Твор во двор

04.01.2020 12:03
Твор во двор

ТВОР ВО ДВОР
(Канадска приказна)

Мојот школски другар, кој откако завршивме гимназија отиде на два месеци „на кратка посета“ кај тетка му во Канада, дури по две децении ненадејно се појави „во старо маало“. Дошол за свадбата на братучетка му, па откако нè собра во кафулето во кое се наоѓавме кога бегавме од часови (сега има ново име), по третото пиво, зеде да ни раскажува за своите проблеми:

– Ју ноу, батка, кај нас таму е све океј, не се жалам за све, као вие овде, ама имам вери биг проблем со уан твор, ју ноу, она што смрди многу, батка! Дем ит, не знам шо мерак има тој твор, ама секој ден ми доаѓа у двор.

– Чудо големо, твор ти шета у двор! Да не не можеш да твориш кога имаш твор во двор? – некој почна да го руга.

– Ама ти не знаеш хау мач смрди, батка! Прозор у спринг и самер ич не се отвара, ју ноу? Башка, батка, бељи прави, моча кај ќе стигне и ноу ченс можеш после да отсмрдиш нешто ако го пипнал или мочнал. Сум фрлал у ѓубре и косилица за грас и лежаљка од бамбус и топки за баскетбал и профешнл рекет за тенис и пластик
шуз за гарден, и кучето Лаки ми го усмрде – па морав 350 долари да дадам да ми го отсмрдат на пет доктор, ју ноу човече!

– Па, што не му пресудиш со секира на творот! И онака таму сигурно цело лето цепиш дрва за тоа поларните зими.

– Ќе ме стаат у џејл ако помислам да го пипнам – ете тоа ме секира, рили! Еднаш дури и ми глумеше дека е мртов. На сред двор се преврте како да е пцојсан, ју ноу, па ме фати пеник дека ќе ме обвинат дека сум го труел?

– Па, кој ќе знае дека си го средил?

– Одма ќе ме фатат! Ју ноу, можеш на улица хоумлес да бидеш, бетер од твор да смрдиш, никој не се буни, ама ако дигниш рака на твор или ракун, не дај Боже, Џиз’с Крајс, роден син ќе те рипортне у полис...

Откако нè распраша за другите од клас (кој како се снашол, кој кај работи, кој со кого се смувал, а кој фатил пат „у бели свет”), ме вика да запалиме по една надвор. Во маглата, како зомби, се тетерави човек со волнен шал врз носот, со девојче в раце, врз чие лице има голема маска за дишење.

– Холи шит, батка, па градов смрди бетер од твор, ју ноу! Смрди на горена гума. На запален контејнер. Ова не се трпи, мен!

– Да, знам, и ние не отвораме прозор во есен и во зима.

– Па вие сте сите комплитли инсеин, батка, што ова го трпите! Туку, ај да влеземе инсајд! (Ја фрла цигарата во чашата, недопушена). Па, сори бади, јас ве гњавам со мојот твор во двор, а ова е бетер, ју ноу?

– Да, знам.

Слики: The Royal Art Lodge

Извор: Владимир Мартиновски, ЗООСТОРИИ (Бегемот, 2019)

 

ОкоБоли главаВицФото