Трката за летечко такси почна

27.12.2019 00:49
Трката за летечко такси почна

Леталото на компанијата Лилиум

Во авионски хангар околу 30 километри оддалечен од централниот дел на Минхен, Даниел Вајганд ја отвори вратата од прототипот за кој вели дека ќе стане едно од првите летечки такси возила во светот.

На прашањето колку чинело да го направи, тој одговара лукаво - „неколку милиони“, но ветува дека за пет години цела флота вакви возила за 70 долари ќе нудат десетминутно возење од Менхетен до Меѓународниот аеродром ЏФК, наместо класичното едночасовно возење со автомобил.

Вајнгард (34) е извршен директор и основач на Лилиум, еден од стартапите кои ветуваат најмногу во глобалната трка за изградба на комплетно електрично летало кое ќе превезува патници над градовите.

Очекувањата дека летечкото такси ќе стане реалност во наредните неколку години се сѐ поголеми. Најмалку 20 компании на пазарот кои, според проценките на Морган Стенли, до 2040 година ќе достигнат вредност од 850 милијарди долари.

Даниел Вајганд

Лари Пејџ, милијардер и коосновач на Гугл, ја поддржува Кити Хок, компанија која ја водат првите инженери на автономниот автомобил на Гугл. Боинг и Ербас имаат свои проекти. Произведувачите на автомобили како Дајмлер, Тојота и Порше исто така инвестираат во овој сектор. Убер развива услуга за летечко такси која планира да ја понуди во Лос Анѓелес, Далас и Мелбурн до 2023 година.

Меѓутоа, произведувањето безбедно летало по разумна цена и натаму претставува инженерски и технички предизвик, а тука се и законските процеси кои ќе мораат да ги поминат компаниите за да се утврди безбедноста на возилата.

„Прашање е дали можеме да создадеме платформа која е достапна за сите и која нема да биде само играчка за богатите, дали може да направиме да биде доволно тивка за да не им пречи на луѓето над кои ќе лета“, вели Себастијан Трун, директор на Кити Хок.

Црно-белото летало на Лилиум повеќе наликува на едрилица, со тело од карбонски влакна и распон на крилата од 11 метри. Како и другите летечки такси летала во развој, работи на батерија, а може да достигне брзина од 300 километри на час.

Себастијан Трун од компанијата Кити Хок

Наместо овална кабина ќе има седишта за четири патници и пилот. Исто така, ова летало може да полета и да се приземји вертикално како хеликоптер; сепак е потивко од хеликоптер, па можеби ќе може да се приземјува и на места каде инаку не слетуваат хеликоптери.

Најпосле, трошоците би можеле да изнесуваат неколку стотици илјади долари за летало, вели Вајганд. Но заради ниските трошоци за одржување и помалиот број механички компоненти, возењето би требало да чини колку и возење со Убер или класично такси.

Вајганд ги замислува корисниците кои преку апликацијата на Лилиум резервираат лет од еден од малите аеродроми кои ги поврзуваат предградијата, универзитетите и другите важни места во градовите. Замислете, вели, летала кои ги поврзуваат деловите на Калифорнија или југот од Германија во кои не постојат брзи железнички линии.

Ерик Алисон, кој се наоѓа на чело на секторот за летечка служба на Убер, вели дека технолошките предизвици се помалку комплексни отколку кога станува збор за автономните возила; во воздухот има помалку сообраќај, а првата генерација такси летала ќе има пилоти. Сепак, додава тој, ниедна компанија досега не добила одобрување за комерцијални летови.

Ерик Алисон од компанијата Убер

Има многу пречки кои треба да се надминат. Батериите се ограничувачки фактор зашто тие одредуваат колку далеку ќе може да оди леталото. Конструирањето на прототипот не е исто што и масовното производство. Трошоците за работа исто така би требало да бидат ниски за возењето да биде достапно.

Регулаторните тела би можеле да го забават развојот на овие летала со ограничување на бројот полетувања и слетувања. Една фатална несреќа и веќе нема да има побарувачка.

Лилиум досега собрал повеќе од 100 милиони долари, а од оваа компанија нема многу информации за јавноста и покрај инженерските спецификации и соопштувањата дека превозот ќе започне од 2025 година.

Сѐ уште никој не летал со леталото на Лилиум. Но, Вајганд ветува дека тој ќе биде првиот.

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото