ЕУ река (17): Маркс како критичар на државата

16.01.2020 16:20
ЕУ река (17): Маркс како критичар на државата

КАРЛ МАРКС

Најистакнат од радикалните младохегеловци бил Карл Маркс. Маркс ги задржал општите принципи на Хегел дека историјата содржи една внатрешна логика, дека таа е разбирлив процес, и дека дијалектичката борба ја издигнува историјата од пониска во повисока фаза. Маркс исто така го усвоил уверувањето на Хегел дека човечките битија дејствуваат во рамки на боиштата на историската нужност.

Марксовото инсистирање дека историските околности мора да бидат зрели пред социјалистите да се обидат да го соборат капитализмот било прилагодување на гледиштето на Хегел дека историјата е рационален процес кој поминува низ препознатливи фази. Но додека Хегел верувал дека филозофијата не може да го промени туку само да го толкува светот, Маркс, радикален револуционер, инсистирал дека филозофијата мора да се трансформира во акција, дека таа треба и може да го промени светот.

Според Хегел, државата е духовен ентитет кој го надминува личниот интерес кој незаузадано владее со модерниот економски живот. За Маркс државата е производ на класните спротивности, алатка на класата која има економска моќ. Применувајќи го дијалектичкиот метод на Хегел, Маркс заклучил дека крајот на историјата, условот за вистинска слобода, е бескласното општество, а не пруската држава.

***

Карл Маркс (1818-1883) бил дете на германско-еврејски родители (потомци на истакнати рабини). За да ја спаси својата адвокатска кариера, таткото на Маркс преминал во лутеранизам. Запишан на студии по право, Маркс преминал на филозофија, прифаќајќи елементи од мислата на Хегел. Во 1842 година Маркс уредувал весник кој набрзо потоа го забранила пруската власт заради отворено изречените идеи. Напуштајќи ја својата родна Рајнска област, Маркс заминал во Париз, каде сретнал еден друг Германец, Фридрих Енгелс (1820-1895), кој бил син на успешен произведувач на текстил. Маркс и Енгелс воспоставиле доживотна соработка и станале членови на социјалистички групи. Во февруари 1848 година, го објавиле Комунистичкиот манифест кој, за да се отфрли капитализмот, ја повикувал на револуција работничката класа. Принуден да ја напушти Франција во 1849 година заради своите политички ставови, Маркс заминал во Лондон, каде го поминал остатокот од животот. Иако Енгелс му помагал, на Маркс постојано му недостасувале средства па повремено тој и неговата жена и ќерките живееле во голема беда. Во Лондон Маркс поминал долга низа години пишувајќи го Капиталот (1867) - студија и критика на модерниот капиталистички економски систем кој, како што предвидувал, ќе биде срушен со социјалистичка револуција.

Избор: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото