Собранието го изгласа Законот за млади

15.01.2020 12:16
Собранието го изгласа Законот за млади

  Со 69 гласа „за“ и 1 „против“ македонското Собрание го изгласа Законот за младинско учество и младински политики кој треба да донесе поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку Национално собрание на млади, локални младински совети и собранија и повеќе сервиси за младите.

Целта на Законот за младинско учество и младински политики, како што стои и во текстот на документот, е да обезбеди креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа, преку повеќесекторски пристап. Законот цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање политики, поттикнување на волонтерство, младински активизам и младинска работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите.

Покрај дефинирањето на младински организации и организации за млади, Законот предвидува и формирање Национално собрание на млади, Национално советодавно тело за младински политики како и Регистар на форми на младинско организирање.

Со новиот закон Владата и општините се обврзани да донесат стратегии за млади со посебни акциски планови, а општините се задолжуваат и да формираат канцеларии за млади и младински центри и да одредат службеник за млади кои ќе бидат посебни сервиси за младите кои произлегуваат од законот.

Во рок од пет години секоја општина треба да овозможи функционирање на најмалку еден младински центар на територијата на општината, а во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон треба да се воспостави истражувачки центар за различни теми поврзани со младите во рамките на Агенцијата за млади и спорт.

На носењето на законот му претходеа дискусии организирани низ повеќе македонски градови, а беа консултирани и младинските организации. За потребата од носење на овој закон имаше консензус од партиите на власт и опозицијата.

Носењето на Законот е своевидно продолжение на процесот кој беше прекинат во 2011 година, кога по многуте реакции на НВО-секторот, а особено на младинските организации, тогашната Влада одлучи да го повлече од Собранието Предлог-законот за млади. Младинските организации тогаш реагираа дека Законот за млади е подготвен без младите, а истовремено е недемократски и ограничувачки за нив. Пред повлекувањето на спорното законско решение, 45 младински организации протестираа пред Собранието, барајќи од пратениците од власта и од опозицијата да не гласаат за спорниот закон.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото