Кон фатаморганата на нашите надежи

08.01.2020 13:37
Кон фатаморганата на нашите надежи

 

Третата деценија од 21. век осамна некни со неверојатно бистро, сино небо, осветлена со ниско утринско сонце кое го просветли хоризонтот над Скопје со несекојдневна прозрачност и висока резолуција на видот. Утрото изгледаше како светлинска метафора за разбудената надеж со која сите ние – како да сме деца што му се радуваат на Дедо мраз – сакаме да ја започнеме новата година. Спонтаната радост и надежта што буди очекувања, меѓутоа, по само еден поглед на вестите од светот, се претвора во тегобност и трепет, во матно и размачкано чувство на страв од иднината. Оваа мачнина ми се всадува под ребрата, предизвикана од сè поизразеното чувство дека светот заглупавува забрзано и неконтролирано, по истата експоненцијална функција како и климатските промени.

Ги читам бестселерите на новата мудрост на веков, кои ги издвојуваат трите најголеми опасности по опстанокот на човештвото: нараснувачката нееднаквост што е без преседан во историјата, зголемената опасност од нуклеарно самоуништување поттикната од плимата на национализми, на „идентитетски“ сукоби и тектонски геополитички поместувања, и, се разбира, климатските промени што му се закануваат не само на човештвото, туку и на целиот екосистем на планетава. Но, премалку осамени гласови, нејаки и безмалку изгубени во општата врева на вулгарни глупоштии, баналности и малограѓанска бучава, укажуваат дека на нашиов свет всушност му се заканува само една единствена вистинска опасност што ги надвјасува трите опишани, што е нивниот причинител и предизвикувач и воедно нивниот врховен и неприкосновен господар – глобалниот капитализам!

Најпрецизната анализа на Маркс и Енгелс

Изгледа неверојатно дека најпрецизната анализа на револуционерната и несопирливо креативна деструкција на глобалниот капитализам – чиешто крешендо веќе го слушаме – ја дадоа Карл Маркс и Фридрих Енгелс, уште пред век и половина, во највлијателниот политички манифест на сите времиња – Комунистичкиот манифест. Во наплив на несомерлива, безмалку пророчка интуиција, Маркс ја направи транспарентна револуционерната, но и сеуништувачка улога на капитализмот, кој ги разорува сите наследени, закостени и застарени општествени односи, ги совладува и брише сите граници, државни и географски, ја совладува природата и материјата како таква, за целата планета, луѓето и сите живи суштества да ги подреди на единствениот рептилски себичен императив на сопственото оплодување, неограничен раст и богатење. Пророчките зборови „сето она што е цврсто и постојано се претвора во воздух и дим, а сè што е свето се сквернави…“ се зборовите со коишто во Манифестот се опишува походот на капитализмот во разнебитувањето на планетата. Постои ли катче од мајката Земја, почитувани читатели, за која денес не се однесуваат овие марксови пророштва?
Во Комунистичкиот манифест е јасно укажано на единствениот иљач што може планетата да ја „излечи“ од глобалниот капитализам. Бидејќи најважното својство на капиталот е што тој нема татковина и не знае за граници, зашто е разорен како експлозија што се шири и тежнее да ги освои сите технолошки достапни простори, единствениот начин за неговото сузбивање и замена со похуман систем на општествено-политички и економски односи е глобалното обединување на неговите жртви. Од таму потекнува и завршното мото на манифестот: „Пролетери од сите земји – обединете се!“

Токму затоа, едно од најмоќните оружја на капитализмот е атомизацијата на луѓето, отуѓување и индивидуализација на жртвите, така што таа подвоеност ќе ја оневозможува, отежнува или разбива секоја форма на човечко и работничко организирање. Најстрашните од арсеналот на оружја за уништување на човечката солидарност и глобалното поврзување на жртвите на капитализмот, се патриотизмот, национализмот, расизмот, религиските и трибалистичките фундаментализми, а на истата „трага“ се и културните и идентитетските исклучивости, што во денешно време се повампирија во последната одбрана на капиталистичката интернационала.

Кога во својата експанзивност ќе предизвика глобална криза – како што тоа беше Првата светска војна, либералниот капитализам се престори во национализам и патриотизам. По најголемата економска депресија на планетата, капитализмот се појави во својата темна алотропска модификација – фашизмот. Од чистотата и посебноста на нацијата, фокусот се префрли на чистотата на расите; денес, тоа се етнонационализмите, идентитетските групи и права, различните по „чистота“ култури. Пак и повторно, истата приказна за манипулација, кретенизација и атомизација, на којашто, за жал, постојано наседнува поголемиот дел од човештвото. Дури и глобално прифатеното еколошко мобилизациско гесло „мисли глобално, дејствувај локално“ е дел од префинетите пропагандни оружја со кои се оневозможува планетарното здружување на жртвите на глобалниот капитал. Да беше Маркс жив, бргу ќе ја „растуреше“ таа флоскула со вистинската мобилизациска: мисли глобално, обедини се и дејствувај глобално!

Нашата болест е малигна и се вика ВМРО

А, во контекстот на овие немирни оркански планетарни хоризонти, какви се приликите во нашево зафрлено и набрчкано парче балканска земја, која многу нејзини жители во заблуда ја доживуваат како библиска? Ние сме во сосема специфична состојба, тукушто излезени од нашиот паланечки мафијашки фашизам, потполно несвесни за орканите што беснеат по планетата, свртени кон фатаморганата на нашите надежи. Се тетеравиме незакрепнати од смртната болест на вмровската диктатура, разнебитени институционално, идејно испразнети и конфузни, но – да, со погледот во вистинската насока. И, за да преживееме, потребно е да сфатиме само едно: нашата болест е малигна и се вика ВМРО. Иако е во ремисија по извршениот оперативен зафат со кој е отстранет „примарниот“ канцер, вмровските метастази се длабоко всадени во сите ткива на исцрпениот општествен организам. Та затоа, сите разочарувања, апатии, изневерени очекувања и гнев, што ги плават нашите чувства, мораат да се сфатат само како слабости на неефикасните терапии, на неделотворните или несоодветните лекарства, на неподготвеноста или на некомпетентноста на здравствените услуги, а не како погрешен избор.

ВМРО не е политичка алтернатива, туку чиста смрт за македонското општество. Така што – како и заборавените пролетери – во 2020 година и нас нè чека уште една тешка година на обединување на сите против вемерото во нас.


Фотографии: Brendon Burton
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото