Добрите и лошите страни на самотијата

15.01.2020 00:58
Добрите и лошите страни на самотијата

Мразиме да бидеме сами. Освен кога сакаме сите да нѐ остават раат. А дали тоа е добро или лошо зависи од тоа дали навистина сме сами или сме ја преминале границата и сме станале осамени.

Нашата култура, напиша Микаела Марини Хигс за Њујорк Тајмс, често ги меша тие две нешта, но е мошне важно тие да се разликуваат. Самотијата може да ни користи ментално, емоционално, дури и на социјален план. Меѓутоа, осаменоста може да има екстремно негативни последици, дури и да предизвика срцеви болести и деменција. Велика Британија ја препознава осаменоста како доволно голем проблем што дури именуваше министер за осаменост за да се занимава со неа.

„Тоа се однесува речиси за секој од нас во одреден момент“, му рече новата министерка на Николас Кристоф. „Може да доведе до мошне сериозни здравствени последици и да води до распаѓање на нашето општество во кое луѓето се изолирани и неповрзани.“

Д-р Вивек Мурти, кој работел како началник на хирургија во САД, специјализирал и интерна медицина и „очекувал дека поголемиот дел од времето ќе го помине занимавајќи се со дијабетес, срцеви заболувања или карцином“.

„Не очекував дека ќе сретнам толку луѓе кои се борат со осаменоста“, вели д-р Мурти.

Потешко е да се утврдат физичките последици од емоционалната штета, но осаменоста ги зголемува хормоните на стресот кои доведуваат до инфламаторни процеси и други проблеми. А луѓето кои се сами поретко одат кај лекар, земаат лекови, вежбаат или се хранат здраво.

„Можеби го презираме дрдорењето на саканите личности, но тоа може да ни го спаси животот“, напиша Кристоф.

Како што наведуваат експертите, важната разлика помеѓу осаменоста и самотијата е во тоа дали се работи за личен избор.

„Самотијата не е секогаш добра, иако понекогаш може да биде“ за оние кои ја разбираат нејзината вредност, истакна Тај-ви Нгујен од Универзитетот Дурам во Британија. „Имаме докази дека вреднувањето на самотијата не му штети на социјалниот живот; напротив, може да го подобри“, затоа што самотијата ни помага да се смириме и ги регулира нашите емоции.

Ангела Грајс која се занимава со невролошки истражувања на два американски универзитети, вели дека „негувањето на чувството на самотија и изборот да се биде сам може да ни помогне да се запознаеме себесеи, да го развиеме чувството за себеси и да откриеме кои се нашите вистински интереси“.

Меган Бруно, терапевтка која пишува за осаменоста, вели дека некои луѓе одлично се снаоѓаат кога се сами: „Многу се поспособни да се соочат со негативните и минливи чувства и не се плашат премногу од нив“.

На оние кои не се чувствуваат пријатно кога се сами, д-р Тј-ви Нгујен им препорачува да почнат со „нешто во што знаат дека ќе уживаат, можеби со нешто што ви помага да се чувствувате попродуктивно или ви помага да се опуштите“.

Лин Роси, претседателка на Центарот за освестена исхрана, верува дека масата за едно лице може да направи чуда.

„Вниманието и самиот чин на негово насочување кон едно нешто одново и одновно, и исхраната исто така, се начин на кој ги вежбаме вниманието и фокусот. На сите би ни користело повеќе внимание и фокус во светот во кој живееме.“

Слики: Li Zhang

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото