ЕУ во прегратка на националистите

28.12.2019 11:09
ЕУ во прегратка на националистите

Ѓаволот е секогаш некој друг. Доколку на ваков начин би можело да се зборува и кога е во прашање национализмот, произлегува дека европските националисти, во настојувањето да манифестираат добри намери, постојано отфрлаат сопствена одговорност и вина за проблемите што го оптоваруваат општествениот развој – припишувајќи ги, се разбира, на туѓа адреса.

Таков е се чини и односот кон промените што ја карактеризираат соработката во рамки на ЕУ, особено кога националистите се обидуваат да ги наметнат и детерминираат приоритеите и развојните насоки.
Десничарските националистички партии, обединувајќи се со своите критични ставови кон ЕУ, ретко зборуваат, ако воопшто и зборуваат, за проширувањето на ЕУ кое и понатаму на најширок план се смета за алатка за промовирање стабилност, мир и благосостојба во Европа. Иако за нив веројатно не претставува некаков проблем да се согласат со иницијативата на Еменауел Макрон, која беше означена со ветото за почеток на преговорите за членство на Македонија и Албанија, а што несомнено повторно потврди дека политиката на проширувањето добива во значење како една од најзначајните развојни теми на европскиот проект.

Но, како што многумина забележуваат, овојпат не се само федералистите тие што се обидуваат да создадат европска постнационална заедница. Најновите тенденции покажуваат дека токму националистичките партии со прегрупирање на своите редови започнуваат да се промовираат какко бранители на заедничка европска култура, која, според нив, се распродава од страна на космполитската елита во ЕУ.

Врвните ЕУ-бирократи во Брисел изразуваат надежи дека токму Макрон е таа доминантна фигура, со својата подготвеност за акција, што во наредниот период ќе ја води Унијата низ нејзината идентитетска криза, пред се кога станува збор за тешките Брегзит-преговори, а, се разбира, и за натамошниот процес на проширување. Макрон се доживува како лидер чија амбиција е и да ја одржува во живот надежта за иднината на наднационалниот, обединувачки ЕУ-пројект.

Токму од таа перспектива гледано, и национализмот се обидува да ги помести напред своите позиции, иако во суштина не успева да ја замаскира реалноста дека станува збор за идеологија која во основа се темели врз егоизам. Интересите на сопствената група за националистите секогаш се наоѓаат во преден план, а во тој контекст нема место за каков било универзален наратив.

Затоа и често се укажува дека националистите секогаш изразуваат грижа за положбата на своите сонародници кои живеат како малцинства во други земји, но тешко го прифаќаат принципот за почитување на правата на малцинствата во сопствената земја.

Не случајно речиси сите позначајни националистички партии во Европа се именувани со јасен национален знак – Алтернатива за Германија, Вистински Финци, Фламански интерес, Големороманска партија, Шведски демократи и многумина други. Таму каде што други партии со изборот на сопственото име сигналираат идеја или можеби обединувачки интерес, националистите го презентираат идентитетот. Колективниот идентитет е надреден на сè друго.

Студени ветришта дуваат низ Европа, се вели често кога се укажува на изборните успеси и порастот на симпатиите на националистичките партии меѓу избирачите. Но иако станува збор за партии што се мошне различни според идеолошкиот бекграунд и политичкиот радикализам, сепак меѓу нив постијат и низа допирни дочки во начинот на прокламирање на националистички идеи. Во крајна линија, и покрај големите и несомнени разлики, присутни се и заеднички иментиели што го означуваат нивното политичко дејствување. А тоа се, пред сè, скептичност кон етаблираниот политички естаблишмент, остра и непомирлива критика кон мигранатската политика, и, што е можеби и најважно – аверзија кон евроинтеграциите.

Тековното изместување на политичкиот и идеолошки фокус што се прекршува врз европската политика, се чини не е само тактички. Со масовните мигрантски движења, посебно кон земјите во Западна Европа, се засилува националистичката реторика дека ЕУ-проектот преку заложбите на Брисел всушност сè повеќе претставува закана против посебноста на националните држави. Оттаму прикриениот националистички евроскептицизам, поттикнат од сфаќањата дека се случува распродажба на европската култура, се манифестира како обновена грижа и љубов кон Европа.

Пардоксалноста е во тоа што во исто време либералите, конзервативците и социјалдемократите сè повеќе ги губат позициите во Европа, но и вербата во европската идеја. Соочени со потребата да се справат со кризата во сопствените партиски редови, и со драматичното намалување на рејтингот меѓу избирачите, го отвораат просторот зда се појави нова политичка групација зад аголот, која со подновени националистички костуми сега зборува за Европа и ја промовира приказната за заштита на европскиот идентитет кому му се закануваат муслимани, Арапи и космополити. Соочена со таквиот развој, претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лејен не случајно воведе нова комесарска функција за одбрана на европскиот животен стил.

Непријателската настроеност кон ЕУ долго време беше причина за отфрлање на националистичките партии и нивните заложби. Ситуацијата сега се менува кога токму националистите прават „чекори од седум милји“ за фаќање на позиции во првите редови на борбата за обликување на европскиот идентитет. Колку тука проширувањето на ЕУ ќе продолжи да функционира како значајна тема, останува да се види.
Доколку во Брисел и понатаму се поаѓа од уверувањата дека визионерското лидерство на Макрон создава „прозорец на можности“, тогаш ќе бидат присутни и очекувања дека ќе биде можно свртување на ЕУ во поизразена федералистичка насока.

За земјите, меѓу кои и Македонија, кои својата иднина без двоумење ја врзуваат за евроинтеграциите, нема многу време за пасивно набљудување на возот кој повикува на динамичност и акција, а кој сега го напушта перонот. Со политика „да причекаме и да видиме што ќе се случи“, локомотивата полека но сигурно ќе исчезне од видикот.

Фотографии: од филмот „Amarcord“ (Фелини, 1973)

Извор: Плус инфо

 

ОкоБоли главаВицФото