Зелениот договор или ќе ја обедини или ќе ја раздели Европа

11.01.2020 10:24
Зелениот договор или ќе ја обедини или ќе ја раздели Европа

Амбицијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, да води „геополитичка“ европска комисија е пред првиот поголем тест. Шефовите на европските држави ќе се состанат за да разговараат за нејзиниот предлог за „Европски зелен договор“, амбициозен проект кој или ќе ја обедини Европската унија и ќе ја зајакне нејзината позиција во светски рамки, или ќе предизвика нова внатре-политичка поделба, која ќе резултира со поделен и ранлив блок.

Потребата за заедничко делување е видлива. Зелениот договор е одговор на забрзаните климатските промени, кои претставуваат егзистенцијална закана не само за Европа, туку за целата планета. Проблемот не познава граници и затоа бара колективно глобално дејствување. Покрај тоа, транзицијата кон економија со нула нето емисии на јаглерод диоксид нуди и големи можности. Со добра стратегија, Европа може да ги зголеми своите технолошки иновации и да го користи одредувањето на цените за емисии на јаглерод диоксид и други фискални политики да ги заштити европските пазари на труд од ниските цени на производство на Кина и други места.

Покрај тоа, преку Европската инвестициска банка, ЕУ веќе има алатка за мобилизирање на огромен капитал за инвестиции во инфраструктура, истражување и развој и други основни области. А, како што тврди Адам Туз, со издавање на зелени обврзници и други „безбедни средства“, Европа може да обезбеди поголема економска независност и да го зацврсти еврото како глобална валута.

Но оваа позитивна визија има неколку дистописки сценарија во кои дебатата за климатската политика создава географски и социоекономски поделби и популистички отпор. Иако климатските промени ги засегаат сите, нејзините влијанија се нерамномерни, исто како што се и трошоците за преминувањето во економија со нула нето емисии на јаглерод диоксид. Во Европа постои опасност нерамномерната распределба на трошоци и можности да поттикне културна војна меѓу исток и запад, помеѓу урбаните и руралните средини итн.

Оваа дебата во Европа е одраз на поширок глобален проблем. Производство на електрична енергија на многу земји во источна Европа сè уште во голема мера зависи од јаглен, и истите стравуваат дека притисокот за нула нето емисии на јаглерод диоксид е скриена форма на протекционизам на напредните економии како Германија. Министерот за енергетика на Полска, Кшиштоф Чоржевски, ја отфрли како „фантазија“ идејата дека Полска – 80% од чие производство на електрична енергија е од јаглен – може да постигне нула нето емисии на јаглерод диоксид до 2050 година и проценува дека трошоците за таквата транзиција би достигнале 1 трилион евра (1,1 трилион долари).

Покрај поделбата помеѓу исток-запад, Зелениот договор може да создаде и политички раздор во секоја земја членка на ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да ја позиционира Франција како глобален лидер за прашањето со климатските промени. Но, обидот на неговата влада да ги зголеми даноците на горивото минатата година пропадна кога милиони gilets jaunes („жолти елеци“) излегоа на улица во знак на протест кон крајот на 2018 година.

Европскиот совет за надворешни односи направи анкета за да добие слика за политичките приоритети низ Европа и откри голема поделеност кога станува збор за политиките поврзани со климатските промени. Околу две третини од испитаниците сметаат дека справувањето со климатските промени треба да биде приоритет, дури и ако тоа значи намалување на економскиот раст. Меѓутоа, секој четврти испитаник не ги смета климатските промени за вистинска закана и се многу позагрижени за исламскиот радикализам и подемот на национализмот.

Жолтите елеци не се единствени. Неодамнешните избори покажаа дека програма како Зелениот договор може да стане мета на критика на популистите и партиите како Алтернатива за Германија (AfD) во Германија и Национален собир (претходно Национален фронт) во Франција.

Откако ќе преминете од прашањето за дали климатските промени се закана на тоа како истите да се решат, доаѓате до една голема поделеност на ставовите кога станува збор за социоекономската праведност и распределбата на трошоците. Дури и во Европскиот парламент, каде што 62% од европратениците имаа зелени платформи, само 56% се согласуваат дека ЕУ треба да спроведе брза транзиција кон економија со ниски емисии. Исто така, само една третина од европратениците се подготвени да преземат строги дејствија против компаниите со високи емисии на јаглерод диоксид.

Општо земено, постојат две идни сценарија за европската климатската политика. Зелениот договор може да стане главната нова цел на Европа, што ќе ја забрза европската интеграција и ќе ја зајакне глобалната позиција на ЕУ во однос на Кина и САД. Или пак ќе стане следната „бегалска криза“, исклучително моќно прашање коешто ја подели Европа на исток и запад и ги мобилизира популистичките сили во земјите низ целиот блок.

За да се оствари првото сценарио потребно е лидерите на ЕУ помалку да ги слушаат моралистите како младата активистка Грета Тунберг, а повеќе прагматичните реалисти кои разбираат дека задоволувањето на барањата на реакционите сили е одамна дел од цената на напредокот. Единствениот начин за успешна имплементација на Зелениот договор е да се понудат големи фискални трансфери на оние кои не се во чекор, за и тие да бидат дел од транзицијата кон чиста енергија. Без европско единство, не може да има ефективен европски одговор на климатските промени.

Марк Ленард е директор на Европскиот совет за надворешни односи.

Слики: Alexis Rockman

Извор: Project Syndicate

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото