Младата македонска проза како медицинска дијагноза

07.01.2020 10:52
Младата македонска проза како медицинска дијагноза

(кон „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски и „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, во издание на „Или-или“, Скопје)

Прозните остварувања кои понесоа врвни одликувања („Роман на годината“) за 2015 и 2017, имаат низа меѓусебни порамнувања. Тие се усогласени во изборот на издавач („Или-или“), возраста на авторите (Петар Андоновски, 1987 и Фросина Пармаковска, 1985), но и интроспективниот фокус на романите („Телото во кое треба да се живее“ и „Одбројување“). Заради севкупната воедначеност, овие дела се обработени заедно (во рамките на овој осврт) како претставници на младата македонска проза, а толкувани одделно (во две претстојни продолженија) како два успешни обида за медицинска дијагноза.

Паралелите во делата се провлекуваат на повеќе рамништа, а взаемни надополнувања се бележат на различни страници и стојалишта. Најпрво, рамноправноста се исчитува во стилските постапки. Така, на фактографскиот стил од Андоновски (кој наликува на стенографски запис од опишуваниот судскиот процес), му парира исповедничкиот тон на Пармаковска (кој потсетува на дневнички запис од наративниот лик). Кај Андоновски сите моменти од животот на главната протагонистка (вклучително и оние кои се интимни и шокантни), се редат просто како секојдневни факти. Наведени се суво, без украсување, во целата своја соголеност, а пренесени со известувачка извештеност и емотивна оддалеченост. Од друга страна, настаните кај Пармаковска се предадени со емотивна ангажираност на ликот (односно писателот), и еднакво проследени од читателот. Нејзиниот мисловен процес се одликува со сликовитост и слеаност, па затоа се чита лесно и со заитаност. Всушност, исчекувањето на читателот и (во согласност со насловот) одбројувањето до крајот, претставуваат главна одлика на нејзиното дело. Спротивно на ова „Телото во кое треба да се живее“ има извесна испрекинатост и скоковитост во мисловниот тек, и напати стежнува од потребата за подзапирање и подзамислување, како и навраќање и усогласување на прочитаното со проживеаното.

Всушност, описот на дејствата го диктира различното доживување на делата. Интересно, и двата романа поседуваат нелинеарна структура, испрекршена со спомени и сеќавања, реминисценции и мечтаења. Па сепак, секое од овие дела има свое автентично темпо. На пример, приказната за судијката на Андоновски има дополнителни отстапувања од линеарната патека, кои ја пребојуваат со ониричност и сомрачност, прелевање на реалното во сонот, и епизоди кои наликуваат на премин кон заспивање (хипнагогни) или кон состојба на будност (хипнопомпни халуцинации). Конечно, нелинеарната раскажувачка постапка, Андоновски ја проширува и надградува и со нестабилна временска рамка. Па, брзите премини во глаголското дејство, служат да го потсилат личното време и доживување на протагонистот. Така, настаните без емотивен полнеж за судијката, се редат технички во време кое е конечно, а состојби одбележани со возбуда и нестрпливост, се предадени во време кое трае и е несвршено. Наспроти разликите во времето, ликовите од двата романа дејстуваат во исто место. Тоа е модерно Скопје со препознатливи географски одредници и топоними. Значи, имињата на местата се познати и слични, па сепак имињата на ликовите остануваат впечатливо различни. Поточно, ликовите на Андоновски носат несекојдневни и невообичаени имиња (како Бригита и Томас), а ликовите на Пармаковска имаат имиња кои се усогласени со домашните опкружувања (како Алек, Иван, Даница, Митко). Првите отскокнуваат од скопското секојдневие (и како да го продлабочуваат јазот меѓу фактот и фикцијата), а вторите се вклопени во традиционалното милје (и како да го потсилуваат патријархалниот модел кој е централен за поднебјето и темата).

За медицинската содржина на романите

Главните ликови во двата романи се жени. Сепак, тие припаѓаат на различни возрасни групи и социјални кругови. Судијката е на залезот од кариерата, но таа е финансиски независна жена која дејствува во непосредната работна околина. Затоа, нејзиниот лик е сопоставен на ликовите од професионалното опкружување, како тој на осудениот, на обвинителката, или колешката (записничарката). Од друга страна, централниот карактер во „Одбројување“ е млада сопруга и домаќинка која дејствува во рамки на проширена семејна средина, во постојан сооднос со сопругот и деверот, но и свекрвата и свекорот. Иако двете жени имаат љубовници (со вонбрачна врска која е воспоставена од машкиот, односно женскиот партнер во парот), главната спрега ја чини нивниот сооднос со друг машки лик. Тоа е ликот на осудениот или сопругот, соодветно. Од таму, нарушувањата во односот меѓу судијката и осудениот, или меѓу сопругата и сопругот се ‘рбетот на романот и локомоторниот апарат кој го придвижува заплетот.

Во секој од паровите, психичката промена е припишана на еден од партнерите. Кај Пармаковска, ликот на сопругата останува релативно стабилен и конзистентен, а ликот на сопругот постепено се менува од романтичен до сомничав, со конечна прогресија до психијатриски пациент. Кај Андоновски пак, ликот на осудениот останува пасивен и засенчен, недорасветлен и недоработен. Тој служи за проекција на репресираните нагони и опсесивните мисли на судијката. Севкупно, (поснажната и понежната) половина од овие (реални или замислени) целини, се бори со своите демони и се губи во серија од подеми и неизбежни падови. Во „Одбројување“ постепеното одлепување на личноста од болеста (на сопругот односно пациентот), е документирано со верност и учебничка темелност. Таму лесно се следат наративите на сопругот, кои прогредираат од почетни теории на заговор кон невообичаени идеи на прогон. Се осведочува и необичната љубомора и сомничавост, но и преминот кон патолошка параноидност. Првичната повлеченост и ексцентричност, но и последовалната фамилијарна и социјална изопштеност. Од друга страна „Телото во кое треба да се живее“ е она на судијката која е еднакво повлечена и асоцијална, а со заминувањето на таткото од домот, одбележана од чувство на подреденост и маргиналност. Делото пак, изобилува со симптоми својствени за различни нарушувања, и затоа подлежи на различни толкувања (детален преглед е даден во следното продолжение). Во едно од можните читања, сексуалната репресираност на судијката води до еротоманска опседнатост со осудениот (за убиство на девојка). И така, преку замислената надмоќ над насилникот се постигнува компензација за чувството на немоќ, неизживеаност и неважност. Двата случаи (и параноидната идеација и еротоманската фиксација), се нарушувања во мисловниот процес и делузивни растројства на погодената личност. Во првиот случај тие создаваат чувство на безизлезност кај сопругата, во вториот тие водат до чувство на заробеност кај судијката. Во секој случај, конечната „жртва“ е жената, а главниот „насилник“ средината која ја слави патријархалноста и појавноста, телесноста и површноста, а никогаш личноста.

За писателите и лекарите

Писателите знаат оти сложениот нагон за пишување е рамноправен со простите нагони за преживување (како вдишување и издишување, заситување и напојување, страсно размножување или спокојно мирување). За нив, животот лишен од приказничарење е сведен на штуро живуркање и голо животарење. Зашто другите пориви само ја одложуваат смртта (и заборавот), а приказната е начин да се завладее со животот (и да се слави споменот).

Напати, овој нагон знае така да го згони писателот, што да му го изгони и сонот. Да ги растера сите пориви наедно, па дури и да ги премавне сите заедно, низ потребата да се напише приказна. Тогаш се раѓа творба која продолжува три животи: на авторот и неговото дело (до бесмртност), но и на читателот (со безвремени мигови на исполнетост). Навистина, оние што ги совладале приказните ги совладале и болестите. Оти приказните во својата најширока смисла се своевиден лек. За болестите на духот од човекот и човештвото, на поединецот и општеството.

Ова добро го знаат најдобрите меѓу лекарите кои ги вткаиле приказните во секојдневниот пристап кон болните. Тоа може да се отчита во начинот на кој ги опишуваат и соопштуваат болестите, или во начинот на кој практикуваат терапии кај пациентите. Некои лекари пошле чекор потаму, па низ своите прикази и приказни успешно го доловиле случајот (како Фројд), или општата природа на човекот (како Чехов). Нив литературата ги слави како писатели. Но, само по исклучок, се раѓаат автори кои успеваат да претстават болести, сосредоточено и педантно налик на анамнеза (приказ на случајот), задлабочено и предано како кај вистинска дијагноза (именување на болеста). Тие со право се израмниле со медицинските дијагностичари (заради интуитивноста на своите прикази) и терапевти (заради лечебноста на нивните приказни). Сепак, нив медицината нема да ги признае како лекари. Затоа, овој осврт го пополнува празниот простор, оддавајќи потврда за успешност на двата впечатливи примери од новиот бран македонски романи.

Слики: Helena Perez Garcia