Божиќна кинотека или: Краток расказ за пролетно убивање птици

09.01.2020 10:29
Божиќна кинотека или: Краток расказ за пролетно убивање птици (божиќен)

Урсула живееше во куќарка со двор во една од најстарите населби во градот и очекуваше секој ден да дојдат од општината да го срушат нејзиното ателје во кое таа ги помина најубавите мигови од животот. На свое огромно изненадување, и на изненадување на соседите. Во последните месеци општината донесе закон дека на тоа место ќе се гради хотел.

Таа фантазираше како наместо хотел, ќе се изгради музеј, и тоа музеј на јаболките. Во своите сонови музејот го викаше „Јаболкон“. Денес тој е најубавиот музеј на светот, но и нејзината куќа стои во средина на музејот, негибната. Како експонат и јаболка истовремено. И капитализмот еволуира. Сѐ дише, пулсира и се менува.

Пред некој ден додека со Борис зборуваа на вибер, рече,„ Кога ќе дојде цунами, не се обидувај да побегнеш или да се спасиш, само фати се за нешто, држи се за тоа и чекај да помине...“ Го заборави контекстот... останаа да ечат зборовите на коментарот, и без тоа непотребен, за кој подоцна сфати дека одел во етерот но не стасал до соговорникот од другата страна. Не можеш да го контролираш животот. Но имаш контрола врз начинот на кој доживуваш. Ти си креатор на сопствените искуства. Само ти. Како најубавите чоколади од детството.

Секогаш можеш да го „смалиш“ доживувањето.

Токму тогаш се појави индијанецот. Умпах влезе во нејзиниот живот како цунами. Таа го нарече Умпах Огнометот, и уште првиот пат кога го виде, го замисли со онаков шлем на главата каков што носеше Обелиск во филмот Астерикс и Он, а една од главните женски улоги ѝ беше доделена на најубавата глумица на светот во тоа време. Кој друг би можел да ја одглуми Клеопатра со таква жестока несличност на оригиналот а сепак уверливо до коска. Италијанка. Жерар де Пардју, немаше ништо заедничко ниту со Французите ниту со Индијанците пред Колумбо, барем не во времето пред Колумбо да сфати дека Америка не е Индија.

Урсула знаеше дека не е во филм. Беше преплавена од микс од емоции. Не знаејќи зошто, можеби инстинктивно вложи натчовечки напори да ја потисне желбата што ја обзеде. Го искористи воздржувањето како начин да го одложи евентуалното страдање што би дошло подоцна како последица на разделувањето. Чудниот триумф над желбата , што во секој миг можеше да биде протолкуван како суета, сепак ја ослободи исконската внатрешна насмевка. Не беше миг да размислува дали е себична, или едноставно отруена со кантовски предрасуди. Урсула се смееше како луда, по којзнае којпат убедена дека животот е комедија. Се подметнаа и неколку мали стравови. Дека ќе водат љубов, тие двајцата, а од скриената камера вградена во ѕидот на Триумфалната Порта подоцна ќе имаат дете што ќе биде производ на последните генетски модифицирани 3де печатачи коишто со голем успех креираа резервни органи, клетки, тела, и разни други помагала коишто служеа за подобрување на животот во населбата во која Урсула ја помина втората половина од својот живот.

- Создаваме карма! – му рече Урсула, додека тој се обидуваше да го поправи казанчето во стариот тоалет на чијшто таван пајаците имаа исплетено пајажина за следните две-три години. Не му рече дека го сака. Од некаква кафкијанска предострожност ги избегнуваше тие реченици коишто би можеле да бидат референтни точки на банална љубовна приказна. Дали е можно водење љубов без секс? Тој наскоро ќе ја напушти земјата, а Урсула ќе мора да се врати на вежбалиштето во дворот, одгледувањето на рукола и минијатурни патлиџани за потребите на новиот македонски правопис. Баш тие денови кога се појави тој, интензивно мислеше за превод на зборот „екстаза“. Според еден стар теолошки буквар што го наследи од својот дедо Грк, буквален превод, најточен но описен за жал: би бил „излегување по надвор“. Нашите стари знаеле за убавината на овој збор уште во времето на полските ве-циња.

- Се гледа дека си далеку. Со нишка тромавост во гласот, прошепоти Жерар.

- Не е време за љубов. Ја пополнувам апликацијата за обновување на органите во стомачната празнина. Мислам дека ќе си отпечатам нова слезинка. Си го гледал „Во дивината“?

- Режисер е Шон Пен?

- Да.

- Не. Треба да го гледам?

- Не мораш. Со тебе би го гледала „Манифест“, со Кејт Бланшет.

 

 Слика: Будимка Поповска

ОкоБоли главаВицФото