих и Димаџио
Марлон Брандо, Џими Дин
На насловна на магазин
Грејс Кели, Харлоу Џин
Слика на убавици
Џин Кели, Фред Астер
Џинџер Роџерс, танц во воздух
Имаа стил, имаа грациозност,
Рита Хејворт имаше добро лице
Лорен, Кетрин, Лана исто така
Бет Дејвис, те сакаме
Дами со став
Господа во (добро) расположение
Немојте само да стоите таму, ајде
Заземете поза, не е тешко
 Почетокот на спотот претставува запознавање на гледачите со просторот во кој ќе се одвива дејството. Амбиентот го создаваат скулптури, слики од Тамара де Лемпик и танчерите на Мадона кои „заземаат поза“. (31) Подинамичниот, танцов дел од песната, настапува нагло со изговарање „заземи поза“ – таа се врти и прави движење во склад со изговореното. Музичкиот спот „Vogue“ е пронижан со кореографски решенија и движења во вид на позирања пред објективот на фотоапаратот. Модата и гламурот се вбројуваат во доминантните својства на спотот. Танчерите се во елегантни одела, гордо ги истакнуваат своите парчиња гардероба, шешири или градници, што на просторот му дава карактер на модна писта, додека дејството потсетува на снимање на моден едиторијал. Мадона прв пат се појавува со легендарниот конусен градник во црна боја, дизајниран од францускиот моден креатор Жан Пол Готје – попопуларната, златна верзија, пејачката ќе ја промовира на турнејата „Blond Ambition“, што ќе инспирира бројни модни креатори и поп-ѕвезди во претстојните години. (32)

Покрај модата, центалниот дискурс во спотот е танцот вогинг (voguing). Поточно, елементите на модата припаѓаат на основните критериуми на вогингот, што го прави тој моден израз незаобиколен во перформансот на Мадона. Вогинг е традиционален ритуален танц на американската работничка класа, афроамериканската и латиноамериканската заедница, припадниците на различни родови и сексуални ориентации, чии корени се врзуваат за танцовата куќа Болрум од Харлем. За зачетник се смета Париз Дупри, американски дрег перформер, кој, обидувајќи се да смисли нови танцови чекори, го прелистувал модното списание „Vogue“ и почнал да ги имитира позите што ги заземале моделите на фотографиите од списанието. (33) Членовите на заедницата имале повеќе називи за својата култура: Бол-свет (Ball World), Болрум заедница (Ballroom Community) и најчесто Болрум Сцена (Ballrom Scene). (34)

Со истражување на вогингот, што имал експанзија во седумдесеттите години на североисточниот брег на САД, се бавел Џонатан Дејвид Џексон, проучувач на танцот од колеџот Гоучер во Мериленд. Открил дека претставниците на заедницата со танцот оддавале почест на глобалната култура и славните личности. Освен тоа, танцот бил карактеристичен како глас на угнетуваните и маргинализираните супкултури во американското општество: геј-мажите, лезбејките, трансродовите идентитети, бисексуалците, латиноамериканците, афроамериканците и дискриминираните жени. (35)

Креативноста на дискриминираните пронашла свое упориште во Болрум. Друштвото составено од поединци кои ги напуштиле своите домови, означени како „морални грозоти“, формирало систем за специфично танцово натпреварување. Целта било импресионирање на судиите и публиката со талентот и креативноста - мажите низ перформансот се претставувале како хетеросексуалци, како жени и како категории помеѓу; жените како хетеросексуални жени, мажи и категории помеѓу, а постоеле и бројни поткатегории. Изведувањето на родовите идентитети низ танц може да се смета за едно од главните својства на вогингот, што придонесува за означување на родовиот концепт како перформативен. Релевантноста на вогингот е долговечна благодарение на постојаната размена на влијанија со комерцијалната забава. Благодарение на хит-песната и спотот на Мадона, како и документарецот „Paris is burning“ (Париз гори), вогингот е имплементиран во мејнстрим културата. (36)

Естетските императиви на вогингот се испочитувани во перформансот на Мадона. Се чувствува близок ритмичен однос помеѓу кореографијата и вокалната, односно музичката придружба; перформансот подразбира гестикулирање со горниот дел од телото кој е во асиметрична антифонија со долниот дел. Движењата на рацете се наизменични, образувајќи движења што како да му порачуваат на гледачот „погледни овде“ или „погледни таму“. Според Џексон, контролата на движењата е основното средство на вогингот и го одредува фокусот на набљудување на перформансот. (37) Самото движење е единствено и лесно препознатливо. Со остроаголни движења со рацете „модните танчери“ ги обликуваат своите лице и тело како да настапуваат пред моден фотограф.„Vogue“ претставува продукција на спектакл а со самото тоа и нарцизам. Според жанровската класификација на Рајлтон и Вотсон, овој спот би можел да се најде на пресек помеѓу сценскиот и уметничкиот музички спот. Повикувањето на геј-естетиката и на златниот Холивуд, како и реферирањето на делата на Тамара де Лемпик, го поврзуваат спотот на „Vogue“ со уметничкото, додека кореографските решенија и „позирањето“ пред камера сугерираат одлики на сценски музички спот.

Омажот на Болрум сцената и промоцијата на вогингот ги препознаваме како доминантна форма на репрезентација на квир концептот во овој музички спот на Мадона, а и во нејзиното комплетно досегашно дело. Членовите на заедницата верувале во можноста за трансформација на род/пол заснована на менување на чувствата, идеологијата, изгледот и однесувањето. Пресоблекувањето, хируршката интервенција или хормонските инјекции се помошни средства во таквиот процес. Сцената разликувала четири рода: 1) „буч кралици“ (butch queens) – биолошки родени мажи чиј секојдневен изглед сугерира машки род, но без оглед на тоа можат да се однесуваат мажествено, хипермажествено и женствено; 2) „фем кралици“ (femme queens) – трансродови мажи /жени во различни стадиуми од хируршки или хормонски процес кон трансформација во жени; 3) „буч“ (butch) – трансродови мажи/жени во различни стадиуми од хируршки или хормонски процес кон трансформација во мажи; 4) „жени“ (women) – биолошки родени жени кои со однесувањето сугерираат мажественост и женственост. (38) Според оваа класификација, воочуваме дека во спотот „Vogue“ се прикажани претставници од првиот и четвртиот род. Танчерите се витки, но на нивните тела е нагласена мускулатурата; облечени се во елегантни машки одела, но во својата танцова експресија и начинот на кој комуницираат со камерата, истакнуваат ефеминација.

Мадона го претставува четвртиот род – таа главно ја нагласува својата женственост, „провоцира“ хетеросексуална желба, но ги покажува и своите мускули, се појавува во машки костум, одлучна е, темпераментна и доминантна. Културалните значења кои ги симболизираат карактерите во спотот, изградени се во конфликт помеѓу концептите на гламур и мејнстрим поимите за убавина од една страна, и супкултурата и квир концептот од друга. Во овој конфликт се огледува трансформацијата на вогингот во „Vogue“, односно супкултурата во масовната култура.Вили Нинџа, еден од најподните и најзначајните вогинг танчери и кореографи, ја опишува субверзивната моќ на вогингот во документарецот „Paris is burning“ (Париз гори), кој премиерно бил прикажан истата година кога и спотот на Мадона за кој говориме. Тој го споредува вогингот со брејкденс, истакнувајќи ја снагата и алтернативната креативност кој им ја пружа на егзилантите во Харлем. Танчерите се натпреваруваат, добиваат почит и слава без прибегнување кон насилство или криминал. Таквото опкружување им пружа поттик на играчите, се формира балетска култура коа гарантира долговечност, предизвикувајќи ги младите танчери да ги овладаат движењата и техниките на своите наставници.

Нинџа, Мадона и вогингот влијаеле врз формирање на дискурсот за превенција на ХИВ за време на пандемијата од осумдесеттите, кога стигматизацијата на геј-заедницата добила нови форми.(39) Танчерите кои се појавиле во спотот и кои подоцна ја следеле Мадона на светската турнеја „Blond Ambition“, се аутирале во тој период. Четвртина век после турнејата, снимен е документарец под наслов „Strike a Pose“ (Заземи поза), во кој танчерите се присетуваат на прочуениот период и укажуваат на проблемите со кои тогаш се соочувале заболените од ХИВ. Габриел Трупин, еден од членовите на оригиналната поставка на танчерите, во 1995 година ја изгубил битката со оваа неизлечива болест.

Во својата рецензија на филмот „ Paris is burning “ Патриша Хлачи се осврнала на спотот на Мадона. Истакнала дека комбинирањето на гимнастиката и „модниот“ танцувачки израз е многу „вамп“ и дека со тоа може да се објасни привлечноста на Мадона како предводничка на современиот поп. Критичарката го наведува и интервјуто на Мадона од 1991 година во кое пејачката изјавиладека го открила вогингот додека ја планирала турнејата „Blond Ambition“. Во њујoршка дискотека се запзнала со мажи кои биле дел од Болрум заедницата, а некои од нив се нашле во танцовата група прикажана на спотот и после тоа на споменатата турнеја.

Биографката на Мадонa, Луси О’Брајен ги споmeнува Хозе Гутјерез и Луиза Камакоа (40), членови на танцовата куќа „Екстраваганца“ (Xtravaganza), кои ги дизајнирале и кореографирале танцовите секвенци за музичкиот спот „Vogue“. (41) На основа на наведеното, лесно е да се заклучи дека вогингот содржи бројни референци на глобалната култура. Опседнатоста со славните личности и нивното имитирање им овозможува на танчерите да ја живеат фантазијата и укажува дека вогингот е единствен пример на американско народно движење засновано на глобални трендови, а не на искуства карактеристични за САД. Спотот на Мадона е исто така проткаен со фантазии блиски на геј консументите на популарната музика. Имперсонирањето на идентитетот на холивудските ѕвезди, а потоа и на изведувачката на популарна музика, е значајна одредница на глобалната геј култура. Можеби во тоа треба да се побара главната причина зошто песната стенала статус на денс-класика на различни континенти. Клучната движечка сила се огледува во спојувањето на субверзивното и комерцијалното. Иако таквиот тренд започнал далеку пред Ем-ти-ви ерата, начинот на кој Мадона го презентирала квир концептот преку масовните медиуми имало погласен и подалекусежен ефект отколку постарите, можеби и посериозни потези спроведувани во борбата против дискриминацијата на квир идентитетот. За време на педесеттите и шеесеттите години од 20 век во Велика Британија и САД, геј клубовите во кои се одвивале перформансите на дрег кралиците бие мета на законот. Хомосексуалноста била сметана за злосторство што предизвикало ескалирање на зачестеноста на полициските рации на таквите места. За многу изведувачи, улогата на дрег кралиците била политичка, бидејќи подразбирала перформанс со кој се афирмирале различни родови идентитети.Најпознатата полициска рација се случила на 28 јуни 1969 година во њујоршкиот бар „Стоунвол“ (Stonewall Inn), посетуван од дрег кралици. Џоди Тејлор истакнува дека емоциите помеѓу посетителите на клубот биле засилени поради смртта на геј иконата Џуди Гарланд, која починала шест дена порано. Авторот понатаму наведува дека одмаздата против полицијата ја предводеле дрег кралиците и буч лезбејките, борејќи се жестоко против повеќе стотици полицајци. Борбата во Стоунвол го означила издигнувањето на движењето за ослободуање на хомосексуалците, а како што споменавме во воведните поглавја, настанот го претставувал и почетокот на потиснувањето на негативните конотации на поимот квир и имплементирањето на истиот во популарната култура. За време на седумдесеттите, борбата станала поексплицитна и поекстремна, а со самото тоа квир културата пополитизирана и порадикална. Фракциите на квир ослободувачкиот фронт сѐ почесто делувале во форма на улични театарски групи, јавни чинови и други видови конфронтирања на конзервативните сфаќања на родот и сексуалното однесување. Болрум сцената на Харлем и вогингот процветале како заедница која се вклопувала во споменатата борба.

Според зборовите на Џени Ливингстон, режисерка на документарецот „Paris Is Burning“, а која ја наведува Тејлор, танчерите на вогингот застапувале обид за квир реализам – сиромашните геј-мажи и трансродовите личности го компензирале својот статус прифаќајќи културален елитизам поврзан со белата капиталистичка хегемонија што ги угнетувала. Природата на заедницата се огледа и во спотот на Мадона – танцот карактеристичен како културално обележје на сиромашните и дискриминираните е имплементиран во музичкиот спот на најмоќната и највлијателната „бела“ музичка ѕвезда. Истовремено со Болрум делувале и припадниците на генерацијата на дрег кралицата Вигсток кои се однесувале во постмодерен манир и чие постоење било втемелено на иронијата и пародијата на кемпот.

Во осумдесеттите години геј заедницата била погодена од епидемијата на сида, што условило нови облици на дискриминација а со самото тоа и борба за граѓански права. Генерацијата на кралицата Вигсток избира создавање сопствен културален капитал наместо супкултурално изведување засновано на имитација и мимикрија. На пример, Лејди Бани како една од значајните претставници, основа фестивал во 1984 година и го реализира диско синглот „Shame, Shame, Shame“. (42) Иако пандемијата на сида создала паника, активистичките движења и групите подготвиле терен за поставување на квир концептот во мејнстрим културата.

Уште еден парадокс претставува поклопувањето на пандемијата со развојот на Ем-ти-ви. Таквата состојба резултирала со појавата на поп-изведувачи кои низ својата работа го истакнувале квир концептот. Мадона припаѓала на групата највлијателни во однос на промовирањето на квирот, што е сугерирано и од формата во која музичкиот спот за песната „Vogue“ е реализиран. Прикажувањето на квир концептот може да се гледа и како едно од средствата на Мадона за самопромоција во медијскиот дискурс. Се наметнува прашањето дали создавањето на спотот „Vogue“ е засновано исклучиво на потребата да се придонесе кон провокативниот имиџ, или улогата на Мадона во масовните медиуми е покомплексна од дискурсот на славата и индустријата на забава. Иако славните личности не претставуваат нов феномен, во претходните периоди не постоеле така видливи и влиjaтелни општествени слоеви кои на извесен начин се обединети благодарение на својата слава и можности редовно да се појавуваат во масовните медиуми. Вукадиновиќ цитира и наведува автори и публицисти кои тврдат дека видливоста на славните личности станала главна одлика на нивниот статус. Славните личности станале нова елита благодарение на медиумите и масовната публика. (43)Дејвид Мекнаир упатува дека редовите на славните постојано се зголемуваат, што Ворхол го прави визионер, додека класичната поделба на „елита“ и „маса“ е заменета со поделба на славните и нивната публика, при што славата претставува клучен параметар на моќта. (44) Од друга страна, пропорционално расте и видливоста на славните личности, се зголемува и видливоста на пораките кои истата ги „праќа“ на публиката, а со самото тоа и бројот на текстови што се произведуваат од примарниот текст. Забележуваме дека спотот „Vogue“, како и бројни други производи со етикатата „Мадона“, ја зголемило видливоста на квир заедницата и проблемите со кои истата се соочувала или се соочува и денес. Џудит Халберстам, авторка на бројни трудови за квирот и директорка на Центарот за феминистички истражувања при Универзитетот на Јужна Каролина, смета дека мејнстрим културата внатре во постмодернизмот треба да се дефинира како процес со кој супкултурите се препознаваат и апсорбираат со цел постигнување профит на големите медијски конгломерати. Авторката истакнува дека постојат исклучоци, но смета дека основната намера на мејнстримот кон супкултурите е воајерска и предаторска. Супкултурите на телевизија се појавуваат како илустрации на чудноста и первезијата или се краде нивната форма со цел промоција на медијскиот производ. Халберстам се потпира на анализата на спотот „Vogue“ и документарецот „Paris Is Burning“, направена од Марко Бекер и Хозе Гати, укажувајќи на контрадикторните ефекти на изненадната видливост на вогингот. Тие опишуваат како неолибералистичките знаења акумулирани во вогингот се среќаваат со „универзалното насилство“ на индустријата на забава. Спотот и филмот учествуваат во продукцијата на новости со кои настојуваат да нѐ уверат дека константно се додаваат новини во релациониот систем што ги апсорбира. Двата производи се сместени под стилизиран „плуралистички чадор“. На крајот, угледот ѝ припаѓа на режисерката Ливингстон, богатството и славата одат кај Мадона, додека танчерите од танцовите куќи Екстраваганца, Шанел и Ла Беижа исчезнуваат во светот на сексуалните работници, сидата и квир „гламурот“. Пет години после реализацијата на филмот „Paris Is Burning“, пет дрег кралици од филмот биле мртви. (45)

На извесен начин музичкиот спот за хит синглот „Vogue“ го пародира издигнувањето на Мадона од њујоршка клупска забавувачка до најголема интернационална поп-ѕвезда, која како пејачка поинтензивно се развивала дури откако станала планетарно позната. Овој спот го поставува нарцизмот во центарот на поп-музиката, претставувајќи ја гламурозната видео-слика како синоним за самореализација. Стиховите го ажурираат поимот на поп песната и попот генерално, што дваесет години порано бил развиен од Џон Ленон, Слај Стоун и Енди Ворхол, а според кој сите се ѕвезди. Тоа чувство изразувало демократска философија што подразбирала дека секој поединец има посебни квалитети, без оглед на расата и потеклото, додека во спотот „Vogue“ таквите вредности се сведени на убавина, гламур и фантазија за освојување на Холивуд (46)

28. Јончиќ, стр. 71.

29. How Madonna Put Horst P. Horst En “Vogue”: https://www.artsy.net/article/editorial-how-madonna-put-horst-p-horst-en

30. Спотот за песната „Vogue“ (Висока мода) е достапен на официјалниот Јутјуб канал на Мадона: https://www.youtube.com/watch?v=GuJQSAiODqI (Pristupljeno 14. februara 2019. godine)

31. „Заземи поза” (Strike a pose), почетокот на текстот на песната „Vogue“ (Висока мода), станал култнo мото кое живее и денес; ако на социјалните мрежи се напише хаштаг strike a pose, ќе се појават фотографи од многубројни корисници на општествените мрежи како позираат пред објективите на своите телефони.

32. Madonna’s Cone Bra turns 25: How this Gaultier lingerie’s legacy lingers: https://ew.com/gallery/ madonna-cone-bra-anniversary/

33. Tim Lawrence, Voguing and the House Ballroom Scene of New York, (edited by Chantal Regnault), Soul Jazz Books, London, 2011, p. 3.

34. Болрум сцената (The Ballroom Scene) е профилирана и опишана во документарниот филм „Париз гори“ (Paris I burning), од режисерката Џени Ливингстон (Jennie Livingston).

35. Jonathan D. Jackson, The Social World of Voguing, Journal for the Anthropological Studyof Human Movement 12, no. 2 (2002), p. 26.

36. Voguing: Madonna and Cyclical Reappropriation by Stephen Ursprung and Smith College: https:// sophia.smith.edu/blog/danceglobalization/2012/05/01/voguing-madonna-and-cyclical-reappropriation/

37. Jonathan D. Jackson, p. 36.

38. Исто, стр. 27–28.

39. Willi Ninja: Voguing Butch Queen: http://outhistory.org/exhibits/show/tgi-bios/willi-ninja

40. Lucy O’Brien, Madonna poput ikone: potpuni životopis, Naklada Ljevak, Zagreb, 2008, str. 202.

41. Patricia Hlutchy, The World of Voguing, Maclean’s, 13 May 1991, p. 49. http://archive.macleans.ca/ article/1991/5/13/the-world-of-voguing#!&pid=48

42. Jodie Taylor, Playing it Queer: Popular Music, Identity and Queer World-making, p. 92–95.

43. Vukadinović, Zvezde supermarket kulture, str. 57–58.

44. David McNair, Celebrity Culture in America: Has personality finally replaced reality?, https://www. rutherford.org/publications_resources/oldspeak/celebrity_culture_in_america_has_personality_finally_ replaced_reality

45. Judith Halberstam, “What’s That Smell? Queer Temporalities and Subcultural Lives” in Queering the Popular Pitch, ed. by Sheila Whiteley and Jennifer Rycenga, Routledge, New York, 2006, p. 5.

46. Stephen Holden, Strike the Pose: When Music Is Skin Deep Pop View; Video Age Music: Stark Images, Shrill Voices, Skin Deepby, New York Times, August 5, 1990. https://www.nytimes. com/1990/08/05/arts/strike-pose-when-music-skin-deep-pop-view-video-age-music-stark-imagesshrill. html?pagewanted=all&src=pm

Од книгата „Квирот на Мадона“ од Дејвид Фирањ

Извор: https://www.xxzmagazin.com/ 

ОкоБоли главаВицФото