Смеата на осамениот разбојник

15.01.2020 14:02

Би сакал како жена што се сака сѐ да имаш:
мојата песна разбојничка – висок, извиен повит –
бескрајна несовладлива зима бела,
моето грло по него со нокти да ровеш
и мојата девојка возбудлива како вино,
како циганска песна и повеќе од неа врела.

И мојата тага би ја сакал – зар и неа? –
како мозаик оставена по безброј друмски крчми,
од момински срамлив залез до дива полноќ
и мојот волчи бес, волчи крик,
волче око сиво,
и моето чело по кое сенки играат болно
и мојата вечна глад и мојата вечна ситост,
глад за живот и ситост од живот.


И моите другари (секој е од нив на бунт в срце ранет)
и нив би ги сакал со шумот на нивните жили
што секоја ноќ со гроздово млеко горат од занес,
тие сурови јаблани, банда по крв и било,
жилаво отровно горко месо за секој чакал –
и сѐ и сѐ што имам и сѐ што немам
ти сѐ би сакал.

Би ја сакал и мојата студена пештера пуста
тоа змиско гнездо
и мојата пченица како сачма тешка и густа
и мојата светлост, мојот мрак, моите ѕвезди
и сите стапки мои под модрата ничија стреа
и сите наши живи и сите наши мртви
и луњата што плови со дожд и бие со град,
и луњата би сакал да ја имаш, и неа.

И смеата на нашите деца, тој водопад в пена
што шиба со илјада млазја и го разигрува денот
па со неа станува дете влажниот облак темен,
и оној љубовен шепот закопан кришум в сено
и сѐ што сум имал и имам и ќе имам
сѐ би сакал да ми земеш.

Би сакал. Па земи тогаш. И радост и црна мака.
На нишан затоа стојам со девет песни в заби,
со вино в една, со секира в друга рака.
Стрелај ме рамно в очи, таму е омразата моја,
омразата и мојата љубов гладна,
стрелај ме во грло крваво од песни и пцости
и не чуди се што ни мртов нема да паднам.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото