Филмот е смислата на мојот живот

15.11.2010 12:55
Френсис Форд Копола

Кариерата на Копола е полна со успеси, но и години креативно талкање и медиокритетски филмови. При крајот на 1960-те години заедно со Џорџ Лукас ја основаше независната компанија American Zoetrope, а во периодот 1971-1979 г. ги сними најпознатите класици на американската и светската кинематографија „Кум 1 и 2“, „Прислушкување“ и „Апокалипса денес“. Добитник е на пет Оскари, а американската Академија за филмска уметност и науки уште еднаш му укажа чест со посебната награда „Ирвинг Г. Талберг“ за исклучителен придонес кон американскиот филм која ја доби на свеченоста што се одржа на 13 ноември.

Иако има 72 години, Копола е активен и понатаму. По црно-белата драма „Тетро“ која сè уште се прикажува во светските кино-сали, овој режисер го подготвува наредниот филм: трилер хоророт „Twixt Now and Sunrise“ со Вал Килмер во главната улога.

Европа отсекогаш ви била блиска до срцето, но и до вашиот уметнички сензибилитет. Вашите семејни корени се италијански, а кариерата ја градевте како независен филмаџија надвор од холивудскиот систем...

Јас имам американско и италијанско државјанство. Кога снимам меѓународна копродукција, се претставувам како италијански режисер бидејќи поедноставно обезбедувам финансиски средства. Во САД не постои министерство за култура кое ќе ви даде пари да снимите филм; за тоа треба да се обратите кај банките и корпорациите, а тие никогаш не би финансирале црно-бела драма како „Тетро“ која се одвива во Аргентина.

Зошто се решивте за црно-бел филм? Тоа денес е реткост.

Не знам зошто ова прашање им е интересно на сите. Филмовите се снимаат во боја или црно-бели, тоа е само прашање на избор. Зошто сите филмови мора да бидат во боја? Бидејќи тоа го вели некој алчен холивудски продуцент? Стивен Спилберг можеше да го сними „Шиндлеровата листа“ во црно-бела техника, а на другите тоа не им е дозволено?

Во 1970-те ги снимивте своите најпознати филмови: првиот и вториот дел на „Кум“, „Прислушкување“ и „Апокалипса денес“ ви донесоа неколку Оскари и титулата еден од најпрестижните светски режисери. Дали тоа беше преран врв во вашата кариера?

Имав навистина голема среќа во животот и кариерата, и тешко е да се очекува дека таквиот успех нема свој крај. По „Кум“ можев да снимам што сакам, но секако дека тој период не можеше да трае вечно. По „Апокалипса денес“ станав роб на системот и бев благодарен кога ќе добиев добро сценарио.

Дали воопшто бевте свесни дека „Кум“ и „Апокалипса денес“ ќе станат големи остварувања?

Добро прашање. Кога подготвувам филм, сценариото, приказната и темата се прашања на кои немам одговор. И подобро што немам бидејќи тоа би ги урнало темелите на филмската индустрија и никој не би вложил пари во филм за кој однапред се знае дека ќе биде неуспешен. Дури откако ќе го снимите филмот, ќе го измонтирате материјалот и ќе го погледнете она што сте го направиле, дури тогаш знаете на што сте. Исходот може да биде голем, но и катастрофален, но тоа се филмската уметност и бизнис: ризикот е составен дел од работата, и дури откако ќе ја изгледате последната сцена од вашиот филм ја знаете својата судбина. Постојат многу нешта за кои не сте свесни додека работите на филмот, ситни детали кои дури подоцна ја добиваат својата смисла. На пример, познатата сцена на Марлон Брандо како држи мачка во крилото. Беше тоа неговата прва сцена во „Кум“, на сетот се врткаше некоја мачка, па јас ја зедов, му ја ставив во раце и му препуштив да го искористи тој елемент како што знае и умее.

Снимањето на „Апокалипса денес“ на Филипините беше вашата најголема филмска авантура која можеше да заврши катастрофално...

Тоа навистина беше луда мисија, но многу нешта беа измислени од медиумите. Не доживеав нервен слом на снимањето, Мартин Шин не доживеа срцев удар, но катастрофата можеше да се случи, како што споменавте. Тогаш имав 32 години и вложив 32 милиони долари во продукцијата, заложувајќи ја сопствената куќа иако не бев сосем сигурен каков филм сакам да снимам. Кога работам на личен филм, никогаш не знам како ќе заврши авантурата; едноставно, го следам својот инстинкт, па нека биде што биде. Сите си мислеа дека сум полудел! Критиката и медиумите му ракоплескаа на „Супермен“, тип во смешен костум кој лета, а јас снимав некаков си мрачен филм за Виетнам на Филипините. За мене „Апокалипса денес“ е филм за моралот и сметам дека и денес е актуелен. И денес живееме во свет во кој војните и судирите имаат корени во религијата, и дека насилството се спроведува во името на бог. Тоа е сосем луда контрадикција! Но тоа е она што ме интересира мене, а не холивудските лимонади.

Во 1990-те се вративте на сцената снимајќи ги „Кум 3“, „Дракула“ и „Rainmaker“, но потоа ве снема цело едно десетлетие и се појавивте дури во 2007 со „Youth Without Youth“. Што се случи?

Низа несреќни околности. Мојата верзија на „Пинокио“ беше спремна за снимање. Тоа беше пиксаровска приказна уште кога студиото Pixar беше во пелени. Имав договор со Columbia Pictures, но едно друго студио тврдеше дека тоа ги поседува филмските права, па изгубив две години на суд. Дури и ја добив парницата која на сомнителен начин беше поништена. Се откажав од сè и му се посветив на личниот, амбициозен и џиновски проект „Мегалополис“, приказна за светот полн со љубов и разбирање. И што се случи? Додека ги снимавме првите кадри во Њујорк, се случи терористичкиот напад на Светскиот трговски центар. Кој можеше да го предвиди тоа?! Потоа веќе не ме интересираше филм за утописко општество.

Како се чувствува еден голем филмски мајстор кога ќе му пропаднат десет години креативна работа?

Не можам да кажам дека изгубив десет години бидејќи не снимив ниеден филм, туку само планирав, работев, се обидував. Не е лесно да се направи филм, посебно ако вие го пишувате сценариото и го продуцирате. Многу големифилмаџии имале долги паузи меѓу филмовите, како, на пример, Кјубрик со седум-осум години меѓу снимањата. Освен неверојатниот Вуди Ален кој секоја година успева да напише оригинално сценарио и да сними филм, што го прави американски филмаџија par excellence! Некои негови филмови се брилијантни, некои одлични, а некои се само добри, но секој филм се памети по нешто, по некоја сцена, реплика. Ретко виден талент!

И вашите деца, Софија и Роман, се успешни режисери. Тешко ли им беше да излезат од под сенката на татка си...

Не знам како да го коментирам тоа, но како татко, отсекогаш сум ја поттикнувал креативноста кај нив. Кога имаше 17 години Софија ми рече: „Сакам да бидам сликарка, да пишувам, ме интересираат модата и фотографијата“. И’ реков да се обиде во што сака и дека еден ден ќе сфати со што сака да се занимава. Роман отсекогаш беше талентиран режисер и се надевав дека ќе му се посвети на филмот. Тоа ми беше јасно кога работеше како режисер на втората екипа на „Дракула“.

Се покажавте и како производител на вино. Дали вашата љубов кон виното подеднакво ве развеселува како и онаа спрема филмот?

Сакам вино, ама не планирав тоа да ми стане професија. Имав среќа Американците да го откријат виното токму кога започнав со производството, зашто дотогаш вино пиеја најчесто доселениците од Европа и Јужна Америка, каде што виното е традиционален пијалок. Филмот и виното се две различни љубови, а јас, пред сè, сум филмаџија, човек кој пишува приказни и сака да ги претвори во филм. Филмот е смислата на мојот живот.

Извор: jutarnjilist.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото