1028 hPa
28 %
19 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 14:34
Колку и да се трудиме да задржиме ладни глави и смирен ум, следејќи ја растечката несразмера што аферата „Рекет“ ја поприма во јавноста, тоа се покажува како залудна работа. Целиот медиумски и политички простор во библиската земја е исполнет со вестите за апсењето и притворот на до некни најистакнатата икона на правдата, борбата против криминалот и неказнивоста. Реакциите на Гласот на Злото што ја пумпаат нуклеарната печурка на антивладината црна кампања од белата Куќа на Фашизмот, штаб-квартирата на ВМРО, се разбирливи и логични. Тие го бараат само минимумот што секоја демократска земја во која владее правото мора да го исполни: оставка на владата, распуштање на парламентарното мнозинство на СДСМ и коалиционите партнери, апсење и судско гонење на сите живи души што имале каква и да е врска со осомничените, воспоставување на влада на националното спасение на ВМРО со мандат од илјада години, предавање во вечна сопственост на сите македонски добра што злосторничкото здружение ги украло во единаесетте години од својата мафиократија, и, се разбира, предавање на ЕСМ и сите електрични централи, што се изградени од страна на клетите македонски комунисти, во сопственост и домаќинско управување на нивниот партиски претседател.
Од другата страна, моите млади камаради од СДСМ порачуваат дека нема причини за презголемување на аферата, зашто мерките што ги преземаат институциите, како и отворената јавна дебата, транспарентноста и отчетноста на надлежните органи, се премногу очигледни докази дека правната држава функционира и дека судската разврска на аферата е манифестација на највисокиот идеал на демократијата и владеењето на правото - дека во земјава никој не е над законот! Отровното бладање од Куќата на Фашизмот наиде кај мене на разбирање и христијанска помирливост: нивните барања се логични и во секој поглед на место, зашто произлегуваат од злосторничките мозоци што ја замислија и изведоа најголемата општествено-политичка и културна катастрофа на македонскиот државен и национален проект од Втората светска војна.
Но, мојот напатен мозок беше сериозно засечен не од вмровското злогласење, туку од констатацијата на моите другарчиња дека во Македонија правната држава функционира и дека никој не е над законот!? Како, молам? За жал, ништо не е подалеку од вистината, зашто правната држава цврсто владее само со шефицата на СЈО и нејзиниот мебел, а да владееше со целата ни земја, ВМРО ќе мораше да биде ставена вон закон како партија, имотот ќе мораше да и биде конфискуван, сите што учестуваа во злосторничкото „заробување“ на државата, соборувањето на уставниот поредок, злоупотребата на јавниот простор и јавните добра, крадењето на милијарди евра народни пари, кретенизацијата на нацијата, декапацитирањето на сите институции и претворањето на престолнината во архитектонска септичка јама, сите, велам, што учествуваа во тој грабеж и културоцид, ќе мораа да бидат казнети сразмерно на своето учество, одговорност и бесправна имотна корист. Меѓутоа, ништо од тоа не се случи, а не гледам дури ниту знаци дека слепото око на правдата воопшто заигрува на тој чудовишен вмровски злочин.
Невро-гребнатината што ми предизвикува тегобност уште повеќе се прошири, кога ме состасаа детали за апсењето на Јанева: органите на прогон, заедно со осомничената обвинителка, одлучно и без двоумење ги уапсиле и парчињата мебел за кои постои основано сомнение дека биле набавени на сомнителен начин! И, си мислам: можеби јавното обвинителство што 11 години со невршење на својата уставна надлежност непосредно учествуваше во вмровскиот мегазлостор, навистина се разбудило и почнало да го практикува владеењето на правото? Во тој случај ги известувам дека првото што треба да го направат во понеделник наутро, е да го уапсат споменикот на Александар Трети Македонски, а потоа и на татко му Филип Втори и сите други, да ги демонтираат од нивните постаменти и во камион да ги однесат на истото место каде што го чуваат уапсениот мебел на јавната обвинителка. Доказите дека се работи за криминал, злоупотреба на надлежностите, соборување на уставниот поредок, противправна имотна корист и што се не, се достапни, да не речам очебијни, а собрани се и детално документирани и во Елаборатите што Работната група за справување со последиците со т.н. проект „Скопје 2014“, ги има испратено до Министерството за култура, Владата и до Овинителството.
Еве ги накусо, само за Алехандро, како јавна пријава во вид на потсетка. Споменикот на Александар е изграден со цирка 7.500.000 евра, пари украдени од Буџетот на РМ, на сметка на средства наменети за заштита на културното наследство, музејска и кинотечна дејност, што се потоа незаконски уплатени на сметка на Општина Центар, која споменикот го изгради не само како ненадлежен орган, туку со директно суспендирање на законската надлежност на Собранието на РМ. Имено, според членот 5 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја, единствено надлежно за одлучување и подигање на споменици е Собранието на РМ, а за одлуката е потребно и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во РМ. Само на авторката на споменикот ѝ е исплатено на рака (!) 1,6 милиони евра, а во кражбата, рекетот, измамата и злосторничкото здружување, учествуваа практично сите уставни институции на државата што, сметам, е сосем доволно за ангажирање на одделот за организиран криминал, зашто за да биде категоризиран како таков во криминалот треба да се организирале повеќе од 3 лица!
Правната држава, односно владеењето на правото, почитувани читатели, ќе го препознаете она летно и сончево понеделничко утро, кое ќе осамне без фашистичките споменици во центарот на Скопје и со плоштадка на местото на Куќата на Фашизмот, не порано! Очекувам со спомениците да се постапува нежно, зашто ме стасуваат гласини дека прерано разбудената и нерасонета правна држава ја шиканирала уапсената клуб масичка на обвинителката, на ноќната ламба ѝ била пуштана струја, а садоперот бил подложен на тортура со „вотербординг“!?
Слики: Свирачиња