#MeToo: Случајот „Харви Вајнстин" - хроника на еден скандал

07.01.2020 10:09
#MeToo: Случајот „Харви Вајнстин" - хроника на еден скандал

Сѐ почна со еден твит, како и многу други приказни на денешницата, а потоа во најкраток рок прерасна во скандал. Американската актерка Роуз Мекгоуен во твит обвини влијателен американски продуцент од Холивуд, кого не го спомена со име, дека ја силувал. Твитот го објави со хаштагот #WhyWomenDontReport (Зошто жените не пријавуваат).

Твитот излезе токму кога познати американски личности од филмската индустрија и телевизиската бранша мораа да се соочат со јавни обвинувања за сексуално вознемирување, меѓу кои и Бил Козби и познатиот модератор од Фокс њус, Бил О’Рајли.

Иако во филмската индустрија и во Холивуд подолго време кружат гласини за дискутабилното однесување на Вајнстин спрема жените, никогаш не било покренато обвинение. Во 2015. кај њујоршката полиција е пријавено вознемирување против познатиот продуцент, но ни тогаш не било покренато обвинение.

Новинарката на „Њујорк тајмс” Џоди Кантор, која работи на репортажа за сексуално вознемирување на работното место, налетува на твитот на Роуз Мекгоуен и ја контактира актерката за да дознае повеќе детали. Разговорот помеѓу двете жени ја почнува лавината.

Заедно со колешката Меган Твохи, Кантор ги објавува обвинувањата против Харви Вајнстин. Филмската бранша и светската јавност е шокирана. Скандалот што следи доведе до опширна кривична истрага за наводните сексуални напади од некогаш моќниот и влијателен могул од филмската бранша.

Џоди Кантор и Меган Твохи, две репортерки кои го „затркалаа“ скандалот околу Вајнстин

„Се плашела дека Вајнстин ќе ја уништи“

Текстот на Џоди Кантор е објавен на 5 октомври 2017 година во „Њујорк тајмс”. Во него повеќе жени, кои со децении соработувале со Вајнстин како продуцент, го обвинуваат за силување, сексуално вознемирување и заплашување. Актерките Роуз Мекгоуен и Ешли Џад споделуваат безброј интимни детали од нивното искуство со продуцентот. Откако тие го отворија патот, за кратко време се јавија уште жртви на Вајнстин. Само неколку дена подоцна, на 10 октомври 2017, новинарот Ронан Фароу во весникот „Њујоркер” ги објави резултатите од своето истражување за „случајот Вајнстин". Наведува искази на 13 жени кои тврдат дека повеќепати биле сексуално вознемирувани од Вајнстин.

Некои обвиненија датираат децении наназад, а некои се релативно актуелни. Според Фароу, има разумна причина зошто Вајнстин не бил разоткриен порано. Изјавата на италијанската актерка и режисерка Асиа Арџенто најдобро ја покажува дилемата на жртвите: „Тие се плашат дека Вајнстин целосно ќе ги уништи“. Таа знае дека тој веќе уништил многу кариери. „Поради тоа оваа приказна – која кај мене датира од пред 20 години – досега не излезе во јавноста," вели Арџенто. Признанието на жртвите на Вајнстин резултираше во кампањата под хаштагот #MeToo, која стана глобална кампања против сите видови на сексуално насилство и се користи на социјалните мрежи.

Солидарност со жртвите на сексуално насилство

Хронологијата на падот

Извештаите на американските новинари Кантор и Фароу не само што придонесоа за силна реакција на јавноста, туку имаа и драстични последици за Харви Вајнстин и неговите компании за филмска продукција. Првата, „Мирамакс“, ја основаше во 1979 година заедно со брат му Боб. Вајнстин сега изгуби сѐ што градел низ годините како успешен продуцент. Денеска, 6 јануари 2020 година, Вајнстин ќе биде изведен пред судот за да се соочи со обвинението за силување.

Но, што се случуваше во годините помеѓу првите откритија и судскиот процес? Следната хронологија ги содржи најважните моменти во „случајот Вајнстин“ сѐ до покренувањето обвинение против холивудскиот магнат за сексуален напад и силување:

· 5 октомври 2017: Веднаш по објавувањето на првиот напис од Џоди Кантор во „Њујорк тајмс“, Вајнстин за американскиот весник изјави: „Ги почитувам сите жени и жалам за тоа што се случи." Со ова му се закани на весникот со тужба.

· 8 октомври 2017: Вајнстин добива отказ од сопствената компанија „Вајнстин компани“. Му остана само местото во Надзорниот одбор. Компанијата е една од најуспешните продукциски куќи во САД („Читач“, „Немилосрдни гадови“). Вајнстин ја основаше во 2005. заедно со брат му Боб, откако нивната прва компанија „Мирамакс“ му ја продадоа на концернот Дизни.

· 9 октомври 2017: Познати холивудски актери како Џорџ Клуни и Мерил Стрип ги осудија постапките на филмскиот продуцент за кои е обвинет, како „неодговорни“.

· 14 октомври 2017: По појавувањето на нови обвиненија против Харви Вајнстин, Академијата за филмска уметност и наука, организацијата која стои зад доделувањето на Оскарите, донесе одлука за исклучување од своите редови на успешниот филмски продуцент, чие име е едно од најспоменуваните во говорите за благодарност на гала манифестацијата.

· 17 октомври 2019: Вајнстин го напушта и Надзорниот одбор на својата компанија „Вајнстин компани“.

· 11 февруари 2018: Јавното обвинителство на сојузната држава Њујорк покренува обвинение против „Вајнстин компани“ и соопшти дека студиото не успеало да ги заштити женските соработници од сексуално вознемирување и злоупотреба.

· 19 март 2018: Неговата компанија за филмска продукција „Вајнстин компани“ пријавува стечај. Сите договори на Вајнстин за „молчење“ со потенцијално засегнатите жени се поништени, а тие ќе можат слободно да зборуваат на суд, објави компанијата.

· 1 мај 2018: Американската актерка Ешли Џад го тужи Харви Вајнстин.

· 25 мај 2018: Вајнстин се соочува со обвинение за сексуален напад и силување на две жени поради што њујоршката полиција го притвора. Пуштен е на слобода веќе следниот ден со кауција од еден милион долари.

· 5 јуни 2018: Во првиот случај Вајнстин се изјаснува за невин. Во рок од еден месец ќе биде обвинет и за трет случај, во кој исто така се изјаснува за невин.

· 23 мај 2019: обвиненителите работат и на “прелиминарен„ договор за граѓанскиот процес за сексуално вознемирување, во кој отштетата се проценува на 44 милиони долари.

· 25 септември 2019: Џоди Кантор и Меган Твохи, репортерки на „Њујорк тајмс“ ја објавија книгата „Таа рече“, во која детално се наведени обвинувањата против Вајнстин, како и неговите тактики на заплашување за да се спречи објавувањето на истражувачката сторија.

· 5 октомври 2019: Ровена Чен, поранешна асистентка на Вајнстин, во една репортажа на „Њујорк тајмс“ открива дека филмскиот продуцент ја нападнал.

· 11 декември 2019: Вајнстин доби парична казна од државата Њујорк бидејќи неправилно ракувал со електронската нараквица која мора да ја носи поради кауцијата со која беше пуштен да се брани од слобода.

· 11 декември 2019: Постигнат е прелиминарен договор за граѓанските тужби на речиси 30 актерки и поранешни соработнички на Харви Вајнстин. Сумата за отштета која треба да ја плати Вајнстин е 25 милиони долари. Во договорот има една клаузула, според која тој не мора да признае никаква вина. Со ова не се согласуваат сите засегнати жени и планираат тоа правно да го оспорат.

· 6 јануари 2020: Пред судот во Њујорк е закажано првото рочиште од долгото судење. Холивудскиот продуцент Харви Вајнстин е обвинет само во два случаи, сите други инциденти се правно застарени дела.

Извор: Дојче веле

 

ОкоБоли главаВицФото