ЕУ река (16): Монтескје

15.01.2020 18:07
ЕУ река (16): Монтескје

МОНТЕСКЈЕ

Монтескје манипулирал со две потенцијално контрадикторни гледишта: со верата во апсолутната норма, односно во природниот закон, и со признанието дека кај различни народи различните услови на опкружување и културната еволуција создаваат различни институции, обичаи и закони. Ова неизбежно доведувало до одредени нејаснотии и недоследности во неговото размислување. Така Монтескје сметал дека законот треба да биде прилагоден на универзалната норма на правдата, но истовремено сметал дека законите треба да го рефлектираат општиот дух на некоја нација, како производ на нејзината посебна физичка географија и историја.

Жестокиот реформатор Монтескје ги користел ученоста, логиката и духот за да ги обвини злоупотребите на своето време - деспотизмот, интелектуалната репресија, верската нетрпеливост, мачењето, милитаризмот, ропството. Во Персиски писма, дело анонимно објавено во Холандија вол 1721 година, Монтескје се подбивал со француските (и европските) институции и традиции, покажувајќи грижа за слободата и толерантниот и хуман дух. Го изнел својот став во форма на писма пишувани од двајца Персијци, патници низ Европа. Монтскје го критикува францускиот апсолутизам, ја слави англиската парламентарна влада и ги напаѓа верските прогони, како во овој коментар за шпанската инквизиција:

Слушнав дека во Шпанија и Португалија постојат дервиши кои не знаат за шега и кои палат луѓе како да се слама. Дури и ако луѓето се колнат дека се правоверни, тие може да не го прифатат тоа и да ги запалат како еретици. За луѓето нема фајде ако ги подвлекуваат разликите, зашто ќе се претворат во пепел пред тие да помислат да ги сослушаат.

Тој исто така ја афирмира верската толеранција:

Христијаните почнуваат да го губат духот на нетолеранцијата кој ги придвижувал. Сега е јасно дека било грешка да се прогонуваат Евреите од Шпанија и да се прогонуваат француските христијани чии убедувања незначително се разликувале од оние што ги имал кралот. Тие сега сфаќаат дека воодушевувањето од ширењето на верата се разликува од должната лојалност кон неа и дека љубовта кон верата и нејзиното уважување немаат потреба од омраза кон оние што не веруваат, ниту од нивно прогонување.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото