Ирена Јурчева е добитник на наградата „Новите!“ за 2019 година

27.12.2019 13:25
Ирена Јурчева е добитник на наградата „Новите!“ за 2019 година

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА НАГРАДАТА „НОВИТЕ!“ ЗА 2019

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Мања Величковска, одлучи наградата за 2019 година да ја додели на збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ од Ирена Јурчева.

Од вкупно пристигнатите 18 ракописи во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на шест автор(к)и: Ана Алексовска - „Талкање“, Христина Димоска - „Конференција“, Ирена Јурчева - „Белата е најстрашната боја“, Ненад Алексовски - „Сантос Блуз“, Александра Мачковска - „Вокабуларис“ и Алмир Бајрамски - „Состојби“. Од овие шест се издвоија Ненад Алексовски со романот „Сантос Блуз“ и Ирена Јурчева со книгата раскази „Белата е најстрашната боја“.

Книгата на Јурчева, на крајот најдобро оценета, е збирка од триесетина куси раскази - од две до четири страници секој. Она што на прв поглед освојува во расказите е нивната нескриена кршливост. Тие се едноставни, концизни и искрени со една отворена ранливост пред светот и критиката. Соголеноста на нејзините раскази, дури превентивното ослободување од секаков вишок кој се заканува да натежне, прецизно потекнуваат од потребата за слободна комуникација и изразување на интимните длабочини.

Таквиот пристап е во склад со нејзината, можеби главна тема – созревањето, и начините како да се издржат болките на наглиот раст. Ликовите во нејзините раскази минуваат низ трансформации кои ги ставаат во конфликт со себе и со околината. Но, темата на созревањето кај Јурчева не секогаш следи очигледни шаблони, туку се нијансира и комплицира преку вклопување во неочекувани наративи – па така авторката на моменти загазува и во жанрот на фантастиката и дистопијата, не од егзибиционизам или изгубеност, туку токму за, и низ поинакви стилски платформи, подлабоко и поинаку да ги преиспита релациите и емоциите.

Мотивот на белата боја е очигледната нишка што ги поврзува расказите. Празнотијата, отсуството на идентитет што белата го сугерира е искористено за во неа да се рефлектираат комбинациите на значења. Така белата е присутна и како продорна снежна јаснотија и како тешка, задушлива магла; и како соновна чистина и како застрашувачка стерилност – и „најстрасната и најстрашната боја“. Втор важен мотив се влезовите и излезите, кои упатуваат на граничните состојби и на просторите на релациите. Во расказите на Јурчева многу е важна динамиката помеѓу приватното и јавното, внатрешниот и надворешниот свет.

Изненадувачки, зад нежниот и деликатен текст лежи и сензибилитет за мрачното, претставено не како обратно, туѓо, чудно, туку како познато, блиско и интегрално. Особено е интересно и необично вплетувањето на бизарното во баналното и баналното во бизарното - баланс во кој двете, не секогаш приемчиви категории, смекнуваат. Можеби тој аспект фрла најдобра светлина врз инхибираната страст во ракописот, која може да се набљудува како неослободен потенцијал, но и како вредност сама по себе.

Но, тенденцијата кон двојноста е можеби најрепрезентативната карактеристика за ракописов. Двојноста што е тематски експлицитно потенцирана, понатаму е интуитивно раслојувана и градирана. Јурчева се обидува да ги улови несигурноста и флуидноста на појавите, емоциите, постоењето, и многу суптилно го илустрира мирното лулање помеѓу машкото и женското, доброто и лошото, убавото и грдото. Така, во своите раскази нуди еден симплифициран, но доследен философски концепт.

Авторката го води раскажувањето со забележлива будност за местото на секој збор, изразот ѝ е истенчен и лесен. Вешто ги користи стилските средства и ги плете слоевите на значењата. Евидентна е нејзината подготвеност за експериментирање, но и дисциплината таквите исчекорувања да ги задржи во стегната, складна целина. Овие две вештини се важни, особено кај дебитантски ракопис низ кој авторката очигледно сѐ уште го бара сопствениот глас. Автентичноста и искреноста во ракописот во комбинација со солидната книжевна вештина ги зацврстува расказите и во најнаивните моменти.

Јурчева би можела во иднина, ако продолжи да пишува, да надмине одредени слабости, и да се охрабри за истражување на други светови. Една линија на развој би била да го прошири својот интерес од лирското, интимно доживување кон чувството за извесна кауза, со што би го отворила својот текст за посуштинска интеракција со светот.

Сепак, има нешто многу привлечно во нејзините раскази, кои се како светови расеани по мали фиоки. Нејзината збирка е еден од оние младешки, делумно затворени делумно срамежливи текстови низ кои може да се ѕирне само со посилен читателски ангажман. А новите препрочитувања не го прават текстот здодевен туку отвораат блискост со него.

За жирито

Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Мања Величковска

Донатор на наградата „Новите!“ е „Комерцијална банка“, Скопје