Без дно

16.01.2020 15:54

Се остава самиот себе како шара на ќилим. Сегде
низ градот. Афиш е на ѕидишта. И уште
обивач со калауз моќен за многу врати во рајот
на заспаните жени. И стебло е в дрворед згуснат,
жилава кора за гладни ѕверки.
И ѕвер е со бело лице
под кожа со многу сачми.
И морнар без парче едро,
без кормило,
без гумен појас, без бог и ѓавол, морнар
за длабок асфалт, криумчар на љубовен отров.
И бусија зад секое ќоше:
му раснат нокти
и жили
и сабјести заби гладни до корен.
И оди. И плови. И чека. И – ништо:
ја нема...

Чуј, жено, те нема. Ноќва
тој апаш е. Аршин не нашол никој
за неговата мера.
Сите прозорски окна
и сите сенки зад нив
ги краде и ги крие во зениците свои
зад десет решетки црни –
те нема, те нема, те нема...

Во полноќ глув за петли и за крикоскок крвав
на една болничка кола и слеп
за Сатурн, за Уран, за една мала Венера
стои на плоштадот, влажен низ коски до земја,
и бара потсмев во нечии очи,
очи на случаен патник од крчма до последна база
и чека. Сиот е удар.

Чекори патникот сведнат и молчи.
Ги бара по земја сегде своите мртви очи.
Потсмев за него нема.
А тој – морнар без пристан –
витосан во вирје и витли
ја гризе ноќта и стои
гризен од ноќта и мелен.
Само по некоја сенка
кај да го допре, сегде
ќе остави модар белег.
Те нема, жено, те нема.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото