Дури и разговорот за осаменоста е голем чекор кон нејзино надминување

03.01.2020 00:33
Дури и разговорот за осаменоста е голем чекор кон нејзиното надминување

Интервју со Милан Дамјанац, конструктивистички психотерапевт, филозоф и социјален работник.

Дали во 21 век осаменоста е поприсутна од порано?

Заради поголемата индивидуализација, денес осаменоста стана составен дел од животот. Поединецот е оставен самиот да го избере својот пат, а тоа заради условите за живот, уредувањето на општеството, работата, го доведува во позиција често да се чувствува како да го запоставил приватниот живот и нема социјална поддршка кога му е тешко. Искушението е и во тоа што во 21 век индустријата за забава е доведена до совршенство, па преокупирани сме со содржини преку малите екрани, брзите слики и снимките на социјалните мрежи кои ни пружаат чувство на помала осаменост. Информациите, како и другите луѓе, преку интернет и социјалните мрежи станаа толку достапни што и самите се чувствуваме како дел од некоја целина. За жал, токму таквата достапност предизвикува брзо повлекување или само делумно и еднострано навлегување во некакви односи; едноставно, тоа што е лесно да се запознаат нови луѓе предизвикува луѓето и да се повлекуваат од односи при првото несогласување или напор. Односите во кои има сѐ помалку вложување и сѐ повеќе „површни“ теми станаа главно обележје на денешното општество, а недостатокот на смислена размена со другите е причина за осаменост.

Дали се повеќе осамени мажите или жените, постарите или помладите генерации?

Ова е мошне интересно прашање. Ми се чини дека сите можат да бидат осамени секогаш, а особено денес. На одреден начин, потрошувачката култура се темели на промоција на убавината, а со самото тоа и на младоста и може да се каже дека во таа насока постарите генерации можат да почувствуваат еден вид исклученост од односите со другите. Од друга страна, никогаш порано немало толку целоживотни едукации, активности и општествени настани како денес, па се пружаат нови можности за запознавање и активности, без оглед на годините. Огромната брзина со која се менуваат условите за живот заради развојот на технологијата предизвикува потполно неразбирање меѓу генерациите и примарното семејство станува извор на нов општествен притисок. Со самото тоа, осаменоста како вид исклученост и неразбирање може (и не мора) да се јави и кај едните и кај другите. Исто е и кога сакаме да ги анализираме мажите и жените. Општествениот притисок различно се отсликува на двата пола, но секако го има. Осаменоста ги погаѓа сите, заради различни причини, но се чини дека притисокот е поголем кај жените заради мноштвото очекувања кои се во меѓусебен конфликт. Балансирањето на професионалната услуга на работа, улогата на сопруга, мајка и пријателка може да биде мошне тешко.

На кој начин и колку социјалните мрежи влијаат на социјалниот живот? Дали го збогатуваат или осиромашуваат?

Денес постои широко распространета дебата за ова прашање. Ми се чини дека дебатата се води околу сосема погрешната премиса која претпоставува дека социјалните мрежи можат да бидат одговорни за нешто. Социјалната мрежа е еден контекст и алатка на која ѝ даваме смисла. Самата по себе, таа не може да има одговорност за што било. Имено, укажувам на еден вид општо неразбирање на одговорноста и контексттот. Струјата ниту е добра ниту е лоша. Таа може да биде користена за добри или лоши цели. Доколку го допреме штекерот со мокри раце, ќе видиме нешто лошо кај струјата, додека осветлувањето, техниката и олеснувањето на животот што таа го носи зборуваат нешто добро за неа. Струјата е струја. Сѐ зависи од тоа како ја користиме. Би имало смисла да се зборува за тоа колку поедноставувањето на односите помеѓу луѓето би довело до посиромашна размена меѓу луѓето, за што секако кумуваат социјалните мрежи. Од друга страна, факт е дека ни овозможуваат лесно поврзување со другите. Ние сме тие кои се одговорни за начинот на употреба на социјалните мрежи. Социјалните мрежи можат да го збогатат нашиот живот со нови познанства, искуства, сознанија, а можат и да го осиромашат доколку ги користиме како начин за да побегнеме од оние животни сфери од кои не сме задоволни. Социјалните мрежи можат да ни оовозможат да ги прошириме своите искуства, но и да бидеме некој друг, барем во тој контекст. Сепак, тие можат да ни овозможат и простор за избегнување на соочувањето со одговорноста и промената. Тие можат да бидат прибежиште и утеха. Проблемот е во тоа што секое прибежиште не мора да е корисно, ниту секоја утеха да биде добра. Сето тоа може да биде и токсично.

Дали денес луѓето се емотивно позатворени од порано?

Да ја погледнеме структурата на денот на еден просечен возрасен човек. Работата често е таква што од нас бара ефективно работење и посветување барем осум часови дневно, а понекогаш и повеќе. После работа, заради замор, често сме во искушение да ги потиснеме своите емоции потреби. Односите од нас бараат емотивно инвестирање за кое имаме впечаток дека немаме сила. Заради тоа се чувствуваме преплавени од страна на другите и нивните проблеми или ние сме тие кои се незадоволни и немаат соговорници. Тука настапува индустријата за забава и ни го нуди она што ни е потребно во тој момент и затоа немаме време да се позанимаваме со себеси и другите. Доколку не се разбереме себеси, своите потреби, желби, надежи, односно, доколку не остануваме сами со себе, тогаш не можеме да имаме ни квалитетна размена со другите. Тоа може да доведе до различни исходи. Да претпоставиме дека еден од нив е задоволувањето на другите и нивните потреби, а потиснување на своите и запоставување на туѓите. Во секој случај, спознавањето на сопствените потреби и желби, разбирањето на туѓите потреби и желби претставува пат кон надминување на осаменоста. Да научиме да се ангажираме за себеси, да поставиме здрави и јасни граници со разбирање на туѓите перспективи претставува пат кон излегување од осаменоста. Во спротивно, крајностите можат да доведат до она што го нарековте емотивна затвореност. Емотивната затвореност е резултат на стратегиите кои не дале резултат. Доколку сме биле претерано дарежливи, а за возврат не сме добиле ни минимум од своите имплицитни очекувања, ќе бидеме напуштени, повредени, бесни и затворени. Доколку само сме барале, а не сме пружиле ништо, ќе имаме впечаток дека не нѐ разбираат доволно, па затоа се дистанцираат од нас. Како и да е, ќе почувствувате осаменост а тоа предизвикува дополнително затворање. Излезот не е во крајностите. Двете крајности единствено можат да го зголемат чувството на беспомошност. Излезот е во разбирањето на себеси, другите, почитувањето и преговарањетo. Тоа подразбира и здрав однос кон себеси и градење самодоверба.

Колку на осаменоста влијае победата на материјализмот над духовноста?

Доколку под материјализам подразбирате пари и материјални вредности, тогаш одговорот е дека влијае многу. Повторно, за ова не се виновни парите. Виновен е односот кон парите. Парите, како и сите други материјални вредности, станаа цел, а не средство. Луѓето често се надеваат дека парите ќе им ги решат сите или поголем дел од проблемите, не сфаќајќи дека парите се само пари и дека во животот не може да се купи сѐ. Односот со другите се гради, а не се купува. Материјалната сигурност стана замена за психолошката и во светот со променети односи и уништување на таа мрежа на сигурност која ја претставуваа семејните и роднинските односи, материјалната сигурност стана најважна. Нашите потреби ги следат нашите материјални успеси и после секој материјален успех се создава нова потреба а трката станува постојана. Доколку застанеме за момент и погледнеме околу себе, ќе видиме дека сме жртвувале многу важни нешта трчајќи по материјална сигурност. Секако, сето ова не би се одиграло на овој начин ако уште на почетокот сме имале јасна цел и сме сфатиле какво средство се парите и што е во ред да се жртвува за да се дојде до него. Медиумите играат голема улога во создавањето ваков вид осаменост. Имено, тие ја валидираат оваа претпоставка за парите како решение на сите проблеми, универзален извор на среќа. Парите станаа средство за промена на околностите, а околностите не се менуваат на тој начин. Најчесто, тоа генерира цел сет уште понепрактични претпоставки. Не ти се допаѓа како изгледаш? Плати и ќе изгледаш поубаво. Не ти се допаѓаат пријателите? Имај пари и ќе имаш подобри. Не си се допаѓаш како личност? Плати и ќе те направиме подобра личност. Во таа смисла и духовноста денес впрочем е второто име за потребата да се надмине губењето на односите меѓу луѓето.

Какви се последиците од осаменоста во однос на психофизичкото здравје?

За жал, значајни. Психата зборува преку психичката состојба но и преку телото. Стануваме индивиидуи само во однос на другите. Доколку нема таков соодветен однос и комуникација, тогаш болестите ќе бидат начин на комуникација за сопствените потреби, болеста ќе стане начин за изразување на сопствените желби за вклученост и разбирање. Тоа ќе биде една од стратегиите да си обезбедиме другите да нѐ видат и слушнат и исто така самите ние да се видиме и слушнеме. Барем нешто да преземеме за да се заштитиме себеси. Во таа смисла здравјето е здрав однос кон себеси и другите, а психосоматската и психичката болест е знак дека не сме задоволни од тој однос и дека е потребна промена. Доколку не знаеме да им кажеме „не“ на другите, болеста ќе го каже тоа за нас. Доколку чувствуваме грижа на совест, болеста ќе ни дојде како еден вид казна. Разбирањето на себеси и надминувањето на осаменоста е мошне важно за својот живот да можеме да го ставиме под контрола.

Дали осаменоста и самотијата се табу тема во општеството? Колку луѓето се подготвени да зборуваат за сопствената самотија?

Самотијата е потполна загуба на луѓето кои можат да ни бидат поддршка и ресурс за нашите потреби, а ние за нивните. Логично, тоа создава чувство на тага. Како и да е, ние сигурно можеме да се промениме себеси и односот кон другите. За жал, често ги мешаме одговорноста и вината. Можеме да бидеме одговорни за да ги смениме нештата што сакаме да ги смениме, кои нѐ чинат, повредуваат или ги повредуваат другите. Ние сме одговорни за да преземеме нешто. Значи, ние сме одговорни за промената, но не сме виновни за затекнатата состојба. Тоа често предизвикува луѓето да се плашат да зборуваат за самотијата и осаменоста за да не бидат обвинети дека самите се виновни и одговорни. Тие се одговорни, но не се нужно виновни. За жал, тие две нешта денес се синоними и тоа прави многу големи пречки. Луѓето мора да сфатат дека дури и разговорот за осаменоста веќе е голем чекор кон нејзиното надминување. Односот ја лекува осаменоста. Не е срамно да се побара помош и да се обратиме некому. Не е срамота да се разговара со блиските од позиција на она што го чувствуваме. Секако, лесно е да се каже тоа, но тешко е да се подготвиме за потенцијалните исходи од таквите разговори.

Суштински, промената е единственото нешто што е сигурно во животот и разрешувањето на нашите проблеми може да биде само во промената, не во повторувањето на истите матрици. Она што нѐ довело до крстосница секако нема да нѐ однесе таму каде што сакаме да бидеме. Потребно е повторно да се осмислиме себеси. Дури тогаш тој пат кон она што сакаме да го постигнеме може да биде оној за кој можеме да бидеме одговорни и виновни.

Фотографии: Alexey Amelyushkin

Извор: http://plezirmagazin.net

ОкоБоли главаВицФото