Made in Europe

21.05.2009 10:08
Европа_

Историчарот Гај Маршал со години ги проучувал возвишените претстави на Швајцарците за нивното средновековно минато. На еден конгрес на историчари во 1990 година ги слушал своите колеги од разни земји како ги анализираат своите национални митови, слични на швајцарските преданија за заклетвата на полето Ритли и јуначките саги за Вилијам Тел и Арнолд Винкелрид.

Наместо да го одржи своето предавање на локална тема, Маршал ги повикал учесниците на собирот да ги споредат националните истории на европските земји.
Под покровителство на Европската научна фондација, на неговиот тогашен универзитет во Луцерн, тој организирал работилница на таа тема. Тоа бил почетокот на големиот истражувачки проект: Национални истории на Европа - толкување на минатото. Под водство на германскиот историчар Штефан Бергер, кој во моментов е професор на универзитетот во Манчестер, 200 историчари од 30 европски земји пет години работеа на споредување на пишувањето на националните истории во Европа. Резултатите од ова истражување ќе бидат објавени во шест книги.

Од Косово до Финска

Тесната поврзаност меѓу националните држави и пишувањето на историјата потекнува од фактот дека обете, и модерната национална држава и историјата како модерна наука, настанале на преминот од 18-ти во 19-ти век. Старите нации како Франција или Англија го познаваат пишувањето на историските хроники од раниот нов век. Тогаш се појавуваат претставите на државите како храбри девици. Уште во антиката женските божества, како што е Атина, на пример, ги персонификувале градовите. Во средниот век како иконографски и симболичен модел станува Богородица која ја претставувала неповредливоста на државната територија и на суверенитетот. Суверен е само оној кој успева да го одржи недопрено своето тело. Во раните претстави, покрај девицата се појавува и младоженец, на пример, млетачкиот дужд кој ја штити девицата Венеција. Од 17 век девиците Холандија и Хелвеција стануваат симболи на Холандија и Швајцарија. Во поезијата од тоа време Хелвеција се нарекува „швајцарско чудо, слобода на возвишената убавина“, која ги одбива своите додворувачи, европските моќници: Савој, Австрија и Баден од една, и Шпанија, Франција и Венеција од друга страна. Но клучните слики на величење на сопствената нација се создадени дури откако историјата е зацврстена како научна дисциплина. Тие денес се познати под името големи национални наративи.

Истата наука што ги создала, ги разоткри големите национални наративи како конструкции без некоја посебна врска со историската реалност. Но, овие приказни продолжуваат да се развиваат и да го живеат својот живот одвоен од историската наука преку популарната култура и, посебно, преку програмите на конзервативните политички партии. Силата на нивното влијание врз свеста на луѓето е поголема или помала во зависност од земјите или регионите во кои настанале.

Споредувањето на големите национални наративи од Португалија до Украина, од Косово до Финска, го покажа следново: тие секогаш го следат истиот модел кој секогаш се состои од истите делови. Тука, пред сè, спаѓаат митовите за потеклото на народите и основањето држави, бидејќи на сите им било важно да го сместат настанувањето на својата нација во што е можно подлабокото минато. Дали се работи за Хуни или Унгарци, Готи или Шпанци, Викинзи, Англосаксонци, Хелветијци или Гали - сите опширно го опевале племето од мрачните шуми од кои наводно настанала нивната национална држава.

Следната задача била составување пантеон од херои, при што се земало сè што ќе паднело под рака: во Шведска - кралевите Густав Адолф или Карло ХII, во Чешка - реформаторот Хус, во Италија - поетот Данте, во Унгарија - свети Стефан, во Швајцарија - обичните селани Тел и Винкелрид. Една од средишните константи на големите национални наративи е и заколнатиот непријател. Гај Маршал забележал дека тој често е претставен како декадентен и феминизиран слабак. Еден од исклучоците од ова правило е заколнатиот непријател во швајцарското предание. „Нашиот непријател секогаш бил застрашувачки силен, поради што и нашиот одговор морал да биде таков“, вели Маршал. Кога на националните херои и нивните заколнати непријатели ќе им се доделат такви истакнати улоги, најважниот структурен елемент на националната историја станува - битката.

За големите национални наративи карактеристична е и поделбата на историјата на мрачно доба и доба на процут, како и поделбата на фази по пример на животот на човекот, како што се наративите за младоста на некоја нација, нејзиното стареење и препород. Ова забележливо вреднување на поединечни историски периоди е еден од доказите дека националните истории се конструкции, бидејќи вреднувањето секогаш се врши по критериуми кои важат во моментот кога историчарот го пишува своето дело или, подобро кажано, кои тогаш се политички пожелни.

Швајцарскиот голем наратив го покрива периодот од Бургундските војни до 18 век, и го претставува исклучиво како доба на декаденција и пропаст, без оглед на тоа дека сепак станува збор за цели три века разновидни случувања. „Тоа е вреднување од перспектива на 19 век кое има многу малку заедничко со реалните случувања што се одиграле за време на тие три века, а многу повеќе со либералните вредности на централизираната сојузна држава од 1848 година“, вели Маршал.
Ние го конструираме и го вреднуваме развојот на настаните во минатото тргнувајќи од актуелниот политички момент. Затоа Маршал големите национални наративи ги нарекува и политички утопии проектирани во минатото.

Сè е тоа наше

Не постои наднационална категорија, како што, на пример, е религијата, која големиот наратив нема да ја присвои како ексклузивно своја. Напротив, транснационалните елементи се присвојуваат без никаква задршка: католицизмот во Шпанија и во Полска е подеднакво централен елемент на величествената саморепрезентација како што протестантизмот е во Скандинавија и Германија, и православието во Русија и Грција.

Во големите земји како Англија и Франција, одговорот на прашањето за посебната мисија на нацијата е речиси саморазбирлив и се заснова на едноставните факти: дефинирана територија и заеднички јазик. Во малите земји, особено ако во нив се зборуваат неколку јазици и ако се составени од повеќе етнички групи, во создавањето национална самосвест се вложуваат посебни напори. Гај Маршал во таа смисла ја споредува Швајцарија со Белгија и Луксембург. Овие две мали земји се изградиле како мостови меѓу романската и германската култура, додека Швајцарија својата европска мисија ја свела на љубоморното чување на алпските извори на питка вода.

Во западна Европа, и во националната свест и во историската наука, по Втората светска војна целосно се откажале од политичката употреба на средниот век. Швајцарија и овде претставува исклучок. „Ние сме единствената европска земја која од 1848 година не доживеала големи потреси и нашиот голем национален наратив останал недопрен и отпорен на промени“, објаснува Маршал.

Националната историја денес го претставува европскиот извозен производ број еден. Овој модел подеднакво го преземаат старите азиски култури и младите африкански држави. На Балканот една битка водена во 1389 година предизвика војна во 1998. И во бившите советски републики, од Украина до централна Азија, токму сега се одвива обновата на тој модел.

Убиствен потенцијал

Кое е значењето на овој голем проект? За Гај Маршал, тоа е широка потврда на резултатот од неговите долгогодишни занимавања со швајцарските историски претстави, „сознанието дека националната историја во најопшта смисла на тој збор е историска конструкција. Според тоа, Швајцарија не претставува исклучок на ниту еден начин, бидејќи составните делови на националните истории насекаде се исти: сите имаат мрачно доба, заколнати непријатели и сосем посебен, трет пат.“

За раководителот на проектот, Штефан Бергер, тој значи будење „на алармантната количина скепса во однос на секое прашање од националната историја“. Се разбира дека националните истории имале и одредена еманципаторска улога во борбата за човекови права и слободи и демократија. Сепак, вкупниот биланс останува негативен, бидејќи тие пречесто служеле за правдање на употребата на сила, геноцидот и војната. Во 20 век националната историја ја претставувала самата основа на сите фашистички и авторитативни режими. А кога требало да се легитимираат прогоните и геноцидот, кога и да се поставело прашањето на граница - туку биле историчарите за да ја оправдаат валканата работа. Бергер зборува за „убиствениот потенцијал на големите национални наративи“ кои зад себе оставаат „наративна мапа на лузни“.

„Постапката со која националниот идентитет се воспоставува врз основа на историјата нужно завршува со хомогенизација, а со тоа и со воопштено прогласување на сè она што е поинакво како туѓо и непријателско“, тврди Бергер. Поради тоа тој се залага за целосно откажување од понатамошното занимавање со националните наративи: „Историчарите, едноставно, треба да ја одбијат послушноста.“

 

графичките прилози: Гај Билаут

ОкоБоли главаВицФото