ЕУ река (15): Волтер

14.01.2020 16:51
ЕУ река (15): Волтер

ВОЛТЕР

Франсоа Мари Аруе (Francois Marie Arouet, 1694-1778), во светот познат како Волтер, бил признат водач на француското просветителство. Неколкумина просветители имале помоќен ум, но никој немал поостар дух. Бидејќи поминал повеќе од две години во Велика Британија, Волтер се воодушевувал од англиската слобода, трговијата, науката и верската толеранција. Најострите зборови на Волтер биле насочени против устоличеното христијанство, на кое му ги припишувал многуте недостатоци видливи во француското општество. Тој го сметал христијанството за „празноверно обожавање на Христос“, кое еден ден ќе биде уништено со „оружјето на разумот“. Почитта на Волтер спрема разумот и неговиот презир спрема еден христијански мит, како и досетливиот дух, прикажани се во следниот извадок:

Од сѐ срце би сакал да ја гризнам овошката која виси на дрвото на знаењето, но ми се чини дека забраната таа да се изеде е чудна; со оглед на тоа дека на човекот му дал разум, Бог требало да го охрабри да учи. Дали тој сакал да му слугува некој тапоглавец? Исто така би сакал да поразговарам и со змијата бидејќи таа звучи разумно, но би сакал да знам со кој јазик зборувала.

Многу христијански догми се неразбирливи, рекол Волтер, па сепак, христијаните се колеле едни со други за да наметнат послушност преку таквите доктрини.

Дали Исус е Збор? Ако Тој е Зборот, дали потекнал од Бога во времето, или пред времето? Ако Тој потекнал од Бога, дали исто така е вечен и консупстанцијален со него, или дали тој е од слична супстанца? Дали се разликува од него или не? Дали е составен или зачнат... Дали Светиот Дух е составен? Или зачнат? Или произведен? Или произлегол од својот Татко или од Синот или од двајцата?... дали неговата хипостаза е консупстанционална со хипостазата на Таткото и Синот? Секако, јас не разбирам ништо од ова, тоа никој никогаш не го разбрал, и затоа сме се колеле едни со други. Христијаните лажеле, бегале, мразеле и се екскомуницирале едни со други, заради некои од овие догми кои се непристапни за човечкиот интелект.

Волтер се ужаснувал од злосторствата направени во име на Бога. Го осудувал верскиот фанатизам како „оној што се покажал ноќта на Свети Вартоломеј кога Парижаните трчале од куќа до куќа за да ги избодат со ножеви, да ги заколат и исфрлат низ прозорци своите сограѓани кои не одат на богослужба.“

 

Избор: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото