Силогизми на горчината

15.11.2010 14:43
Lucian_Freud.jpg

Во глупоста, тој е сериозен дух кој, ако е подобро насочен, би можел да го зголеми количеството на ремек-дела.

*

Без нашите сомнежи во себе, нашиот скептицизам би бил мртва буква на хартија, конвенционално неспокојство, филозофска доктрина.

*

Историјата на идеите е историја на осветољубието на самотниците.

*

Шекспир: љубовен состанок на ружата и секирата...

*

Секоја реч болно ме погодува. Колку, сепак, би ми било попријатно да го слушам брборењето на цветовите за смртта.

*

Модели на стилот: пцост, телеграм и епитаф.

*

Книгата која, откако демолирала сè, не се демолира и себеси, залудно нè огорчува.

*

Песимистот секој ден мора да измислува нови причини за постоење: тоа е жртвата на „смислата“ на животот.

*

Секоја мисла би морала да евоцира урнатина на некое смеење.

*

Во овој минлив свет, нашите аксиоми имаа вредност само како мали новински вести.

*

Приговор кон науката: овој свет не заслужува да биде сфатен.

*

Кога продлабочувате некоја идеја, и’ нанесувате штета: и’ ја одземате привлечноста, имено животот...

*

Ја вкусивме опиеноста од крајностите, и застанавме некаде меѓу дилетантизмот и динамитот!

*

Со секоја идејата која ќе се роди во нас, нешто во нас гние.

*

Колку ми е само блиска онаа луда старица која трчаше по времето, која сакаше да улови парче од времето!

*

Донесувам одлука исправено: легнувам и – ја поништувам.

*

Со животот се склопува договор само кога се кажува – со целото срце – некоја баналност.

*

Секоја вода ја има бојата на давењето.

*

Никој нека не се обидува да живее ако не ја поминал обуката за жртва.

*

Да се надеваш значи да ја демантираш иднината.

*

Кога би верувал во Бог, мојата заслепеност не би имала граници: би се шетал гол низ улиците...

*

Не Бог, туку Болката ја ужива предноста на сеприсутноста.

*

Како и секој иконокласт, ги скршив своите идоли за жртвата да ја принесам на нивните урнатини.

*

Создавањето на светот бил првиот чин на саботажа.

*

Според барањето на маките, според стремењето по болката, љубоморниот човек му конкурира на маченикот. Меѓутоа, едниот го канонизираме, а другиот го исмеваме.

*

Колку повеќе духот се откажува од сè толку повеќе ризикува, кога љубовта ќе го погоди, да реагира како срамежлива девојка.

*

Зошто да му се обраќаме на Платон кога некој саксофон може подеднакво добро да ни навести друг свет?

*

Еволуција: во нашите денови, Прометеј би бил пратеник на опозицијата.

*

Слободата е врвно добро единствено за оние кои ги поттикнува волјата да бидат еретици.

*

Историја – тој динамизам на жртвите.

*

Кој не ја гледа смртта во розовото, боледува од далтонизмот на срцето.

*

Последното прибежиште на оние кои ги погодила судбината е идејата за судбината.

 

Извор: Emil Cioran: Syllogismes de l’amertume

Од Сиоран прочитајте го и текстот: Тетратки (1957-1972)

Слика: Лусиан Фројд

ОкоБоли главаВицФото