Поп музика помешана со омраза

30.12.2019 00:00
Поп музика помешана со омраза

Лакшми Дубеј

Индиската поп ѕвезда излезе на бината и го почна концертот.

„Секоја куќа ќе биде со боја на шафран!“, извика пејачката Лакшми Дубеј на микрофонот, мислејќи на бојата која го претставува хиндуизмот. „Мораме да ги натераме терористите да бегаат од нашата света земја!“.

Публиката воскликна кога Лакшми со раката гестикулираше сечење грло.

Лакшми е една од најголемите ѕвезди кои го предводат бранот хиндутва во поп музиката во Индија последниве неколку години. Хиндутва е збор кој ја опишува посветеноста на хинди културата, а музиката која го носи нејзиното име нуди традиционални приказни од хиндуистичката религија и боливудски ритам - со стихови кои често отворено повикуваат на колење неверници, принудно преобраќање или напади на Пакистан.

Тоа е музика која ја отелотворува Индија на премиерот Нарендра Моди. Муслиманите и другите малцински групи стравуваат дека хинду националистичките следбеници на Моди им нанесуваат штета на секуларните темели на оваа земја и животот во неа го прават опасен за секој кој не изразува патриотизам или наклонетост кон хиндуистичката религија.

Хиндуистичките фестивали почнуваат со пуштање гласна музика во муслиманските делови од градот за да ги заплашат. Повеќето песни го содржат повикот „Jai Shri Ram!“, повикување на богот Рама, кој стана борбена парола за хинду националистите. Муслиманите кои одбиваат да пејат со масата ги напаѓаат.

„Омразата завиена во таканаречената вера стана нешто сосема нормално“, вели Т.М Кришна, еден од најистакнатите традиционални пејачи во Индија. „Маските паднаа и ова што го гледаме би требало длабоко да нѐ загрижи.“

Санџај Фајзабади

Лакшми Дубеј (30) во разговорот за Њујорк Тајмс наведе дека нејзина цел е да регрутира пешадија која ќе ја претвори Индија во хиндуистичка нација. Влада на најмалку една индиска држава со која управува партијата на Моди ги финансирала нејзините настапи од јавниот буџет.

Најнасилните делови од поп музиката хиндутва се фокусираат на Кашмир, област каде муслиманите се мнозинско население, чија автономија ја одзеде владата на Моди во август.

За милиони муслимани во Индија, ваквите хиперпатриотски изрази претставуваат закана.

Една песна на популарниот хиндутва поп уметник Санџај Фајзабади, носи наслов „Кашмир е нашиот живот“.

„Ќе дојдам во Пакистан и ќе играм килкери со вашите очи!“, пее Фајзабади, а потоа повикува на сексуално освојување територија.

Санџај Фајзабади во интервју призна дека од стиховите би можело да се заклучи дека тој поддржува насилство, но истакна дека нема ништо против муслиманите, туку против терористите.

Десницата во Индија никогаш не била поохрабрена. Некои од високите претставници во владата на Моди постојано зборуваат за имигрантите како за термити и го поттикнуваат насилството против оние кои се обвинети за колење крави, свети животни за хиндусите.

Лакшми неодамна испеа една од своите најпопуларни песни, „Секоја куќа ќе биде со боја на шафран“. Го повлече лактот наназад и отпушти имагинарна стрела.

„Луѓето облечени во шафран ќе владејат!“, врескаше. „Само еден слоган, само едно име: Jai Shri Ram! Jai Shri Ram!“

Извор: New York Times/International Report