Капитализмот измачува и убива

31.12.2019 13:22
Капитализмот измачува и убива

кон „Жалиме што ве промашивме“ во режија на Кен Лоуч, сценарио: Пол Лаверти, кинематографер: Роби Рајан, музика: Џорџ Фентон, улоги: Крис Хичен, Деби Ханивуд, Рис Стоун, Велика Британија, Франција, Белгија.

Филмскиот ветеран Кен Лоуч има богата кариера којашто изобилува со маркантни остварувања, за на 80-годишна возраст, наместо да ужива во пензионерските денови, тој го сними модерното ремек-дело „Јас, Даниел Блејк“, а оваа година го зададе наредниот удар и го повтори успехот со новото остварување „Жалиме што ве промашивме“. Британската кинематографија е преплавена со социјални мелодрами за тешкиот живот на работничката класа, преку дела на Мајк Ли, Алан Паркер, Џим Шеридан. Оваа констатација важеше и пред да го погледнете „Јас, Даниел Блејк“ и да заклучите дека секогаш има простор за исклучителни дела. Таков е случајот и со новиот филм, којшто го опфаќа животот на Роби, Аби и нивните две деца, кои живеат во Њукасл и водат борба со заостанатите долгови од финансиската криза од 2008 година. Роби купува ново комбе со цел да биде квазисамовработен возач за испораки, при тоа продавајќи го автомобилот на сопругата, којашто мора да патува до оддалечените домови на старите лица кои ги негува. Двајцата се заглавени во долгови, прекувремено работат во текот на неделата, занемарувајќи ги своите деца, затоа што излегуваат од домот рано наутро и се враќаат уморени во ноќта и заспиваат пред телевизор. Згора на тоа, во свирепиот капитализам, раководени се од бескрупулозни претпоставени, коишто бараат од нив да извршат што е можно повеќе задолженија (небаре се роботи), комплетно запоставувајќи ги нивните семејства. Тие се добродушни ликови, со огромна емпатија, трудољубиви и пожртвувани за работните обврски, а гледачот е немоќен сведок на нивната филмска компресија на ментално и физичко измачување во 100 минути.

Невидливиот непријател е сиромаштијата и човечката безобѕирност, кој засадува семе на трулеж во семејството, предизвикувајќи го неконтролираното однесување на децата и премореноста на родителите, која ги претвора во агитирани и револтирани ликови, што е сосема спротивно на нивната природа. Во недостаток на слободни денови и бесрамно узурпирање од страна на шефовите, ефикасниот испорачувач (чијшто секој чекор од испораката е надгледуван) и емпатичната негувателка (која не е платена за превоз и храна, додека ја извршува нејзината деликатна грижа), немаат слободно време за да се справат со семејната криза предизвикана од недоволно платената пожртвуваност.

Долгогодишниот соработник на Кен Лоуч, сценаристот Пол Лаверти, создава четири ликови пандани на Даниел Блејк и во секоја сцена детално ги потенцира социјалните проблеми на заедницата, потхранети со суптилен хумор и градација во себеизмачувањето до имплозија, којашто раѓа незадоволни профитери и експлоатирани работници со напукнати семејства, со недостаток на време за нивно крпење. Со оглед на тоа што се цели на реализмот и колоквијалноста на едно британско семејство, композиторот Џорџ Фентон добива минорна улога за засилување на емоциите, а Роби Рајан кадрира на дневно светло, со приземјен колорит, обидувајќи се да го естетизира монденското.

Ова е филм за економската нестабилност, технолошката револуција којашто раѓа нови робувања, со илузијата на слобода на вработениот и закана преку страв од финансиска нестабилност, прелажан дека „работи за себе“, а последиците во случај на болест, повреда или несреќа ги снесува работникот. Кога нареден пат ќе нарачате нешто од „Амазон“ и се побуните зошто доцни пратката, присетете се на филмската интима на ранливите ликови, кои работат за трошки од договори на дело, заробени во комбе, додека се богатат корпорациите од нивната пот.

Извор: Филм+