ЕУ река (14): Sapere aude! Осмели се да знаеш!

12.01.2020 21:09
ЕУ река (14): Sapere aude! Осмели се да знаеш!

Просветителството е човековото напуштање на сопствената незрелост која си ја наметнал себеси. Незрелоста е неспособност да се користи сопствената интелигенција без нечие насочување. Таквата незрелост е самопредизвикана доколку не е предизвикана од недостаток на интелигенција туку од недостаток на одлучност и храброст да се користи сопствената интелигенција без туѓо насочување. Sapere aude! (Осмели се да знаеш!) Имај храброст да ја користиш сопствената интелигенција!, според тоа, претставува мото на просветителството.

Имануел Кант (1724-1804)

Отфрлајќи го авторитетот на традицијата, просветителите барале луѓето да покажат храброст да раскинат со уверувањата и институциите кои не го издржале тестот на разумот и здравиот разум, и да побараат нови патокази изведени од разумот. Во таа мера тие биле ученици на Декарт, кој тврдел дека сомневањето во наследеното знаење е првиот чекор кон откривањето на вистината. Во духот на Декарт, Дидро, главниот уредник на Енциклопедијата, напишал:

Мора да се истражат сите нешта, за нив мора да се дискутира, мора да се истражат без исклучок и без оглед на чии било чувства... Мораме немилосрдно да преминеме преку сите древни детинарии, да ги срушиме бариерите кои разумот никогаш не ги кренал, да им ја вратиме слободата на уметноста и науката, која им е толку драгоцена. Уште одамна ни е потребна епоха на разумот, кога човекот веќе нема да трага по правилата кај класичните автори туку во природата.

Западњаците никогаш претходно немале толку доверба во силата на умот. Разумот бил повеќе од обична апстрактна вежба; бил ефикасно средство за реформа на општеството во времето на просветителството. Бројните примери на неправда, нечовечност и празноверие во општеството ги доведувале просветителите до бес. Зад нивната лојалност кон разумот и светското знаење лежел страсниот морален бунт против институциите и уверувањата кои ги деградирале човечките битија. За овие мислители, филозофијата, науката, историјата и книжевноста, содржеле етичка компонента; тие обезбедувале знаење кое ги унапредувало поединецот и општеството и придонесувалo за среќата на луѓето.

Дидро рекол за Волтер:
Другите историчари ни изнесуваат факти за да нѐ научат на факти. Тоа се прави за во длабочината на душата да се покрене силен отпор против принудата, незнаењето, хипокризијата, празноверието, фанатизмот, тиранијата; а тој отпор останува и кога ќе се изгуби сеќавањето на фактите.

Пол Холбах ја сумира оваа врска помеѓу знаењето и поправањето на човечката состојба, филозофијата и грижата за општеството, и мислата и општественото дејствување:

Незнаењето и ропството се пресметани за човекот да го направат лош и несреќен. Само знаењето, разумот и слободата единствено можат да го променат и да го направат посреќен... Луѓето се несреќни само зашто немаат знаење; тие немаат знаење оти сѐ се здружило за да ги спречи да бидат просветени; лоши се само зашто нивниот разум не е развиен доволно.


Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото