Шарли Ебдо, смеата на ангелите и смеата на демоните

09.01.2020 16:03
Шарли Ебдо, смеата на ангелите и смеата на демоните

На 7 јануари 2015 исламистичките терористи сакаа да го убијат „Шарли Ебдо“, но го направија бесмртен.
Интервјуто со Зоран Ѓукановиќ го направи Саша Чобанов.

 

 Кога на 7 јануари 2015 исламистички терористи упаднаа во редакцијата на сатиричниот весник „Шарли Ебдо“ и притоа убија 12 карикатуристи и новинари „одмаздувајќи“ го пророкот Мухамед кој „така сурово и бесчувствително“ беше исмјуваан од тоа сјајно француско списание, веројатно не насетувале каков ефект ќе повлече тоа злосторство. Случајот на „Шарли Ебдо“ го протресе светот можеби и повеќе од очекуваното. Социјалните мрежи се вжештија, неспоивите политички опции се обединија, непријателите станаа пријатели, а сите се претворивме во Шарли. Je suis Charlie.

Типично салонско левичарење или искрена емпатија - на крајот е неважно. Единствено е важно што исламистичките терористи сакаа да го убијат „Шарли Ебдо“, но го направија бесмртен. Преживеаните новинари објавија и нов број, а тој наместо вобичаените 60.000 примероци излезе во милион, распродадени во рекорден рок.

„Ќе продолжиме со објавување бидејќи во спротивно тоа би значело победа на убиецот. Смртта на нашите луѓе не е и не може да биде за ништо“, рекоа преживеаните во „Шарли Ебдо“, а важноста на „Шарли Ебдо“ и на сето она што тој претставуваше, можеби најпластично го сумираше еден граѓанин на Париз: „Сатирата смее сѐ. Само не смее да умре.“

За тоа дали сатирата смее сѐ, дали таа има граници, која е нејзината моќ и што всушност се случило таа кобна среда во редакцијата на „Шарли Ебдо“, зборува Зоран Ѓукановиќ, еден од најрелевантните есеисти и стрип критичари во Европа и политички коментатор.


Што се случи во редакцијата на сатиричиот весни „Шарли Ебдо“, секако, на она повисоко, симболичко рамниште?

Се случи сурово убиство на сатиричарите. Нов вид критичари, додуша, маскирани и со калашникови (претпоставувам дека отсега треба да ги ословувам како колеги) дојдоа да ја оценат сатирата што „Шарли Ебдо“ ја произведува. Масакрот го поставува прашањето за самата природа на смеата. Тоа ја отвори Пандорината кутија одново да се соочиме со два вида на смеа: „смеата на ангелот“ и „смеата на демонот“. Макар по едно прашање нема дилема – „Шарли Ебдо“ се бави со „смеата на демонот“.

Сите знаевме дека се случи нешто што предизвикува тектонско пореметување. Не знаевме точно од колкави гигантски пропорции. За разгорување на темите помогнаа и социјалните мрежи. Проблемот е, меѓутоа, што кога ќе се случи нешто толку цивилизациски скандалозно, ние како да го губиме историското паметење, елементарната способност за поширока контекстуализација, и склони сме да правиме неверојатни редукции на значењето, сведуваме сѐ на политичка агенда („во чиј интерес е тоа?“) или уште попоедноставено, низ теорија на завера („што всушност се крие ЗАД тоа?“).

Секако, се работи за борба за интерпретација, како и за игри за легитимизација на користењето на овој настан за приватни и лични цели. За што говориме кога говориме за сатира и навредени критичари со калашникови? Расправата за хистерична реакција и навредени убијци, кои тврдат дека делуваат во одбрана на достоинството на религијата, се пренесува на расправа за тоа за што ние воопшто говориме кога говориме за „Шарли Ебдо“.

Дали е темата слобода на говорот или треба да ја отфрлиме и да се фокусираме на општествените прашања на маргинализацијата, дискриминацијата на имигрантите, исламофобијата, како и на бруталните воени интервенции низ разните земји? Сѐ се ова совршено точни нешта и важни теми, но на овој начин дискусијата потполно ја губи својата специфичност, а политичката коректност, морализирањето и културниот релативизам растат до контаминација. Главната тема, меѓутоа, останува „Шарли Ебдо“, поточно правото на сатира како неодвоив дел од правата на слободата на говорот.


Дали сметаш дека побунетите новинари и цртачи последниве денови станаа всушност она против што сесрдно се бореа, она што го презираа, па на крајот, поради што и се убиени – симболи?

Да се праша убиениот дали му се допаѓа и дали ја презема одговорноста за тоа кој сѐ дошол на неговиот погреб би било бесмислено и неетички. „Мерилото на зрелоста е способноста за давање отпор на симболите. Меѓутоа, човештвото е сѐ помладо и помладо“, напиша Милан Кундера во книгата есеи „Уметноста на романот“. Наместо да се препуштаме на потребата за генерализациска катарза, ако веќе сме во потрага за нешто поадекватни перспективи, да се сетиме на една што ја постулираше Умберто Еко во првата половина на шеесеттите од минатиот век – перспективата ниту на апокалиптичарот ниту на интегрираниот. Ја сметам за исклучително важна за промислување на теророт извршен над „Шарли“, како и последиците од тој чин.

Како ја толкуваш ерупцијата на ширењето на поддршката на „Шарли Ебдо“ преку социјалните мрежи? Дали мислиш дека е во прашање искрена емпатија или доаѓаме до проблемот на феноменот на сајбер универзум кој е идеална платформа за создавање лажни лица?

Ако „Шарли Ебдо“ беше Роршарх тест проекција за терористите, сето ехо после масакрот е резултат на Роршарх тест на нашата психа. Ова навистина беше момент на Фејсбук катарза. Првиот циклус на реакции е завршен, а се состоеше од неколку бранови. Првиот бран беше ентузијазам и либертаријански вид катарза. Јас сум Шарли! Па потоа, Ние сме Шарли, а разликата меѓу „јас“ и „ние“ секогаш ја сметам за многу важна. Тука веќе се наѕира почетокот не свртувањето кај некои гледачи. Настапува втор бран, бран на циници и оние што на овој вид на смеа се спротивставуваат во име на вкусот, во име на запоставувањето на другите светски несреќи и зла, или во име на стравот. Повеќето од овој вториот бран катастрофално ја промашуваат метата. Сатирата не е прашање на вкус.

Сатирата е врвен тест за слобода на говорот и демократијата. Демократијата не е сѐ што ни се допаѓа, туку и она што сме доволно зрели да го толерираме, и, уште поважно, не го перципираме на хипохондричен или хистеричен начин. Третиот бран е „демистификациски“ и тој највеќе ја промашува метата. Сѐ е лага, а ние брзоплето ќе ви ја лансираме вистината за злата позадина. Веднаш се лансираат теории на завера, теории од типот дека не течело доволно крв при егзекуцијата на муслиманите полицајци (а толку го посакувавме тоа!); ма не го направиле тоа религиозни терористи туку ЦИА; ма сѐ е режија, The Truman Show. Четвртиот бран е ментално репресивен бран кој сфатил дека сатирата подеднакво се однесува и на „нашите свети нешта“ значи католичкото и православното. И со тоа е затворен кругот, се вративме онаму каде и бевме, едни што ја почитуваат демократската слобода, а тие вклучуваат почитување и на она што нѐ заболува и други кои зазираат од демократска слобода – не треба да се провоцира, не е баш сега моментот, никогаш не е моментот... ниту ќе биде.
Се работи исто така за ставање на сите нешта во потполно аисториска перспектива. Внатре во самиот исламски свет, Мухамед и исламот се критикувани и исмејувани од секуларна, рационалистичка, анти-религиска перспектива. Еден од наведените примери е верскиот скептик и ученик Ибн ал-Раванди (827-911), кој, наспроти тоа што ги отфрлал верата и исламот, поживеал долг живот. Раванди, кој минал значаен дел од својот живот во Багдад, сметал дека интелектот и знаењето имаат примат над сѐ останато, дека пророците се непотребни, дека секоја религија е ирационална, дека исламската тадиција е нелогична, а дека чудата се измама.


Дали во вакви случаи е можно да се избегне племенската логика што се препознава во доминантниот медиски дискурс што потенцира колективистичко читање проблеми? Ако сме сите ние Шарли, тогаш и терористите се сите тие.

Што се однесува до сите тие колективистички читања со кои нѐ опсипуваат медиумите туркајќи нѐ да се определиме помеѓу американофилијата, русофилијата, американофобијата, русофобијата, исламофобијата... Филиите и фобиите се ментални играчки за недораснати. Потоа, „западниот против муслиманскиот свет“ како често присутна импликација. Во тој случај разликата помеѓу Џорџ В. Буш и левичарите е што левичарот се вбројува во муслиманскиот свет, и тоа адекватно го нарекле малку перверзен начин Хантингтоновата теорија за „судирот на цивилизациите“ да се потврди.

„Ал Џазира“ за Балкан објави текст кој во насловот вели „слободата на говорот е француски мит“. Јас на тоа додавам: Саудискиот блогер Бадави е осуден поради овој мит на 10 години затвор, со казна од 250 000 долари и 1000 камшикувања. Добро, звучи како тешка казна, НО тој ги навреди, испровоцира и повреди најсветлите вредности и чувства со својата желба за слобода на говорот. Тоа НО е стандардна формулација на релативизација и одрекување: „Не мразам педери, но...“; „Не мразам Цигани, но...“; „Не оправдувам злосторство, но...“; „Ги поддржувам човековите права, но...“

Алишба Зармин, која јавно застана во одбрана на Бадави е храбра активистика, за разлика од нашите културни релативисти, кои од поривот за разбирање на Другиот и Другите култури ги забораваат универзалните вреднсти и права кои мораат да се бранат. Значи, сѐ е на рамниште на споредување бидејќи сме еден човечки род. Инсистирањето на салонските релативисти кои „имаат разбирање за Другиот“ превидува дека на тој начин Другиот всушност останува Друг. Признавам дека кај некои луѓе тоа е важен порив. Еднствено што тоа е слепа улица бидејќи го перпетуира Другиот. Она што е потребно е храброст да се прифатат муслиманите во Европа како вистински Европјани, без било негативна било позитивна дискриминација, како граѓани како и сите други, значи без патронизација биле од левицата било од десницата.

Постојат две опции. Едната е онаа што муслиманите ги смета за одговорни граѓани, способни да се пошегуваат, да се оттргнат и издигнат над нештата. И онаа што муслиманите ги патронизира сметајќи ги за жртви или чувствителни суштества, кои по секоја цена треба да се „сочуваат“ не шокираат. Тоа е случајот на крајната левица и сметам дека тоа е понижувачки кон муслиманската заедница.

Наша единствена одговорност е да го почитуваме францускиот закон. Ние сме француско сатирично списание што излегува во Франција и во некои франкофони земји како Белгија. Не излегуваме во Мароко и во муслиманските земји. Кога тоа би било случај, би ги почитувале локалните закони, попатно пробувајќи да ги унапредиме. Во Франција нема цензура, секому му е препуштено да ги изразува своите ставови како што посакува. Меѓу другото, никого не го присилуваме да нѐ чита, „Шарли Ебдо“ се продава на киосци... Значи, читањето списанија е доброволен чин, никому не му се наметнува. Ова беа зборовите на убиениот уредник.


Која е разликата меѓу прифатливата провокативна сатира и онаа недопустливата? Има ли недопустлива сатира воопшто, односно, смее ли таа да биде недоспустлива?

Не постои. Не постојат две категории, прифатлива провокативна сатира и онаа недопустливата, тоа е влажен сон на умерените. Како да збораваме што е сатира уште од античка Грција до денес, односно од Рим кога во полна мера се разви и го доби своето име, или пак подоцна до ренесансниот Дубровник. Од неа не можете секогаш да очекувате аристократски збогатена духовитост, напротив, сатирична жестокост и острина. И секогаш цензурата од овој или оној вид пробува да прогони и забрани. Сатирата е потсмешлива критика и осуда на општеството. Со неа си играле и Франсоа Рабле во „Гаргантуа и Пантагруел“ и Џонатан Свифт во „Гуливеровите патувања“ и „Приказната за бурето“. Сатирата ги изобличува предметите за да ја открие нивната суштина.

Александар Поуп ја опишуваше сатирата како смртоносна и остра како острицата на ножот што сака да ја „убие глупоста во лет“. Сатиричарот мора слободно да се движи не обѕрнувајќи се на критериумите на граѓанската учтивост. Сатирата не е весело кикотење на веселите досетливци туку исмевање на човековите слабости, маани и глупости со силовита жестина на потсмевот. Под површината, сатиричарот не е „еманципиран“ од општествениот, политичкиот и етичкиот избор, напротив. Застапник е на побуненичката иронија и провокација. Смеата, потсмевот, персифлажата, травестијата, сатирата, сарказмот... Сите овие облици на ироничното имаат многу лица, а секое е врзано за небуквалноста и правото на небуквалност. Некои тврдат дека ироничната небуквалност е во самата природа на книжевноста и уметничкото дело воопшто.

И уште нешто важно. Сатирата не е Мајка Тереза, но никако не е ниту насилство, а овде се говори како поводот да е еднаков на последицата, што е елементарна замена на тези. „Не е потребно да се оди со топови на комарци какви што сме ние. Ако почнеме да се бавиме со дипломатија, нема веќе да бидеме сатирично списание. Нека направат сатирично списание, нека ни вратат мило за драго! Исмевајте ги атеистите, потсмевајте ни се!“, говореше убиениот уредник.

Ова ме потсетува на проблемот со артикулацијата на насилството и процената кој е одговорен на индивидуално ниво на комуникација. Се работи за неразликување на три нивоа: а) вербално карање, исмејување и навреди; б) пасивна агресија; в) активна физичка агресија. Секое од тие три нивоа носи различен тип одговорност. Кога ќе се побркаат во главата тие три ралични нивоа, настапува тотална конфузија и индиректно или директно оправдување на физичко насилство. На тоа меѓу другото се базира насилството врз жените или насилството во семејството. Насилството спрема послабите. Структурата на аргументите е интересно слична: немојте да провоцирате па тогаш вие жените нема да бидете силувани! Мини здолништето е провокација! А пак нејзините бутови се провокативен повик на силување (ако може и групно!). Убавината и еротиката се виновни ако ме излудат, па на жената потоа ѓаволот ѝ е виновен ако ја растргнам!


Мислиш ли дека Исламот како религија е многу почувствителен на критика и исмејување на нивната религија, отколку некои други религии? „Шарли Ебдо“ ги исмејуваше и папата и Исус, па не се случија вакви мешта. Поради што е тоа така? Прашувам бидејќи некое време и живееше на Блискиот исток па можеби имаш некој одговор на тоа.

Мала исправка, не живеев, туку често патував низ годините бавејќи се со развојна помош за независните медиуми во Press Now. Не реагираше Исламот како религија, туку терористите кои се обидуваат со тоталитарна абракадабра да се самопрогласат за застапници на целиот Ислам. Да не им одобруваме и имплицитно честитаме на тоа самоунапредување. Мораме малку да се осврнеме на очигледните примери од 20 век и сегашноста.

Тоталитаризмот е идеологија на натполитизација на сите пори од општеството. Тој не е специфичен ниту сводлив на ниту една нација, држава, култура или религија. Поуниверзален е од поединечните религии и идеологии, а сите религии во одредени историски моменти произвеле обскурантизам и некој облик на тоталитаризам. Религиозниот тоталитаризам структурално е поврзан со нив токму со полагањето право да ги контролира сите сегменти од општествениот живот, вклучувајќи ја и културата, секојдневието и медиумите.

За време на студиите по социологија дојдов до навидум едноставен заклучок. Наместо светото тројство, го воведов следниов принцип во размислувањето: ментално креирај триаголник. Во аглите на тој триаголник се наоѓаат: 1. Групно (нација, вера, раса, пол, сексуална ориентација, професија, членство во партија, филателистички клуб... кое било групно припаѓање) 2. Индивидуално (поединец, неповторлив и затоа свет во својата неповторливост и право на постоење) 3. Универзално (генеричко, човековиот род како вкупност). Како и да се ротира овој триаголник во нашето размислување, ако занемариме кој било од трите агли што се несводливи еден на друг – во проблеми сме. Со методска редукција однапред стануваме склони да се измамиме во заклучувањето.

Воопшто не се работи за напад од страна на Исламот на европските вредности ниту на западната цивилизација. Овде се работи за напад од страна на религиозниот тоталитаризам на демократските вредности и институции кои имаат поуниверзална вредност од западната цивилизација, а сатирата и истражувачкото новинарство се едни од најважните кристализации и институции на демократскиот поредок.

Исто така, „Шарли Ебдо“ не ја исмејува исламската вера и култура туку биготизмот, религиозната ограниченост и хипокризијата од каков било тип, значи воопшто не цели специфично кон Исламот, туку кон секој фундаментализам како еден од производите на трите главни релгии, а не кон нив како такви. Ја осудија секоја инструментализација на религијата. Да се критикува италијанскиот фашизам не значи да се критикуваат Италијанците, како што да се критикува германскиот нацизам не значи да се критикуваат Германците. Иделогоијата, тоталитарна во овој случај, е потребно концептуално да се раздвои од религијата или нацијата, инаку сериозно сме ги побркале нив три во различните видови свест кои имаат различен статус и третман во демократското општество. Токму тоа разликување е показател на остварениот степен на демократизација.


Какво е твоето мислење како еден од најрелевантните стрип теоретичари и критичари за делата што ги објавуваа цртачите не „Шарли Ебдо“? Секако, притоа мислам на уметничката страна. Можеш ли да издвоиш некои дела?

Постојат феномени, креативни групи автори кои се еден вид гешталт, неделива целина. Во нив спаѓаат „Битлси“, внатре во кои е бесмислено да се расправа кој е подобар, Пол Меккартни или Џон Ленон. Стрипот „Сендмен“ како целина серијали издржува дури и различен квалитет на цртачи кои во него соделувале поради вкупниот квалитет и снагата на поетската визија на Нил Гејман, сценаристот. За „Ферал Трибјун“ и „Шарли Ебдо“ важи истото, целината е поголема од своите делови, без оглед што во нив создавале некои многу талентирани луѓе. Во случајот на „Шарли Ебдо“, колку и да е важна цртачката вештина, уште поважно е колку индивидуалниот стил се вклопува во аурата на уредувачката политика и поетика. Намерно велам и поетика бидејќи овој вид сатира е несводлива на рамниште на (мало)граѓанскиот вкус ниту на политичко рамниште.

Во морето анализи на феноменот „Шарли Ебдо“ најдобро се носеа Марко Фанчовиќ со своите компетентни кратки коментари на Фејсбук, Кетрин Гвилијарди на Ал Џазира и Светлана Слапшак со сјајниот есеј „Je suis Charlie: на Европа никогаш не ѝ била попотребна смеа“, во кој покажа не само познавање на историјата на ова сатирично списание туку и суштината на неговата сатирична поетика. Во додатниот текст под наслов „Список за дистанцирање од медиокритети, провинцијалци и раскрварени либерални срца“, напиша: „Шарли Ебдо“ имаше јасни ставови против секаков биготизам, расизам, социјална неправда, растечки фашизам, сексизам, власт, полиција, војска, колонијализам (особено францускиот), експлоатацијата, глупоста од секој јавен вид – некои ЧЕТИРИЕСЕТ години. Јазикот за заби, левичари од вчера, прочитајте по нешто!“


Смее ли некогаш сатиричарот да направи селекција и да ја ублажи острицата? Дали тогаш го губи кредибилитетот? Или секогаш и по секоја цена мора да остане во „отпорот“? Што е тоа ѓаволско што лежи во природата на сатирата?

Сатиричар не е оној кој со објектите на својот убод преговара, се правда или прави со нив договори. Ах, таа опасна смеа. Со смеата се бави и Умберто Еко во романот „Името на розата“ наведувајќи нѐ да се запрашаме зошто не е зачуван вториот дел од Аристотеловата „Поетика“. Криењето од очите на јавноста поради нејзината содржина – афирмативниот говор за смеата – и нејзиното физичко уништување. Преку истрагата на убиство во манастирот се отвораат прашања на верата, политиката... Дали смеата е најголем непријател на Бога, и колку далеку се луѓето способни да одат во одбрана на своите верски начела.

Целиот опус на Кундера е базиран на шега, фарса и поетиката на несогласувањето, почнувајќи од „Смешни љубови“ па преку „Шега“ итн... Во „Книгата на смеата и заборавот“ тој говори за два вида смеа, „смеата на ангелот“ и „смеата на ѓаволот“. „Смеата на ангелот“ е она весело кикотење кое е општествено интегративно и афирмативно, радост што сѐ е така добро обработено, мудро смислено, добро и полно со смисла. Сите цркви, сите производители на облека и козметика, сите генерали, сите политички партии го прифаќаат и користат бидејќи ја пропагира нивната религија, нивната идеологија, нација, пол или нивниот прашок за перење садови.

Ова спаѓа во „демагогијата на ангелот“. Во „смеата на ѓаволот“, пак, спаѓаат потсмевот, персифлажата, травестијата, исмејувањето, сатирата, сарказмот... сите облици на ироничното. Секогаш сум се плашел од личности кои немаат смисла за иронија и сум ги сметал за опасни. Луѓето кои никогаш не се иронични, иронијата не можат да ја доживеат поинаку отколку како навреда, никако како легитимна провокација, предизвик за поеластично мислење.


Која е и колкава е вистинската снага на сатирата?

Истражувачкото новинарство беше во даден историски момент во состојба да предизвика пад на американскиот претседател. Истражувачкото новинарство има право да чепка со прстот во раната. Зошто баш во раната? Зашто тоа е болниот аспект на општеството. Истражувачкиот новинар не смее да се обѕрнува на табуата на општеството. Сатиричарот уште помалку. Снагата на сатирата највеќе се искажува во негативното огледало, ако не сме во состојба да го поддржиме нејзиното право на постоење. Ако општеството не може да ја издржи сатирата или е немоќно да ја одбрани од казната на масакрирање на дванаесет луѓе, тогаш се руши важен аспект на демократскиот поредок, правото на слобода на изразување, едно од неопходните права за општеството да можеме да го наречеме демократско.

Извор: https://www.index.hr/

Слични содржини

Стрип / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото