Илина Арсова ги искачи највисоките врвови на седумте континенти

11.01.2020 11:26
Илина Арсова ги искачи највисоките врвови на седумте континенти

Со искачувањето на врвот „Винсон“ на Антарктикот на 27 декември 2019 година, Илина Арсова стана првата жена од државава која ги искачила највисоките врвови на сите седум континенти.

Целиот циклус траел девет години, иако во меѓувреме, вели, правела многу други работи, во тој период ги искачила врвовите „Аконкагва“ во Јужна Америка, „Килиманџаро“ во Африка, и „Еверест“ во Азија. Потоа, го искачила „Елбрус“ во Европа, „Денали“ во Северна Америка, Карстната пирамида, за на крај, пред околу една недела да го заврши подгвигот на врвот „Винсон“.

„Познавам луѓе кои овој подвиг го реализирале за доста пократко време, сепак според мене, важно е да се истрае и мисијата да се заврши до крај бидејќи за тоа влијаат многу фактори“, изјави Арсова за Радио МОФ.

Покрај физичката спремност, за чие одржување, вели постојано тренира, потребна е добра логистика, а и сериозна финансиска поддршка.

„Највисок меѓу сите е „Еверест“, како највисок на планетава. Најтежок можеби „Денали“ заради немање никаква помош на планината, а „Винсон“ би го сместила трет во низата“, додава Арсова.

На сите овие врвови, освен „Аконкагва“ која го искачила соло и „Елбрус“ соло со скијање, Арсова била во придружба на планинари од државава како и луѓе од други држави.

„Планините се прекрасни особено овие на Антарктикот, ми оставија многу силен впечаток. На помладите би им препорачала да истражуваат и да сонуваат. Да си зададат цел и да се посветат кон нејзино достигнување бидејќи наградата што следи е прекрасно чувство на исполнетост, среќа, себереализација и духовна слобода“, вели Арсова.

Освен мисијата „7 врвови“, во последните десет години искачила шест врвови над 6000 метри, еден од 8000 метри и уште десетина со 5000 метри висина.

Покрај нејзинaта страст за планинарските спортови, Арсова пред неколку години оформила хостел во Охрид, од каде нуди професионални туристички услуги. Била претседателка на месната заедница „Лагадин“ речиси пет години, и преку активизам се залага за зачувување на биодиверзитетот на Охридското Езеро. Покрај ова, таа работи и на промоција на родовата еднаквост во спортот, а направила и неколку домашни и меѓународни изложби на професионален ликовен план.

„Некои од овие ангажмани можеби на моменти ме оддалечувале од фокусот, затоа ми било потребно нешто подолго време. Сепак, старите велат и јас се согласувам; – „сѐ во свое време“, вели Арсова.

Моментално таа работи на последниот проект наречен „This is HERstory“, документарни кратки филмови кои ја раскажуваат приказната за исклучителни жени посветени на спортот.

Извор: Радио МОФ