Медиум на друм (25): Смртта во медиумите

16.01.2020 16:35
Медиум на друм (25): Смртта во медиумите

Како луѓето умираат? Како мислиме дека луѓето умираат? Дали постои разлика?

Во фасцинантната студија од 1979, Пол Словик и Барбара Комбс истражувале колку често различните типови на смрт се споменуваат во вестите. Потоа медиумското покривање го споредиле со вистинскиот број луѓе починати од секоја од разгледуваните причини. Резултатите биле следните:

„Иако 1000 пати повеќе луѓе умираат од болести отколку од убиства, постојат околу три пати повеќе прилози за убиства отколку за болести. Понатаму, прилозите за убиства вобичаено се повеќе од двојно подолги од прилозите кои известуваат за смртни случаи како резултат на болести и несреќи.“

Оттогаш имало уште неколку емпириски анализи со многу слични заклучоци. Едно од истражувањата спроведено во 2016 во САД ги користело следните 4 клучни извори на податоци:

  • Причини за смрт во САД (1999-2016)
  • Трендови на Гугл преберувања за причините за смрт (2004-2016)
  • Споменувања на причини за смрт во Њујорк Тајмс (1999-2016)
  • Споменувања на причини за смрт во Гардијан (1999-2016)

За секој извор авторите го пресметале релативниот процент на смртни случаи, процентот на Гугл пребарувања, и процентот на покриеност во медиумите. Ги ограничиле причините на првите 10 причини за смрт во САД и дополнително вклучиле тероризам, убиство и предозирање со дрога. Ова овозможува да се спореди релативната репрезентација помеѓу различни извори.

Покриеноста во двата весника била впечатливо слична.

Резултатите биле следниве:

  • Околу една третина од испитаните смртни случаи се резултат на срцеви болести, додека оваа причина за смрт има само 2-3% пребарувања на Гугл и покриеност од медиумите;
  • Нешто помалку од една третина од смртните случаи биле резултат на рак; ракот всушност е многу пребаруван на Гугл, 37% од вкупните пребарувања, но од медиумите е покриен само 13-14%;
  • Сообраќајни несреќи се пребарувани почесто од нивниот процент во смртните случаи, но добиваат многу помалку внимание во медиумите;
  • Кога се работи за смрт од срцев удар, пребарувањата на Гугл и покриеноста на медиумите се изненадувачки избалансирани;
  • Најголемата дискрепанца е кај насилните форми на смрт: самоубиство, убиство и тероризам. Сите три добиваат многу повеќе релативно внимание во пребарувањата на Гугл и покриеноста од медиумите од процентот на смртни случаи што ги предизвикуваат. Кога се работи за медиумско покривање за прчините за смрт, насилните смртни случаи сочинуваат повеќе од две третини од покриеноста во весниците Њујорк Тајмс и Гардијан, но предизвикуваат помалку од 3% од вкупните смртни случаи во САД.

Интересно е што пребарувањата на Гугл многу поблиску ја отсликуваат реалноста на она од што умираме отколку она што е претставено во медиумите. Еден начин да се гледа на ова е што медиумите произведуваат содржина што мислат дека најмногу ќе ги интересира читателите, но ова не мора да се поклопува со нашите преференции кога самите пребаруваме информации.

Извори: ourworldindata.org
owenshen24.github.io

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гифови: Kajetan Obarski

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото