Примално „врежување“ кај дивите гуски и кај Македонците

30.12.2019 14:12
Примално „врежување“ кај дивите гуски и кај Македонците

Конрад Лоренц, австриски биолог и орнитолог, кој се смета за татко на етологијата – науката за однесувањето на животните, како темелен камен на новата биолошка дисциплина ја подготвил својата теорија на врежувањето. Теоријата се темели на забележувањето дека одредени видови животни трајно се врзуваат – како за родител – за првиот движечки објект што ќе го здогледаат по раѓањето или по излегнувањето.

Основниот експеримент Лоренц го направил со јајца од диви гуски, така што дузина јајца од различни легла поделил на две купчиња, при што половината ги ставил во природно легло да ги легне дива гуска што не им е биолошки родител, а другата половина ја легнал во инкубатор. Кога се извеле пилињата од инкубаторот, Лоренц бил единствениот објект што тие го здогледале во првите часови од животот. И, што се случило? Пилињата, излегнати од случајна дива гуска, ја следеле својата „мајка“ во чекор, на суво и во вода, правејќи бескрајно слатко јатце од пердувести топчиња што се туткаат зад својата мајка. Но, шокантното е што гускичките на коишто по излегувањето на свет им се прикажала брадестата фаца на Лоренц, исто така формирале јатце што безусловно, слепо и упорно, го следеле научникот, каде и да одел, како да им е природна мајка.

Лоренц докажал дека овој механизам на привржување е вроден, инстинктивен, што значи генетски програмиран. Ова таканаречено „врежување“ (imprinting) е трајно и се случува веднаш по излегнувањето на пилињата, но трае најмногу 32 часа, по кое време процесот на врежувањето веќе не е можен. А за да се случи, не е потребно воопшто младите да се придобиваат со хранење. И, што е уште поинтересно, привржувањето кон движечкиот објект се случува и преку визуелно и преку гласовно препознавање и е сосем иреверзибилно и трајно: дивите гуски веќе не можат да се приврзат за каков и да е друг објект или животно, а врежувањето останува за цел живот, па научникот го посетувале возрасните диви гуски – кои се, инаку, птици-преселници што годишно прелетуваат континенти – до крајот на животот.

Инстинктивна и предодредена лековерност

Интересно е што овој еволуциски дизајниран механизам за преживување на многу сличен начин функционира и кај луѓето, иако кај сапиенсот врежувањето се случува преку учење. Човековото младо има способност да го научи јазикот на средината во која ќе ги отвори очите, а доколку го одгледаат волци – тоа ќе завива, ако тоа бидат овци – тоа ќе мека, се најде ли во семејство на гаврани – тоа ќе грака. Но, она што е базично исто, генетски програмирано, и кај дивите гуски и кај луѓето, она што е менталниот услов врежувањето или учењето воопшто да се случи, тоа е слепата и безусловна верба во родителот или во кој и да се нашол во непосредна близина, што во првите критични часови на животот – кај гуските, и повеќе години – кај детето, е единствената способност за преживување што природата им ја подарило на младите социјални животни.

Врз основа на таа способност за верување, која е многу повеќе од потреба, човештвото ги создало сите социјални релации и институции во историјата. Бидејќи сите културни обрасци, ентитети и институции се темелат на приказни измислени од човекот, генетската отвореност на човечкиот мозок – еден вид инстинктивна и предодредена лековерност, односно способноста да се поверува и упорно да се верува во тие приказни, е еволуциската основа за создавање, хомогенизирање и опстојување на сите митови, вери и религии; семејства, племиња и нации; секти, култови и политички партии; групни идентитети од секаков вид, локални и регионални, континентални и планетарни; пари, банки, институции, држави и секакви други системи на вредности. Врежувањето на сите овие плодови на човечката имагинација кај човечките млади – исто како и кај дивите гуски – е од суштинско и одлучувачко значење за нивната егзистенција.

Способноста за верување – најмногу злоупотребувано својство

Токму поради нејзината фундаментална улога во животот, способноста за верување е воедно и најмногу злоупотребуваното својство на човечкиот мозок во целата историја на човештвото. Сите лаги, измами, илузии и манипулации се, практично, злоупотреба на човечката вродена подготвеност да им се поверува. И токму поради својството на „прозорецот“ на врежувањето да се затвора по некое време, најуспешните, најтрајните и воедно долгорочно најштетните „приказни“, нам ни се сервираат во првите три младешки седумгодишни циклуси.

Во светлото на ова сознание, дали некој во Македонија се запрашал што ќе му се вреже во мозокот на младото Македонче, кога од прегратката на мајка си, или од рамото на татка си, ќе ја здогледа чудовишната псевдоспоменична грдотија среде главниот плоштад на престолнината, што гротескно го претставува аргеадскиот и хеленски крал и египетскиот фараон Александар Велики? Што и да му пропелтечи родителот, врежувањето ќе се случи со генетски уредено доверение дека она што неговите родители го изградиле триесет и кусур метри високо и го треснале на најцентралното место во земјата, тоа мора да е стожерот на нивните вредности, тотемот на племето, врховен бог на нивната вера, таткото на нацијата, најважното нешто во македонскиот, светскиот, а безбели и во вселенскиот поредок.

Дали некој во земјава се запрашал каква и колкава е менталната и вкупната културна штета што настанува со врежувањето во мозоците на нашите млади на сите безмислени и налудничави, фашисоидни и морничави, монструменти и дивоградби, франкенштајн-барок стилови, лажноисториски и други блуеници? Дали некој помислил дека овој културоциден радиоактивен отпад ние им го врежуваме на нашите млади преку еволуциски најсилниот и генетски најотворениот канал директно во нивните мозоци, длабоко во нивните души? И, дека со тоа – наместо да им обезбедиме подобра егзистенцијална основа за идниот живот – ние правиме ментални инвалиди, млади оштетени со системска кретенизација, или во најмала рака, индивидуи со естетски, етички, идентитетски и социјални ментални нарушувања?! Ајајај, до кога ќе се повторувам на оваа тема?

Слики: Troels Carlsen

Извор: Слободен печат