Таинствениот цвет на примирјето

05.01.2020 23:21
Таинствениот цвет на примирјето

Наталиева рамонда

Цветот кој се носи во ревер и претставува амблем на Денот на примирјето се вика Наталиева рамонда. Можеби сте го забележале, па дури и сте го носеле. Можно е овој национален празник да не ве погаѓа премногу и да сметате дека воведувањето на еден непознат цвет во пантеонот на националниот идентитет е невкусnо. Меѓутоа, што и да мислите, веројатно ќе ве изненади прекрасната приказна за Наталиевата рамонда, ретко растение кое има вчудоневидувачка способност да воскреснува откако сосема ќе се исуши.

Имено, празникот е посветен на потпишувањето на примирјето во Првата светска војна, кога на 11 ноември 1918 година генералите од двете завојувани страни во францускиот град Компиен, во еден железнички вагон, го прекинаа најкрвавиот конфликт во дотогашната човечка историја. Република Србија пред седум години го избра овој датум за еден од своите празници, а уредено е и покрај празникот да се одреди и специфичен амблем кој се носи на реверот во неделата пред Денот на примирјето.

Амблемот се состои од две зелени ленти кои асоцираат на лентата на славниот албански споменик и еден виолетов цвет со пет латици. Врската со обележјето од Првата светска војна е сосема јасна, имајќи предвид колку Големата војна и страдањето за време на повлекувањето преку Албанија ја обележаа домашната историја.

Но, каков е цветот кој доаѓа со лентата?

Наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae) е ендемски растителен вид за кој до пред неколку години знаеја само искусните ботаничари и страствените љубители на локалната флора. Станува збор за загрозен и редок вид - ендемит кој живее само на подрачјето на Централен Балкан, во Србија, Македонија и северна Грција.

Му припаѓа на семејството Gesneriaceae и се простира на надморски височини од 350 до 2200 метри. Расте на исклучително непристапни места, главно во клисури, на варовнички карпи и онаму каде што е суво и студено. За националната епопеја во Првата светска војна ја врзуваат токму ваквите подрачја, на кои се одвивале одлучувачките битки во завршницата на војната.

Наталиевата рамонда не е лековита. Таа е повеќегодишно, зелено растение кое има силно подземно стебло, кое ботаничарите го нарекуваат риза. Висока е десетина сантиметри и има неколку цветови. Цветовите се сочинети од четири, а поретко од пет или шест преклопени ливчиња во форма на круна. Круничката главно е виолетова, но понекогаш и бела.

Особено е интересно тоа што Наталиевата рамонда спаѓа во древните, практично фосилни видови. Таа е остаток од субптропската флора, веројатно од Африка, која го преживеала леденото доба и потоа се повлекла во скриените делови на Балканот. Растела уште во геолошкото доба пред Квартарот кое според старата класификација се нарекувало Терцијар (според новата поделба, Терцијарот одговара на периодите Неоген и Палеоген).

Јосиф Панчиќ

Освен што е древна и исклучително издржлива, Наталиевата рамонда има особина која помеѓу 300 000 познати цветови ја имаат само триесет растителни видови. Имено, откако во отсуство на вода сосема ќе се исуши, ова растение може повторно да оживее после малку дожд или залевање. Наводно во 1928 година ботаничарот Павел Черњавски случајно истурил вода во хербариумот во кој имало исушена Наталиева рамонда. И потоа таа оживеала.

Оваа особина која се нарекува анабиоза и денес, особено во ерата на вселенските истражувања, предизвикува возбуда и поттикнува нови истражувања на овој растителен вид. Затоа понекогаш се нарекува и феникс. Но, Наталиевата рамонда ја има оваа особина пред сѐ како реликтно, субтропско растение кое живеело во древни епохи и клима значително поразлична од денешната.

Историјата на откривањето на Наталиевата рамонда делумно се поврзува со таткото на српската ботаника, Јосиф Панчиќ. Инаку, како растителен вид Рамондите се познати од триесеттите години на 19 век кога еден француски истражувач по кој го носат името, ги открил на просторот на денешна Шпанија, во Пиринеите. Но, половина век подоцна, во 1874 година, Панчиќ дошол до значајно откритие кога открил дека рамондите постојат и надвор од Шпанија. Ги открил на територијата на јужна Србија, но заклучил дека станува збор за нов вид кој го нарекол рамонда сербика (Ramonda serbica).

Десет години подоцна, во 1884 година, дворскиот лекар Сава Петровиќ открива дека на Балканот постои уште еден вид рамонда со малку поразлична круничка и поразлични листови. Бидејќи бил на служба во дворот на кралот Милан, Петровиќ на овој вид му го дал името Ramonda nathaliae, во чест на кралицата Наталија. Иако живее на поинакви места, таа повремено живее со српската рамонда на Панчиќ во таканаречената симпатрија. Истражувачите од Биолошкиот факултет во Белград предводени од професорот Владимир Стевановиќ успеаја детално да ги опишат и анализираат овие совпаѓања и простирањето на двата видови.

Век и половина откако го проучил докторот Петровиќ, ќе се покаже дека ова таинствено и издржливо, древно растение кое оживува откако сосема ќе се исуши, ќе стане еден од новите симболи на современа Србија. Потрагата по идентитет, трајни и автентични симболи, која може да се најде во историјата на бројни европски народи, но која во претходните две децении им беше својствена на народите на Балканот, додека постојано се менуваа називите, границите и облиците на државите, во фокусот главно лансираше некои непријатни вредности.

Но, се случи и тоа - така да ни се претстави еден цвет!

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Европа / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото