За лекторцките работи

06.01.2020 11:14
За лекторцките работи



Мислев дека ЗА јазикот никогаш нема да пишувам како лектор туку само како писател. СО јазикот и НА јазикот лекторирам, ЗА јазикот – пишувам раскази (при што несомнено се вклучени и предлозите СО и НА, но со ЗА го потенцирам својот раскажувачки интерес. (Сметам дека имам право на тоа, бидејќи имам објавено десетици раскази, дури и цела збирка „Страдањата на младиот лектор“ каде што јазикот, освен што е средство, е и цел на нарацијата.) Мислев и дека тотално е анахрон „спорот“ за тоа дали јазикот ѝ е слуга на литературата или литературата постои само за да го одржи јазикот во кондиција, во живот,.. ама јазикот не е апарат за вештачко дишење на литературата туку нејзин насушен и кислород и азот. (И јаглероден диоксид, всушност јаглероден моноксид, но тоа е друга тема...) Мислев, исто така, дека во XXI век лингвистиката се срами од бајатиот пуризам и нема да се осмели да го подгрева и да го послужува на маса како „ручек“, макар и за некои нови, прегладнети (или ненаситни) усти и умови. Дека македонистиката дефинитивно заборавила на географијата и засекогаш се помирила со фактот оти добри лектори по македонски јазик можат да бидат едуцирани луѓе буквално од кој било крај во земјава (и од крајниот североисток и од крајниот југозапад, и кумановци и струмичани, и прилепчани и битолчани,.. дури, со доволна едукација, и неродени говорители!).

Таман се порадувавме на Толковниот речник на македонскиот јазик, очекувајќи го и новото, ревидирано и дополнето издание на Правописот на македонскиот литературен јазик, еве нѐ сите повторно напикани во брз воз за движење наназад! Ни се нудат скратени лекторски курсеви (нам, на лекторите!), скрипти за брзо совладување на материјалот од постојните Правопис на литературниот и Речник на македонскиот јазик! Кој лектор со соодветно образование и положен лекторски испит (беше воведен од Министерството за култура во 1998 година) треба да се потсетува дека чуство е чувство, Нова Година – Нова година, дека обожува е обожава, а чаршав е чаршаф? Има ли таков, постои ли таков лектор!? И дали работата на професионален лектор се сведува на вакви корекции кои се надминати кај вредните ученици од четврто одделение? Овој дел од правописот треба да им се „додели“ (покрај останатите нивни сериозни обврски!) на учителките од одделенската настава. Работата на професионалните (не смее ни да има аматерски!) лектори опфаќа многу, многу повеќе. Ве молам да не зборуваме за „послаби“ и „посилни“ лектори во контекстов, за специјализирани за научна литература, за белетристика или исклучително брзоработните во дневните весници или исклучително ретките на порталите,.. зашто на ова ниво нема простор за такви нијанси, овде сѐ уште се учиме да препознаваме основни бои!

Сѐ почна, сѐ се измолкна и грмна од премолчуваното и заташкуваното со години, кога преведувачката Калина Малеска-Гегај се откажа од сопствениот превод на „Хаклбери Фин“ од Марк Твен во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, поради и заради (едното не го исклучува другото, никогаш и никаде!) лекторските интервенции. Според зборовите на Малеска-Гегај, отпечатената книга нема никаква врска со нејзиниот превод предаден во ракопис, изработен на колоквијален разговорен јазик и стил, како, впрочем, и оригиналот. (Да, да, понекогаш, и пред И се става запирка!) Дали смее да се дозволи Хаклбери Фин низ целиот свет, на сите јазици да зборува улично, а само македонскиот да го зборува стандардно, книшки и литераризирано? Светскиот Хаклбери Фин има 14 години и е улично, необразовано дете, македонскиот Хаклбери Фин е писмен, образован и остарен! Смее ли јазикот да презема такви обврски? Да ги менува возраста и потеклото на ликовите? Потоа се рашири лекторската скрипта (наменета за лекторите!) како препорака од комисијата при Министерството за култура како треба да се лекторираат делата од „Ѕвездите на светската книжевност“ (само тие?) која брзо беше оспорена од компетентен лектор – Ружица Пејовиќ (и сите лектори се почувствувавме навредени, сите писатели – понижени. А преведувачите? Тие мора да го пренесат ведрото на уметноста од една до друга река, со најмала можна загуба и на капка „вода“!

Почнувам да се плашам на што би прилегало моето писателство, доколку се извадат или коригираат сите јазични отстапки (кои, патем, со денови сум ги промислувала и со нарација сум го оправдувала нивното постоење во текстот), сите ненормирани зборови како мојата омилена „алина“, на пример, како редица други постојни зборови од кумановскиот дијалект и непостојни, измислени според дијалектниот зборообразувачки стандард, без кои содржината не би можела да застане на свои нозе, оти ѝ треба дијалектизам – бастун! Без кои би се откажала од своето книжевно писмо! „Алина“ и е и не е луња, „алина“ е и не невреме, „алина“ е и не е бура, „алина“ е и не е фортуна! „Алина“ е ненадеен, споулавен ветар што дува само во Куманово и во Кумановско, поточно, во кругот на кумановската болница – мојот реален и фиктивен топос! Веднаш потоа, почнувам да се радувам што сум и лектор, па моите текстови не одат (или не би требало!) да одат на лектура. Но, тоа не е решение! Писателот и преведувачот не мора да бидат лектори, не мора да го јадат и тој леб, иако тие професии нужно подразбираат јазична култура!
Почестена сум со сите разговори што сум ги слушала помеѓу големите јазичари и големите писатели, повеќедневни расправи за (не)исправноста на „приемна“ и/или „гостинска“ соба – за бравурозните и ингениозните дискусии дека креветот, всушност е нештото што ја одредува употребата на придавките „приемна“ и/или „гостинска“ (!), зашто, велеше Коле Чашуле, „подеднакво е скандалозно да се има кревет во приемната соба, колку и да се нема кревет во гостинската соба“, за префорсираните дистинкции помеѓу „прати“ и „испрати“ (не само според категоријата вид, зашто двете форми се свршени!), помеѓу „темнина“ и „темница“, помеѓу „забрза“ и „збрза“, за (не)исправноста на зборовите „праксани“ и „скавжани“ (скарани, ама глаголската придавка е директно изведена од кавга и плус палатализирано!) на Чашуле од кои не ќе се откажеше за ништо на светов... Исто толку сум разочарана од „тивката забрана“ за употреба на именката „галама“ (некому му звучела српски, а македонскиот стандардизиран јазик најчесто и најдолго – „главом без обзира!“ – бегал од него!), иако „галама“ е еден од ретките зборови со индоевропско потекло кој постоел и во старогрчкиот и во средновековниот германски, на пример,.. од најновиот превод на насловот на романот „Оркански височини“, на филмот „Единаесетмината на океанот“, но за ова Бисерка Велковска веќе пишуваше високо компетентно, дури и поучно (по малку и „екс катедра“, во најубавата смисла на изразот!), на одличниот блог за јазикот – Лектор, што го водеа заедно со Маја Катарова.

Јазикот е подеднаква сопственост на сите што го зборуваат. Родените говорители ги создаваат нормите, а не обратното! Јазикот е средство на литературата, нејзин темел, ѕид, тераса! Зависно од писателот. Да му дозволиме самиот да реши дали ќе пишува како што зборува, како што мисли или како што смета дека треба. Да лекторираме со јазична компетентност! Со чувство за различни јазични регистри, стилови, намери... Со заемен респект на секоја одделна алка од издавачката, книжевната,.. културната верига.

Да престанеме да стравуваме (страхуваме, да, знам дека така треба, не ја кршам нормата туку ја правам поеластична!) дека некое ново издание на „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков ќе се појави лекторирано и според скриптата и според Правописот на македонскиот литературен јазик. Да не го дозволуваме тоа! Да не дозволуваме неукоста да ја затвори уката во долап, во ковчеже, во спомен или... да ја кутне в ендек!

(Објавено во „Слободен печат“ на 20.12.2014)

Слики: Vaka Valo