Бубамара на зрно калинка

09.01.2020 16:33
Бубамара на зрно калинка


Точно пред една година првпат влегов во студиото за тетовирање. Пред тоа, којзнае колкупати ќе се залетав накај влезната врата, но никако не наоѓав сили да го преминам прагот. Ќе ѕирнев срамежливо во најновите изложени скици за тетоважи на излогот, ќе фрлев поглед за да проверам кој е на смена, а потоа, или ќе продолжев по улицата или, многу почесто, ќе влезев во соседната бурекчилница. Така, ги научив напамет половината кинески идеограми, минувајќи „случајно“ покрај излогот.

Но, тој ден не знам што ми стана, како да испари добро познатиот страв ли срам беше, не знам како да го наречам. И кога нешто ќе ми тргне, како и за сите работи, нема сопирање. Со години пред тоа, шкрабав по тони хартии, хамери, платна или ѕидови, а од тој ден и моето тело стана доволно пространа подлога за ликовна експресија. Велам „пространа“, не за друго, туку за да ве потсетам дека веќе признав колку често пред тоа влегував во продавницата за бели печива.

Ако не се лажам, првото што посакав да ми го нацртаат на кожата беше бубамара на зрно калинка. Не знам зошто, но за миг ми се врати старата добро позната колебливост, па така ја премолчив првата желба.

– Од некаде сте ми познат!? – ми се обрати мојата вечна симпатија, држејќи го каталогот со најнови тетоважи во левата рака. Што ќе одберете?

– Oдевме у исто основно и средно уметничко, искачавме на исти места, сегде те следев, дури и кога имав други девојки само на тебе мислев. Сè имам пробано за да не мислам на тебе, ама нема спас. А како ќе ме препознаеш кога сега збира уште тројца во моето огромно тело...

Се разбира, сето ова го премолчив, благо се зацрвенив и побарав да ми нацрта ноќна пеперуга на левото рамо.
– Тешка класика! – прокоментира некој што чекаше на ред.

Откако забележав дека левата рака ја движам со далеку поголема брзина и леснотија од другата, по неколку дена побарав да ми „слета“ пеперуга и на десното рамо. Се разбира, повторно „случајно“ ја погодив нејзината смена! Кога ме боцкаше ме праша дали ме боли. Од твоја рака би пиел дури и рибино масло, помислив.

– Боли малку, ама ќе издржам во име на уметноста – изустив низ устата, наместена за глупава насмевка.
Наскоро на моите тетовирани пеперуги им затребаа цветови, па уште од вратата ѝ побарав да ми насади во кожата барем по неколку трендафили, петунии, џунџулиња, ноќни фрајли, невени, циклами, гербери...

– Немам завршено цвеќарство!

(Знам, заврши Академија во странство и тоа со највисок успех. Ја имаше твојата слика по весници. Но, по неколкуте безуспешни обиди за самостојна изложба во нашава бара, заврши во салонов за тетоважи...)

– Слободно направете цела ливада, не е битно какви ќе бидат цвеќињата, нацртајте ги по ваш избор – прв пат во животот ѝ се обратив со проширена реченица и пак се зацрвенив како бубамара.

И кога нешто ќе ми тргне, тргнало! По неколку дена, побарав на грбот да ми летаат и шетаат и други инсекти и животинки: свилени буби, штурци и вилински коњчиња, мајски бумбари, ретки пајаци, невестулки и црни вдовици. Во следната фаза, побарав на бубалките да им се придружат и најразлични ангели, како на еден од моите омилени албуми Ангели и инсекти. По некои загадочни асоцијативни патишта, на мојот огромен стомак почнаа да се среќаваат митолошки суштества од сите краеви на светот со имиња на (само за мене) значајни луѓе, ама испишани со египетски хиероглифи или кинески идеограми. Еден ден ѝ го подметнав и нејзиното име транскрибирано со арапски букви. Супер се намести: точно над срцето! Додека трпеливо, без да знае, ги ц’цкаше калиграфските букви на
нејзиното име, толку се вцрвив, што сите тетоважи го сменија колоритот. Дури и белата мечка на стомакот. За миг заличив на презреана калинка пред пукање. Како и обично, таа ништо не забележa! Црташе рутинирано и одлучно, чекајќи да ѝ заврши смената.

На секој дел од моето тело секојдневно осамнуваа нови минијатурни цртежи, сцени од стрипови, анаграми, ребуси, цитати од моите омилени книги, заборавени поговорки и шифрирани пораки, испишани со мастила во сите бои. Дури и во деновите кога не го посетував Студиото за тетовирање, имав чувство дека ми изникнуваат нови цртежи и суштества во некој агол од телото: в пазуви, зад уво, меѓу ножните прсти...

Додека еднаш лежев оптегнат на стомак, преправајќи се дека дремам, чув што ѝ шепоти на колешката:

– Ако го фрлам буцково во буре со формалин, можам да го изложам во постојаната поставка во Музејот за современа уметност. Се утепав од цртање. Досега ќе подготвев пет самостојни изложби...

Сега повторно престанав да влегувам во студиото за тетовирање. Пред некој ден, за време на нејзината смена, ме дочека еден новопримен прч, кој уште од врата ми одбруси дека мојата „боди-артистка“ решила засекогаш да го напушти градот и да си ја бара среќата на друго место. Најверојатно преку Барата...

Го пресеков, небаре не ме интересира и спокојно му нарачав да ми истетовира бубамара на зрно калинка. Уште поспокојно ми рече дека на моето тело нема повеќе место.

Ја тропнав вратата и поитав. Знам дека не ви објаснив зошто баш бубамара на зрно од калинка, но тоа ќе ви го објаснам другпат. Сега немам време за губење. Морам да побрзам!

За некоја минута ќе се отвора новата постојана поставка во Музејот. Како знам? Па на неа ќе биде изложена една моја скулптура од „раната фаза“. Не ми е гајле за неа. Ќе ја фрлам, ќе ја истуркам од постаментот, ќе се соблечам ко од мајка роден и ќе застанам на нејзиното место.

Во раката носам плочка со нејзиното име: ќе ја закачам на постаментот, онаму каде што сега стои моето име. Ако има камери, а сигурно ќе има, ќе кажам дека сум нејзиното ремек–дело.

А кога нешто ќе ми тргне, нема враќање.

Не ќе биде чудо ако еден ден го изложат моево тело, т.е., нејзиново дело, во Метрополитен.

Како и да е, белки таа вест ќе стигне некако до неа, каде и да е.

 


Извор: Владимир Мартиновски, ЗООСТОРИИ (Бегемот, 2019)

 

ОкоБоли главаВицФото