Неда Арнериќ (1953 - 2020)

11.01.2020 10:19
Неда Арнериќ (1953 - 2020)

Успешната филмска кариера на Неда Аренериќ започна исклучително рано. Па, поради бројните понуди за улоги, не успеа да ја заврши Академијата за театар, филм, радио и тв, на која се запиша на 16 години. Но, дипломира на катедрата за Историја на уметност, на Филозофскиот факултет во Белград, во 1980 година.

Неда Арнериќ е родена 1953 година во Књажевац, Србија, но целиот живот го помина во Белград. Нејзиниот татко бил воен лекар од Корчула, таа од најрана возраст одела на часови по балет и глума. Првата улога ја остварува во 1966 година, на 13 година во филмот „Сон“ на Пуриша Ѓорѓевиќ, а статусот на ѕвезда на југословенската кинематографија го добива во 1968 година со филмот „Вишња од Ташмајдан“. Последната улога на една од најголемите ѕвезди на југословенската кинематографија е во филмот „Алекси“ на режисерката Барбара Векариќ, кој во 2018 година беше дел од официјалната програма на филмскиот фестивал во Пула.

Активно се занимаваше со политика и беше пратеничка во српскиот парламент од Демократската партија на Зоран Ѓинѓиќ. Имала три бракови, со последниот сопруг, лекарот Милорад Мештровиќ живееше повеќе од 30 години. По неговата смрт се бореше со депресијата. 

За Македонија ја врзува работата на филмот „Исправи се Делфина “, кој го режираше Александар Ѓурчинов. За ова остварување, Неда Арнериќ освои Сребрена aрена, 1977 година, на фестивалот во Пула, како и „ Царица Теодора “ на Нишкиот филмски фестивал.

Арнериќ важеше за секс силмбол во екс југословенската кинематографија. Се прослави со улогите во филмовите „Вишња од Ташмајдан“, „Пладне“, „Неделен ручек“, „ Татко на одредено време“, „Приказни преку полна линија“, „Кој тоа таму пее“, „ Сутјеска, „Валтер го брани Сараево“, „Крајот на војната“ „Халоа“, „Три карти за Холивуд“, „Со грло во јагоди“, „Отпишаните“ и други. Играше и на тв и во театар, а нејзината последна улога е онаа во дуо-драмата „Се извинуваме, многу се извинуваме“, во која настапи со Феѓа Стојановиќ.

За својата работа, Неда Арнериќ има освоено значајни награди и признанија на српското глумиште, меѓу кои се „Павле Вујисиќ“ и плакета од Југословенската кинотека.

ОкоБоли главаВицФото